Запечати го ракот на дојкаПо повод балканската недела за борба против ракот на дојка, Амбасадата на САД во Република Македонија, во соработка со здруженијата Борка – за секој нов ден и Македонско женско лоби, денес во Домот на АРМ реализираше едукативна сесија со Д-р Ерни Бодаи, клинички професор од Калифорнија, САД.

Д-р Бодаи презентираше застрашувачки статистики кои говорат за светските трендови на дијагностицираност и смртност од ракот на дојка. Имено, според неговите истражувања во текот на 2008 година биле дијагностицирани 1,3 милиони случаи на заболени од рак на дојка, а 502 илјади не ја преживеале болеста.
Неговите анализи говорат дека во 2017 година, бројот на дијагностицирани од ракот на дојка на годишно ниво ќе се зголеми на 2 милиони.

Генерално, бројот на дијагностицирани од било кој тип на рак во 2008 година изнесува 12 милиони, а 7,8 милиони го изгубиле животот. Тоа претставува 13% од сите причини за смрт во светот.

Како резултат на овие факти, д-р Бодаи станал основач и лидер на глобална општествена акција со единствена цел – обезбедување средства за зајакнување на истражувањата во борбата против ракот на дојка. Ја креирал првата поштенска марка за борба против ракот на дојка, чии приходи целосно се наменети за оваа цел. До сега, марката е продадена во 900 милиони примероци и со тоа се обезбедени над 70 милиони долари.

– Американски пошти сметаа дека нема да продадат ни една ваква поштенска марка, пред се поради повисоката цена, но реалноста покажа дека марката за борба против ракот на дојка стана најпродаваната во Америка. Оваа марка спасува многу животи. Оваа марка е глас кој праќа на навремен преглед – објасни д-р Бодаи.

Истовремено, д-р Бодаи, Амбасадата на САД, Борка и Македонското женско лоби апелираа за прифаќање на оваа поштенска марка и во Република Македонија, со цел обезбедување на средства кои ќе се вложат во активности за навремена дијагноза и адекватен третман на заболените од ракот на дојка.

– Искористете го предизборниот процес за да лобирате до релевантните институции и нивните претставници со цел да им кажете дека Вашата поддршка ќе ја добијат оние кои ќе ја поддржат оваа акција – апелираше д-р Бодаи.

Промоцијата на глобалната поштенска марка со наслов „Запечати го ракот на дојка“ е дел од Балканската недела за борба против ракот на дојка иницирана од Амбасадата на САД во Приштина.

Погледнете ги фотографиите од настанот