Настинка, грип, бронхитис, пневмонија, се почести во есен- зима. Со едукација, хигиена и поголемо внимание на секојдневните животни навики можеме да ја подобриме заштита од нив и да го забрзаме излекувањето.

Есента-зимата подразбира поладно, повлажно, ветровито време, скратување на дневната светлина, односно продолжување на ноќта, поголемо загадување на воздухот во околината. Човекот е дел од природата и сите овие промени неизминливо го засегаат, а тој пак се стреми да се прилагоди кон временските услови.

Како последица на ова, во овој период од годината многу почести се главоболките, течењето на носот, досадна кашлица, болки во грлото, чувство на замор. Овие здравствени проблеми најчесто се банални, поврзани со прелада или настинка, не го нарушуваат сериозно здравјето, но се досадни и влијаат на општата кондиција и расположение. 

Затоплувањето во просториите го суши воздухот, а тоа води до сувост на горните дишни патишта (слузокожата на носот) со што се нарушуваат нормалните одбрамбени механизми, па и можноста за инфекции со вируси и бактерии значително се зголемува. Изложеноста на инфекции се зголемува и заради блискиот меѓусебен контакт,  бидејќи најголем дел од времето го поминуваме затворени,  во загреани просториии кои поретко се проветруваат. 

Сето ова треба да го имаме во предвид и со одредени превентивни мерки можеме делумно да се заштитиме и да останеме во добро здравје во овој период од годината.

Кои се најчестите заболувања во есен- зима и како да се заштитиме од нив и како побрзо да се излекуваме.

НАСТИНКА
За појава на настинките, виновни се дождот, ветрот и промените во температурата и влажноста на воздухот, кои го намалуваат имунитетот поради што сме поподложни на настинки. 

Неопходно е да внесуваме повеќе топли напитоци (чаеви, супа, салеп), витамини. По потреба се зема и симптоматска терапија – најчесто парацетамол, назален деконгестив и многу одмор. Превенцијата од настинка опфаќа и прилагодување на облеката според временските прилики. За зголемување на имунитетот треба да внесуваме повеќе течности, овошје, зеленчук, да ги затоплуваме просториите во кои престојуваме согласно надворешните температури, да имаме доволно сон и одмор. Треба да се има на ум дека редовната физичка активност (вежбање, пешачење, возење велосипед) ја зголемува општата отпорност на организмот.

ГРИП
Грипот е инфективно заболување кое го предизвикуваат вирусите на инфлуенца (најчесто од група А, поретко група Б и Ц). Се јавува во доцна есен и зима и често има епидемиски размери. 

Инфекцијата настанува при контакт со болен од грип. Карактеристични симптоми се: изразено лоша општа состојба, силна малаксалост, изгубен апетит, поспаност, главоболка, дифузни мускуло-скелетни болки, зголемена телесна температура (често висока-39/40 оС), кашлица која најчесто е сува, а неретко може да се јави и повраќање и пролив. Може да се јави и сувост и болка во грлото, болка во градите, во очите. 

Грипот во својот најтежок облик ги засега децата и постарите. Доколку не се третира соодветно, чести се компликациите, заради дополнителна бактериска инфекција: воспаление на белите дробови, синусите, ушите, бронхитис. 

Основна превентивна мерка е избегнување на престој во затворени простории со многу луѓе и контакт со болен. Неопходна е хигиена на рацете (често миење) и просторот (често проветрување), зајакнување на општиот имунитет, вакцинација против грип (се спроведува годишно и веќе е во тек вакцинацијата, особено е важна за повозрасните, болните со хронични заболувања, децата, бремените).

БРОНХИТИС И БРОНХИЈАЛНА АСТМА
Есента- зимата е период со висок ризик за појава на бронхитис, односно за влошување на хроничниот бронхитис, за појава/ влошување на бронхијалната астма, која може да биде алергиска (најчесто полен од коров или мувла, домашен прав) и неалергиска (астма на ладно, на влага, на физички напор). 

И кај бронхитисот, и кај астмата, постојат слични симптоми (кашлица, тешкотии со дишењето, стегање, свиркање во градите) поради што неопходна е консултација со лекар за поставување на дијагноза и третман, како и консултација во однос на превентивните мерки. Ако се работи за алергиска астма, важно е да преземат мерки за елиминирање на контактот со алергенот – чистење на домот и работните простории од влага, од мувла, расчистување на блиската околина, дворот, од исушената вегетација, особено лисја (задолжителна примена на заштитна маска, облека, чевли, спроведување на општи превентивни хигиенски мерки во однос на алергии), прочистување на воздухот во домот и работната околина (Хепа филтри) и зајакнување на општата отпорност на организмот. Доколку се работи за бронхитис или неалергиска астма, се советува да се избегнува престој во ладна, ветровита, влажна средина, да се внесуваат течности, витамини и да се одржува влажноста на средината (40-50%).

