Меморандум за соработка потпишаа денеска Здружението за борба против рак „Борка“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“.Главниот извршен директор на „Аџибадем Систина“ Јордан Камчев на прес-конференција рече дека борбата со ракот не почнува со дијагнозата туку многу порано со редовните прегледи, а за таа цел годинава заедно со Здружението „Борка“ ќе ја организираат најголемата кампања во борба против канцерот.- Ќе ги посетиме сите поголеми градови во Македонија, а врвниот тим специјалисти ќе им бидат на располагање на граѓаните со цел да ја подигнеме свеста за ракот и да ги едуцираме граѓаните за важноста од дијагнозата при редовните прегледи. Сите ќе имаат можност бесплатно да се консултираат со докторите. Првиот дел од кампањата која ќе се реализира во мај ќе биде посветена на карцинот на дојка како најчест карцином кај жените. Од септември фокусот ќе бидат најчестите карциноми во земјата, посочи Камчев.

Од пред три месеци, нагласи тој, овозможивме најсовремен третман на канцер со отворање на Центарот за онкологија, радиотерапија и ПЕТ центарот.

– „Аџибадем Систина“ во грижата кон овие болни направи уште еден чекор, овозможи попуст за сите пациенти со канцер на кои им е потребно снимање на ПЕТ скенот, рече Камчев.

Тој посочи дека одлучиле вториот акцелератор кој го имаат во „Аџибадем Систина“ и е ист како оној на Клиниката за онкологија, за да не чекаат пациентите да им го стават на располагање, по истите цени и за истите услуги кои Фондот за здравствено осигурување ги покрива на Клиниката за онкологија, односно радиотерапијата за пациентите да биде без партиципација. Додаде дека предлогот во врска со тоа ќе го достават до Фондот за здравствено осигување на Македонија.

Претседателот на Здружението „Борка“ Биба Додева рече дека караванот „Напред розово“ кој годинава ќе го организираат заедно со „Аџибадем Систина“ ќе се одржи на 17 мај, со цел да се подигне свеста кај луѓето за навремени прегледи.

Македонска Шурдовска, член на Здружението „Борка“, рече дека таа пред 10 години се соочила со карцином на дојка. Посочи дека многу се грижела за нејзиното здравје и ги слушала советите на лекарите дека превентивата е клучот на излекувањето на една болест.

– Во мојот случај карциномот на дојката го открив со самопреглед по што отидов на прегледи. Се прифатив храбро. Многу е хумано себеси да си признаете „јас сум само една од тие жени“. Главната битка е во самиот пациент. Пациентот треба да сфати дека таа болка е лична и треба лично да ја совлада. Имав среќа заради раното откривање на карциномот, проблемот се реши оперативно и немаше потреба од хемотерапија, од зрачна терапија, истакна Шурдовска.

Нагласи дека била на петгодишна терапија која довела до таков успех таа со нејзината позитивна енергија и заедно со нејзините доктори да се избори со болеста.

– Го продолжив нормалниот живот, кој за момент застана. Проклето е тешко како да му објасните на детето, а треба да биде информирано. Јас сум мајка на четири деца и беше тешко да им се објасни затоа што тие знаеја дека болниот од рак треба да умре. Проклето е тешко е да му го објасниш тоа на сопругот. Сето тоа е надминливо ако сопствената желба, сила и спремност да се борите постојат кај вас, а тогаш постојат начини. Тоа и го кажувам на секоја жена на СОС линијата во „Борка“ или на средби, додаде Шурдовска.

Извор: МИА