Опис

Витамин А е еден од четирите витамини растворливи во масти, кои се неопходни за добро здравје. Тој има важна улога како антиоксиданс со тоа што го превенира оштетувањето на клетките од слободните радикали. Соодветни количини се важни за добар вид, а намалениот вид навечер е еден од првите симптоми за недостаток на овој витамин. Тој, исто така, е неопходен за правилна функција на имунолошкиот, скелетниот, респираторниот и репродуктивниот систем, како и сврзното ткиво (кожа, коса и нокти).

Употреба

Соодветни количини на витамин А несомнено се потребни за одржување на доброто здравје. Тој е од суштинско значење за правилно функционирање на ретината, каде што може да дејствува со цел превенција на ноќно слепило, како и да го намали ризикот за макуларна дегенерација, којa е најчеста причина за слепило кај постарите лица. Постојат и докази дека соодветни количини на витамин А во форма на каротеноиди можат да го намалат ризикот од одредени видови на рак, срцев напад и мозочен удар.
Исто така го зајакнува и имунолошкиот систем. Не е се уште разјаснето дали суплементите на витамин А го имаат истото дејство како природно внесениот витамин А со исхраната, кај лица кои немаат дефицит на витамин А. Земањето на витамин А не е препорачливо да се прави без претходна консултација со лекар.

Vitamin-A

Препарати

Природни извори

Постојат две основни форми на витамин А. Ретиноидите, се активните форми на витаминот А, кои се наоѓаат во производите од животинско потекло, како месо, полномасно млеко и јајца. Црниот дроб е особено богат со витамин А, со оглед на тоа дека е еден ос складиштата во случај на вишок на витамин А. Прекурсорите на витаминот А – каротеноиди се наоѓаат во портокаловиот зеленчук и зелјестите растенија како што се слатки компири, моркови, спанаќ, тиквички, зелка, кељ и репки. Највисоки нивоа на витамин А има во свежиот зеленчук па потоа во замрзнатиот и најмалку во конзервираниот. Подготвувањето на зеленчукот над пареа, негово печење или пржење, ги ослободува каротените кои ги содржи. Алфа и бета каротените, како и некои помалку познати каротени, можат да се конвертираат во витамин А, во тенкото црево. Ова се случува кога на организамот му е потребно витамин А, и затоа нема можност од предозирање, како што е случај со активните форми.

Суплементи

Суплементите можат да ја содржат активната форма на витаминот или неговиот прекурсор. Активната форма на витаминот може да биде подобра за оние лица кои имаат проблеми во конвертирањето на каротеноидите во активен витамин, како на пример кај лицата постари од 55 години кои имаат проблеми со апсорпцијата на маснотии. Во вакви случаи, исто така може да се користи ретинил палмитат, форма на витаминот А која е растворлива во вода. Каротените исто така ги има во препарати на база на вода како и на база на масло.

Единици

Постојат  неколку единици за изразување на активноста на витаминот А. Многу суплементи се означени со старата ознака ИЕ (интернационални единици), иако понова и поточна единица е Ретинол Еквивалент (РЕ). Новата единица мерка прави разлика во апсорпцијата на ретинолот и бета каротенот. Еден РЕ е еднаков на еден микрограм ретинол или шест микрограми на бета каротен.

Дози

Возрасни не треба да земаат повеќе од 25 000 ИЕ (5 000 РЕ) на ден витамин А во активна форма, а кај бремени жени или оние кои планираат да останат бремени лимитот е 10 000 ИЕ (2000 РЕ), поради неговата токсичност за фетусот. Најдобар начин за внес на витаминот А е преку исхраната, но во случаи на нутрициски дефицит потребни се суплементи. Подобро е да се користат каротеноиди како суплементи отколку ретиноиди, за да се избегнат токсичните ефекти. Внесот на храна богата со каротени е корисна во намалувањето на ризикот од рак, срцеви инфаркти и мозочни удари.
Дефицит на витамин А

Доволно ниски нивоа на витамин А за да предизвикаат симптоми на дефициенција, се невообичаена појава кај луѓе од развиениот свет кои се со добро здравје. Симтомите на дефицит на витамин А, вклучуваат: намален апетит, намалена функција на имунолошкиот систем со чести инфекции (особено респираторни), опаѓање на косата, осипи, сува кожа и очи, проблеми со видот вклучувајки и ноќно слепило, намален раст и замор. Обично симптомите се појавуваат после подолготраен дефицит на витамин А. Недостаток на витамин А е поверојатно да се да се појави кај лица кои се потхранети, како алкохоличари, хронично болни, како и оние со нарушена апсорпција на масти. Друга група на лица со зголемен ризик за дефицит на витамин А се болни од дијабет тип 1, кај кои болеста не е добро контролирана. Луѓе со нормално здравје и исхрана имаат значителна резерва витамин А. Во земјите каде што нутрициониот статус има тенденција да биде
сиромашен и недостатокот е почест, е откриено дека витамин А ја намалил стапката на смртност на децата кои страдаат од голем број на различни вирусни инфекции.
Експертите во растителната генетиката работат на вид на ориз кој содржи бета каротен, надевајќи се дека ќе им помогнат на луѓето од земјите во развој да се избегне ризикот од
витамин А дефицит. Познат како “Златен Ориз”, овој вид е испратен до истражувачките институти во развиените земји за натамошно истражување.

