Дефиниција: поимот гушавост се однесува на абнормално зголемување на тироидната жлезда. Битно е да се знае дека гушата не мора да биде поврзана со пореметена функција на тироидната жлезда. Гушавост може да се јави во жлезда која продуцира премногу хормони(хипертироидизам), премалку хормони(хипотироидизам) или да има нормални вредности на тироидни хормони(еутироидизам). Гушавост укажува на фактот дека има состојба која доведува да тироидната жлезда расте абнормално.

Причини за настанување на гушавост: во светот најчеста причина за појава на гушавост е јодниот дефицит. За разлика од порано, во USA денес јодниот дефицит не е главна причина за појава на гушавост. Тироидната жлезда на може да продуцира доволна количина на тироидни хормони доколку има недостаток на јод во организмот. Следствено, организмот влегува во хипотиреоза. Како последица на оваа состојба, од аденохипофизата се ослободува TSH(тиреостимулирачки хормон) кој ја стимулира тироидната жлезда да продуцира повеќе хормони, со што таа расте во големина и се јавува гушавост.

Hashimoto тироидит е најчеста причина за појава на гушавост во USA. Тоа е автоимуна болест при која сопствениот имун систем создава антитела кои го уништуваат ткивото на тироидната жлезда. Така жлездата не е во состојба да произведе доволни количини на тироиден хормон. Како резултат на намалено лачење на Т4, од аденохипофизата се ослободува голема количина на TSH која ја стимулира тироидната жлезда да лачи Т4 и да се зголеми, што може да доведе до гушавост.

Друга причина која доведува до гушавост е Graves ова болест. Во овај случај сопствениот имун систем продуцира протеин наречен тирео стимулирачки имуноглобулин(TSI) кој ја стимулира жлездата на раст. Исто така, TSI ја стимулира тироидната жлезда зголемено да лачи тироидни хормони, со што предизвикува хипертиреоза. Со зголемената секреција на тироидни хормони, се намалува лачењето на TSH од аденохипофиза, што доведува до неконтролирано лачење на тироидни хормони и раст на жлездата. Следствено, Graves овата болест доведува до хипертиреоза и гушавост.

Мултинодуларните струми се уште една главна причина за гушавост. Луѓето со вакво нарушување имаат еден или повеќе јазли кои предизвикуваат зголемување на тироидната жлезда. Пациентите може да имаат еден голем јазол или повеќе мали јазли кои доведуваат до мало или позначајно зголемување на жлездата. За жал, вистинската причина за настанување на овој тип гушавост сеуште не е разјаснета.

Покрај најчестите причини кои беа наведени, постојат повеќе поретки причини за настанување на гушавост: како резултат на генетски дефект, како резултат на повреда или инфекција на тироидната жлезда или како резултат на тумори(бенигни или малигни).

Дијагноза: Гушавост се дијагностицира при самиот физикален преглед на тироидната жлезда, кога нејзиното зголемување е евидентно. Но самата појава на гуша сугерира на тоа дека кај пациентот може да има некое пореметување во функцијата на жлездата(зголемено или намалено лачење), па затоа треба да се потврди причината за појава на гуша. Преку крвен тест се проверува функцијата на тироидната жлезда(мерење на вредност на Т4 и TSH).

Доколку пациентот со гушавост е во хипертиреоза, тогаш следен чекор е тест за докажување на Graves ова болест. Доколку пациентот е во хипотиреоза, се прави тест за докажување на Hashimoto тироидит или дополнителни крвни тестови за потврдување на овие дијагнози. Останати тестови кои може да помогнат во потврдување на причината за настанување на гушавост се: скен со радиоактивен јод, ултразвук на тироидна жлезда или тенкоиглена аспирациона биопсија.

Терапија: зависи од причината која што довела до појава на гушавост. Доколку гушата настанала како резултат на дефицит на јод во исхраната(не главна причина за гуша во USA), тогаш се препорачува внес на јодни суплементи орално. Ова доведува до намалување на големината на гушата, но често не и до комплетно повлекување.

Доколку гушата настанала како резултат на Hashimoto тироидит и пациентот е со хипотиреоза, тогаш се препорачува тироиден хормон во вид на таблета. Ова доведува до нормализирање на вредностите на тироидни хормони и TSH во крвта, но не и до целосно повекување на гушата. Додека гушата се намалува, понекогаш останува сврзно ткиво кое не дозволува дополнително намалување на жлездата(повлекување). Но, сепак редовната терапија со тироидни хормони ќе превенира дополнително зголемување на жлездата. Иако соодветна кај некои пациенти, хируршка интервенција не спаѓа во рутински третман на гушавост и тироидитис.

Доколку гушата настанала како резултат на хипертироидизам, тогаш третманот ќе зависи од причината за хипертироидизам. Кај Graves ова болест, третман со радиоактивен јод доведува до намалување или целосно повлекување на гушата. Кај пациенти со зголемено лачење на тироидни хормони, како дел од третманот може да бидат Тиамазол таблети дадени орално.

Многу гуши, како мултинодуларната, се проследени со нормални вредности на тироидни хормони во крвта. Овие типови на гушавост не бараат дополнителен специфичен третман, но пациентите се со ризик од појава на хипо или хипертиреоза во иднина. Затоа, без разлика на причината за гушавост, пациентите треба да бидат изложени на континуиран мониторинг. Доколку големината на гушата е со димензии кои го опструираат протокот на воздух, тогаш се препорачува хируршко отстранување на гушата.