При крајот на месец октомври во соработка со „Роуз Фондацијата“ од Хјустон – Тексас, локалните организации – „Женски форум“ (Тетово), „Организација на жени Свети Николе“ и „Продолжен живот“ (Струмица), а со поддршка од Американската амбасада во Македонија, „Борка“ ја реализираше првата фаза од проектот Speaker without Borders: Breast cancer awareness campaign. На четири локации низ Македонија – Тетово, с. Пршовце (о. Теарце), Струмица и Свети Николе – нашата ценета гостинка, г-ѓа Дороти Вестон Гибонс (коосновач и претседател на „Роуз фондацијата“) одржа предавања за важноста од превенцијата и раното откривање на ракот на дојка, односно вршење на редовни мамографски прегледи. Меѓу другото г-ѓа Гибонс го пренесе своето лично искуство, но и достигнувањата на Фондацијата во нејзиното 22 годишно работење. Предавањата ги посетија над 200 жени кои по крајот на едукативната сесија имаа можност и лично да разговараат со гостинката. Исто така, беа поделени над 500 едукативни водичи за ракот на дојката.

Проектот ќе финишира во месец март со реализација на т.н. Прошетка за лекот која традиционално се одржува во повеќе светски метрополи, а чија цел е поддршка во истражувањето и воопшто борбата против оваа болест.