Ризик фактори за дефицит на витамин А 

Внес на РДА на витамин А, ќе го превенира дефицитот на витамин А кај повеќето луѓе, но во одредени случаи, потребни се повисоки дози на витамин А. Кај оние лица кои консумираат алкохол, поверојатно е дека ќе се јави недостаток на витамин А. Исто така и на лица кои земаат одредени медикаменти, вклучувајќи орални контарацептиви, метотрексат, холестипол, холестирамин и други лекарства кои ја секвестираат жолчката, им се потребни повисоки дози на витамин А. Потоа на пациенти кои се потхранети, хронични болни, постоперативни или пациенти на радијациона или хемотерапија, исто така им се потребни повисоки дози од вообичаените.  Други состојби кои можат да доведат до недостаток на витамин А се хронична дијареа, цистична фиброза и болести на црниот дроб и бубрезите. Болни од дијабетес, често имаат дефицит на витамин А, но исто така се поподложни на неговите токсичните дејства, затоа пред да се почне со употреба на било какви суплементи, треба да се консултира лекар. Најдобро е суплементите да се земаат во форма на каротеноиди, за да се избегне токсичноста на активната форма на витаминот А. Препораките за дневен внес на бета каротен варираат помегу 6 и 30 мг на ден, најчесто 15мг на ден.

Мерки на претпазливост

Предозирање може да се случи при земање на големи дози од активната форма на витаминот. Поголемите количини кои нема да се искористат од организмот, се складираат во црниот дроб и масните ткива. Симптомите вклучуваат, суви усни и кожа, болка во коските и зглобовите, хепато- и спленомегалија, дијареа, повраќање, главоболки, заматен или двоен вид, конфузност, иритабилност, замор и напната фонтанела кај бебиња. Симптомите најчесто се реверзибилни, но треба да се побара лекарска помош. Многу високи нивоа на витамин А може да доведат до дефицит на витамин Ц, Е и К. Симптомите најчесто се појавуваат после 6 часа од акутно предозирање и потребни се неколку недели тие потполно да исчезнат. Децата се посензитивни на високи нивоа на витамин А, отколку возрасните, затоа кај нив посебно треба да се внимава на дозирањето.  Посебно е значајно да се избегне предозирање за време на бременост, поради можност за спонтан абортус и деформации на фетусот. Пациентите со болести на бубрезите исто така се со висок ризик за токсичност од витамин А и не смеат да земаат суплементи на витамин А без претходна консултација со лекар.

Има некои докази дека суплементите со бета каротен го зголемуваат ризикот за рак на белите дробови  кај пушачи, затоа пушачите треба да консултираат лекар пред да почнат да земаат било какви суплементи на витамин А. Студијата CARET (Beta Carotene and Retinol Efficacy Trial) го демонстрираше овој ефект. Појаснување преку повеќе студии е сеуште потребно, иако доказите покажуваат дека бета каротенот, заедно со другите антиоксиданси е фактор за превенцијата на рак.
На пример, еден тим од американски истражувачи неодамна ги провери доказите дека витамин А штити против ракот на мочниот меур, додека група во Германија ја тестира аеросол формата на витамин А за превенција на рак белите дробови. Некои од помалку познатите каротеноиди може да се клучните фактори во поврзаноста помеѓу внесот на витаминот и појавата на рак.

 

Несакани ефекти

Многу високи нивоа на каротеноиди (каротенемиа) можат да предизвикаат портокалова дисколорација на кожата, која што е транзиторна и безопасна.

Интеракции

Витамин А суплементи не смеат да се земаат заедно со други ретиноидни лекови, како isotretinoin (Аccutane), поради висок ризик од токсичност. Диета со низок внес на масти ја нарушува апсорпцијата на сите липосолубилни масти, вклучувајки го и витаминот А. Минерални масла и антациди кои содржат алуминиум, како и лекарства за намалување на холестеролот, исто така ја инхибираат апсопцијата на витамин А. Голем број на супстанци ги намалуваат резервите на витамин А, тука спагаат: алкохол, барбитурати, кофеин, кортизон, тутун и многу високи дози на витамин Е. Прекумерна употреба на витамин А и алкохол може да доведе до оштетувања на црниот дроб. Земањето на соодветни дози на витамин Ц, витамин Е, цинк и селен, како и мали количини на масти, ја подобрува апсорпцијата и употребата на витаминот А и каротеноидите. Испитувањата направени кај деца и бремени жени со феродефицитна анемија покажале дека оваа состојба подобро се третира со комбинација на суплементи на железо заедно со супламенти на витамин А, отколку само со суплементи на железо.