ПНЕВМОНИЈА (ВОСПАЛЕНИЕ НА БЕЛИТЕ ДРОБОВИ)
Пневмонија се јавува како резултат од вирусни и бактериски инфекции примарно или поради несоодветен третман на респираторна инфекција на горните дишни патишта и/или поради ослабен имунитет на организмот. 

При појава на зголемена телесна температура, која трае подолго од 3 дена, малаксаност, кашлица, лоша општа состојба, понекогаш и болка во градите, задолжителна е консултација со лекар. Превентивните мерки се исти како и кај настинката и бронхитисот и бронхијалната астма. 

Останати заболувања кои може да се влошат во ладниот период од годината:

СРЦЕВА СЛАБОСТ
Срцева слабост е мошне серизозна состојба која се јавува кај оние со срцеви проблеми. 

Обично, трудејќи се организмот да се адаптира на климатските промени го оптоварува кардио-респираторниот систем, а тоа може да доведе до сериозни последици. Изложеноста на вируси и почестите настинки се ризик фактор за влошување на срцевите заболувања и можност за развивање на срцева слабост. Во овој период од годината треба да се обрне внимание  на општата здравствена состојба и да се зема сета препишана терапија. Поволно делува секојдневното пешачење во тек на 30 до 40 минути, без оптоварување, избегнувајќи ги периодите од денот кога температурите се пониски (наутро и навечер) или кога воздухот е загаден.

РЕВМАТСКИ ЗАБОЛУВАЊА
Ревматските заболувања почесто се активираат во овој период од годината и проследени се со коскени и зглобни болки кои се зголемуваат при пониски температури. 

Со медикаменти (во облик на инјекции, таблети, масти), потоа физикална терапија, затоплување односно избегнување на изложеност на ладно и влажно време, може да дојде до подобрување на симптомите. Ако се јавуваат сезонски зглобни болки, првентивно земете витамини од групата Б и Д, заместители на зглобната рскавица (глукозамин, хондроитин, хијалоуронска киселина), калциум. Облечете се потопло и правете терапевтски вежби (во добро затоплена просторија) за раздвижување на мускулоскелетниот систем, додека на почувствувате болка. 

ДЕБЕЛИНА
Дебелината е природен процес, особено во есен, кога телото акумулира масти како подготовка за зимата која следи. Оваа маст, наталожена, не само на површината со што се менува изгледот на телото, туку и внатре, меѓу органите, може да доведе до разни заболувања пример, зголемен крвен притисок, атериосклероза, дијабет, дислипидемија. Затоа неопходен е правилен режим на исхрана, редовен одмор и сон, како и задолжителна физичка активност.

Совети за добро здравје

  • Есента- зимата почесто води до промени во расположението и депресија. За да ги надминете лошите мисли и да имате подобар сон, напијте се некој смирувачки чај (камилица, жен шен, маточина…), уживајте во музиката која ја сакате, направете си топла купка. Јадете разновидна храна и внесувајте витамини.
  • Не претерувајте со јадење пушена, солена, лута храна, пијте многу сокови, минерална вода, чај од магданос, ѓумбир, зелен чај, коктел од разни билки (бобичести плодови, коњско опавче, мајчина душичка, босилок…).
  • Имајте редовна физичка активност (вежбајте, пешачете, возете велосипед), внимавајќи на неповолните фактори од околината (ниска температура, влажност, загаден воздух, ветер..).
  • Често мијте ги рацете, тие се извор на многу инфекции.
  • Проветрувајте го просторот каде престојувате, избегнувајте контакт со болни од грип.
  • Внимавајте на сувиот воздух – во есен, поради ветерот и ниските температури (ако нема врнежи), воздухот е посув, а тоа неповолно влијае на белите дробови и на кожата. На ова се надоврзува и неповолниот ефект од загревањето на просториите (дома, на работа, во кола), па затоа е битно да внесувате доволно течности.
  • земајте ја редовно препишаната терапија.

Во зависност од тегобите, нивната тежина и времетраење, консултирајте лекар.