Навременото откривање овозможува заболувањето да се излечи во 95% од случаите
Ракот на дојка е едно од најчестите заболувања кај жените, и во просек се јавува кај една од девет жени. Сепак навременото дијагностицирање значително ја зголемува можноста за целосно лекување и соодветно третирање на оваа болест. Како?
Неопходно е да ја мобилизирате сета свесност за постоењето на болеста и да се обидете да ја откриете во нејзиниот почетен стадиум.

Рана дијагноза
Почетната фаза на ракот на дојка може да се излекува кај повеќе од 95% од заболените. Редовните лекарски контроли се најефикасни за раното откривање и дијагностицирање на болеста, со што се зголемува и можноста за целосно лекување на ракот на дојка.
На жените кои се над 38-годишна возраст им се препорачува да прават мамографија еднаш годишно. Но иако карциномот на дојка се јавува претежно кај жените во менопауза, сепак и ова “правило” подлежи на промени, особено во последните години, кога примерите кај кои е дијагностициран рак на дојка покажуваат дека возрасната граница е во голема мера поместена.
Во светски рамки, младите жени меѓу 20 и 30 години, сé повеќе заболуваат од рак на дојка. Од тие причини, методот на самопрегледување треба да се применува дури од 15-годишна возраст, препорачуваат стручњаците.

Бидејќи ракот на дојка споро напредува, редовните месечни самопрегледи можат да бидат прилично ефикасни во откривањето на првите симптоми.

Навремено откриен рак на дојка има подобра прогноза и подобар одговор кон терапијата. Денес ракот на дојката се смета за болест во чија основа се биолошки причинители. Затоа и многу внимание се посветува на одредување на тнр.биолошки параметри на туморот: статусот на хормонските рецептори (ЕР, ПР) и ХЕР2 статусот (ХЕР2 – Хуман Епидермал Рецептор 2).
Приближно 20-30% од пациентите со карцином на дојка имаат ХЕР2 позитивна болест. Прекумерната експресија на ХЕР2 рано настанува и се одржува во текот на болеста. ХЕР2 позитивниот статус значи лоша прогноза и поагресивен карцином на дојка. Скоро 25% од естроген рецептор позитивните тумори се и ХЕР2 позитивни.

ТЕСТИРАЊЕ ЗА ХЕР2
ХЕР2 тестирањето кај карциномот на дојка во ран стадиум е важно за прогнозата и изборот на третман. Вообичаено, ХЕР2 тестирањето се изведува со IHC или FISH/CISH. IHC, FISH и CISH се адекватни методологии за да се испита ХЕР2 статусот. ICH 2+ случаи треба секогаш повторно да се испитаат со FISH или CISH.
* IHC имунохистохемија.
** FISH/CISH = ин ситу хибридизации

ТРИ КЛУЧНИ ПОРАКИ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ
„Да го знаете Вашиот ХЕР2 статус е важен чекор да Ви се помогне Вам и на Вашиот лекар да го одберете најдобриот достапен третман.“

„1 од 4 жени со карцином на дојка се дијагностицираат со ХЕР2-позитивен
карцином: состојба во која ХЕР2 генот прекумерно се продуцира, предизвикувајќи неконтролиран туморски раст. ХЕР2-позитивните карциноми се многу поагресивни отколку ХЕР2-негативните карциноми.“

„Идентификацијата на пациентите со ХЕР2-позитивна болест е есенцијална за адекватно лекување на пациентите со ран и метастатски карцином на дојка.“