Повик за поголема одговорност на институциите и поголема свесност на населението Светскиот ден за борба против ракот е уште еден повод за апел на здравствените организации и здруженијата за борба против ракот до институциите и населението.

Здружението Борка, следејќи ги препораките на Светската здравствена организација [СЗО], повикува на утврдување минимум стандарди за контрола на заболувањата и смртноста од ракот. Меѓународните искуства на СЗО говорат дека стандардите треба подеднакво да се имплементираат за превенција и рана дијагноза, но и за квалитетна грижа на пациентите кои веќе се соочуваат со ракот. Квалитетната грижа подразбира еднаков третман на сите пациенти, редовно информирање за типот на болеста и можностите за лекување, постојана достапност на постоечките современи терапии и вложување во нови знаења и технологии.

– За пациентите со рак битката не е однапред изгубена. Ракот може да биде излечива болест, но само доколку рано се дијагностицира и на време се примени соодветен третман – изјавува Биба Додева, претседател на здружението Борка, во најава на Светскиот ден за борба против ракот.

Населението во Македонија сè повеќе се едуцира за потребата од рана дијагноза, а благодарение на акциите на пациентските здруженија и Министерството за здравство. Следен чекор мора да биде стратешкиот пристап кон обезбедување современи терапии за сите пациенти болни од рак, што директно ќе придонесе кон намалување на смртноста на пациентите, продолжување на животот кај болните од рак и обезбедување квалитет на живеењето наспроти товарот што го носи болеста.

Според клиничките истражувања и светските искуства, современите терапии обезбедуваат продолжување на животот од најмалку 5 години, а во случај на рана дијагноза овозможуваат и целосно преживување. Ваквите терапии се веќе достапни во регионот и во Македонија, за што е потребно покривање на трошоците од страна на државата и информирање на граѓаните за нивната достапност.

Во исто време, Борка повикува и на поголема внимателност на населението. Глобалната кампања за борба против ракот на СЗО потенцира дека главните причинители на малигните заболувања се повеќе ги допираат и децата. Особено треба да се внимава на пропорционална телесна тежина, здрава исхрана, постојана физичка активност, избегнување директни или индиректни контакти со чад од цигари и контролирана употреба на алкохол.

Статистиките за подемот на заболувањата од ракот се доволен показател за потребата од координирано дејствување на глобално и пред се на национално ниво. Бројот на смртни случаи предизвикани од ракот ќе се зголеми од 7,9 милиони во 2007 година, на 11,5 милиони во 2030 година. Бројот на заболени пак, ќе се зголеми од 11,3 милиони во 2007 година, на 15,5 милиони во 2030 година. Како одговор на овие бројки стои и фактот дека 40% од случаите на рак може да се превенираат или излечат.