genetics-and-colon-cancer.huge.56.284297

Почнувајќи од 2001 година, откриено е дека гените се поврзани со или пак се одговорни за неколку видови на рак, вклучувајќи хронична миелоцитна леукемија, Буркит-ов лимфом, ретинобластом, Вилмс-ов тумор, како и рак на дојка и на дебелото црево.

Мажите и жените од општата популација имаат ризик од околу 6% за развој на рак на дебелото црево во текот на нивниот живот, а просечна индивидуа се дијагностицира со овој  тип на рак на свои 60 до 70 години. Слично како и кај ракот на дојка и ракот на јајниците, повеќето случаи на рак на дебелото црево не се пренесуваат во фамилијата. Сепак, некои случаи на рак на дебелото црево се наследни и може да се резултат на мутација на ген кој ја дефинира подложноста на рак на дебелото црево. Три од најчестите синдроми на рак на дебелото црево се:

Фамилијарна аденоматозна полипоза (FAP)

FAP е синдром во кој поединци развиваат бројни полипи (израстоци) во дебелото црево или ректумот. Нарушувањето се нарекува фамилијарна полипоза или Гарднер-ов синдром. Машките или женските со FAP често имаат стотици пре-канцерогени полипи на млади години, како на пример уште додека се тинејџери или веќе млади возрасни. FAP се должи на мутација во генот наречен APC. Мутациите на овој ген се доминантно наследни. Кај околу 80% од семејствата  врз кои било извршено генетско тестирање врз примерок од крв можела да се најде промената на APC генот што всушност и го предизвикува ова нарушување. Се верува дека 2/3 од лицата со FAP го наследиле мутираниот ген од своите родители. За останатата 1/3 од лицата со FAP се верува дека станува збор за нови (спорадични) мутации, што значи дека промена во APC генот не е наследена од родителите. Поединците со спорадични мутации може да го пренесат мутираниот ген на нивните деца.

Ризици од рак

Поради фактот што лицата со FAP развиваат толку многу полипи во дебелото црево, постои многу висок ризик дека овие полипи, доколку не се отстранат, ќе се развијат во рак на дебелото црево. Поединци со FAP исто така може да развијат преканцерогени полипи и во други органи, како на пример желудникот или тенкото црево. Младите луѓе со FAP исто така може да се изложени на зголемен ризик за развој на тумор во црниот дроб, познат како хепатобластом. Тие исто така се изложени и на зголемен ризик за развој на тумори во другите делови на телото, како што се тироидната жлезда или панкреасот. Машките или женските со FAP исто така може да имаат и други манифестации на болеста. На пример, тие може да имаат цисти или испакнатини на кожата или пак на коските на нозете или рацете или точки налик на пеги во нивните очи.

APC I1307K мутација

Во 1997 година научниците идентификувале друга мутација на генот APC, позната како I1307K. Оваа мутација може да се најде само кај поединци кои се потомци на Ашкеназиските Евреи. Се проценува дека околу 6% од лицата кои се Евреи ја имаат оваа мутација. Мутацијата I1307K сама по себе не предизвикува зголемен ризик за рак на дебелото црево, туку предизвикува APC генот да има поголема веројатност да подлежи на други генетски промени. Овие други генетски промени го зголемуваат ризикот на лицето за развој на рак на дебелото црево. Може да се изврши генетско тестирање на примерок од крв за да се утврди дали поединец ја носи I1307K мутацијата. Кај лице со ваква мутација постои 50% шанса да ја пренесе мутацијата на неговите деца.

Ризици од рак

Лицата кои ја носат мутација I1307K имаат 18% – 30% ризик за развој на рак на дебелото црево во тек на нивниот живот. Во тек се истражувања со цел да се определи дали лицата со оваа мутација исто така може да бидат изложени на ризик за развој на други видови на рак, како што е ракот на дојката.

Наследен неполипозен колоректален карцином (HNPCC)

HNPCC, исто така познат како Линч-ов синдром е состојба во која поединци имаат зголемен ризик за развој на рак на дебелото црево, дури и ако има многу малку или воопшто не постојат полипи во дебелото црево. Се верува дека мутациите во еден од петте гени кои ја одредуваат подложноста на рак се поврзани со најголемиот дел од случаите на HNPCC. Овие гени се познати како hMSH2, hPMS1, MSH6 (сите на хромозомот 2), hMLH1 (хромозом 1) и hPMS2 (хромозом 7). Можно е да се пронајдат т.е. да постојат и други гени кои исто така се поврзани со HNPCC. Мутациите на овие гени се доминантно наследни и може да бидат откриени преку генетско тестирање на примерок крв од пациентот.

Ризици од рак

Поединци со променети HNPCC гени имаат многу поголем ризик за развој на рак на дебелото црево и тоа често на помлада возраст (помалку од 50 години) за разлика од општата популација. Оние со HNPCC мутација се изложени и на зголемен ризик за развој на други видови на рак, вклучувајќи рак на желудникот, уринарниот тракт, жолчните канали, матката и рак на јајниците. Заради тоа се препорачува зголемен скрининг и за овие типови на рак.

Скрининг и опции за превенција

Се препорачува сите лица кои се изложени на зголемен ризик за развој на рак на дебелото црево да подлежат на скрининг тестови за овој тип на рак. Скринингот за рак на дебелото црево се состои од два главни вида на тестови. Првиот тест е наречен сигмоидоскопија. Се изведува со внесување на флексибилна цевка наречена сигмоидоскоп во анусот со цел да се погледне ректумот и долниот дел од дебелото црево. Со оваа процедура лекарот може да види дали има присуство на полипи, но притоа овие израстоци не може да се отстранат. Вториот тест е познат како колоноскопија. Иако е многу сличен на сигмоидоскопијата, разликата е во тоа што му овозможува на лекарот да го види целото дебело црево. Исто така, со употреба на колоноскопот полипите може да биде лесно отстранети истовремено додека трае тестот. Сепак, поради тоа што колоноскопијата е поинвазивен тест, пациентите треба да бидат под седативи. За пациенти кои се со зголемен ризик за развој на рак на дебелото црево се препорачува да подлежат на овој скрининг тест на помлада возраст и почесто за разлика од луѓето од општата популација. На пример, од причина што рак може да се појави кај лица со FAP на рана возраст, се препорачува да се почне со сигмоидоскопија на 11 годишна возраст.

Конечно, мажите и жените со мутација на генот кој ја дефинира подложноста на рак на дебелото црево може да земаат одредени лекови кои се одобрени за употреба кај лица со зголемен ризик за развој на рак на дебелото црево. Единствениот начин да се спречи развој на рак на дебелото црево е да се отстрани дебелото црево во целост. Доколку кај некое лице со FAP, HNPCC или мутацијата I1307K се развие рак на дебелото црево, тоа може да избере да се отстрани дебелото црево. Покрај тоа, доколку поединецот е многу загрижен за развој на рак на дебелото црево тој може да избере да се отстрани дебелото црево пред воопшто да се појави т.е. развие рак. Постојат неколку различни постапки за отстранување на дебелото црево кои овозможуваат лицето да функционира нормално и без него.

Жените со HNPCC мутација исто така може да ја разгледаат опцијата за профилактичко  (превентивно) отстранување на јајниците и на матката.