Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“, денес 29.09.2008 година, организираше Конференција за рак на дојка. Потребата доаѓа од товарот што ова често заболување го носи врз граѓаните, а особено врз жените на Република Македонија, со најмалку 750 новодијагностицирани на годишно ниво.

На конференцијата која беше модерирана од г-ѓа Весна Петрушевска – Тренкоски, се обратија г. Бујар Османи – Министер за здравство на Република Македонија, г-ѓа Симоне Филипини – Амбасадорка на Холандија во РМ, г. Ален Бергант – Амбасадор на Словенија во РМ и г-ѓа Биба Додева – претседателка на здружението Борка. Конференцијата за рак на дојка ги претстави и сегашните активности на дел од земјите-членки на ЕУ кои значително се посветени на оваа проблематика.

Амбасадорката на Кралството Холандија во Република Македонија, г-ѓа Симоне Филипини, ја потенцираше потребата од свесност и претпазливост на сите граѓани, како и улогата на поединецот во борбата против ракот на дојка. Моќта на здружувањето и мобилизацијата во борбата против ракот на дојка во Холандија резултира со обезбедување на донации во износ од повеќе од 70 милиони евра на годишно ниво, кои се користат за поддршка на пациентите и за развој на нови современи терапии. Во своето излагање, таа истакна и дека главниот фактор во борбата против ракот на дојка во нејзината држава, е силниот самоорганизиран граѓански сектор, во кој учествуваат 120.000 волонтери. Во Холандија со рак на дојка е дијагнoстицирана секоја деветта жена, а меѓу дијагностицираните биле и 71 маж.

Словенечкиот амбасадор, г. Ален Бергант, ги претстави активностите што Словенија ги презеде за време на своето претседавање со ЕУ, период кога Унијата ја постави борбата против ракот, генерално, за еден од своите приоритети.  “Република Словенија започна скрининг програма за рак на дојка, која ги содржи сите елементи потребни да се задоволат европските насоки за ефективна дијагноза, усвоени на европската експертска конференција одржана во април 2008 година”, рече амбасадорот Бергант, и додаде дека 243.243 жени на возраст меѓу 50 и 69 години, се целна популација на оваа програма, кои секоја втора година добиваат покана за скрининг тест. Покрај дијагностичките центри, во рамки на програмата се користат и 6 мобилни мамографи, со капацитет до 15.000 прегледи годишно.

„Државата одвои 10 милиони денари во рамките на програмата за превенција на ракот на дојка, со која сите жени во Македонија ќе имаат можност за бесплатен ехо и мамографски преглед, без разлика на нивниот осигуренички статус”, изјави министерот за здравство на РМ, г. Бујар Османи. Тој се осврна на активностите кои Министерството и релевантните државни институции ги преземаат против ракот на дојка, бенефициите од бесплатните мамографски прегледи, моменталната состојба со онколошките капацитети, како и предизвиците околу обемот и квалитетот на третман кој им се нуди на пациентите.

Конференцијата се реализира во пресрет на октомври – светски месец за подигање на свесноста за ракот на дојка. Основната нејзина цел е да предизвика мобилизација и здружување на повеќе релевантни фактори во процесот на справување со овој вид на карцином. Домашните институции, граѓанските организации, пациентите и меѓународниот фактор имаат важна улога во анимирање на целото општество преку активности кои допираат до легислативата во здравството, свеста кај населението, пренесување на позитивните искуства, како и грижата и третманот на заболените. Сите овие фактори треба активно да учествуваат во овозможување на информираност, редовни прегледи, рана дијагноза, адекватен и навремен третман, но и грижа и поддршка на пациентите заболени од ракот на дојка.