Додека бев здрава личност во една релативна смисла на зборот верував дека животот е волшебен. Уживав во моментите кога излегував со пријателите и кога моите денови беа исполнети со убави и вистински  доживувањa. Возбудливи шетања по годишни одмори, продолжени викенди и постојаните предизвици во секојдневието околу мене.

Но, потоа се случи немил настан кој ми го промени целиот мој живот. Беше тоа лето 2016 година.

После две недели поминати на јонското крајбрежје на четврти јули се вратив во Скопје. За прв пат во животот почуствував како енергијата ми се намалува. Почнав да ја губам силата, а во текот на попладневните часови по враќањето од работа се чувствував  исцрпена. Се обидував да најдам многу изговори и оправдување на се тоа што ми се случуваше, се додека  на шести јули не открив една промена на моето тело. Од таа ноќ неповратно ми се промени целиот мој живот. Тоа беше единствената бенка што ја имав од моето раѓање на цело тело, лоцирана  на листот од мојата десна нога. За само неколку дена од обична бенка прерасна во големина на орев и целосно потемне и се испакна. Во прв момент не знаев што да правам. Бев целосно збунета. Чекав нетрпеливо да се раздени и уште во седум часот наутро се упатив кон Клинички центар. По прегледите на одделот за кожни болести истиот ден  добив препорака за итен преглед и најбрза хируршка интервенција до одделот за пластична и реконструктивна хирургија со дијагноза малиген меланом на кожа. Оперативниот зафат беше на 15 јули 2016 година со локална анастезија. Резултатите од биопсијата покажаа дека се работи за малиген меланом на кожа вклучувајќи го и колкот.

На само четири изминати месеци од извршените снимања отидов на нов преглед и мислење од втор доктор во Бугарија. По извршеното пет скен снимање таму се појавија сосема други резултати.

Меланомот веќе беше појавен и на други делови од  телото и по препорака на онколозите  веднаш започнав со зрачење, а потоа и со примање на хемотерапија. Вкупно примив пет во комбинација со имуно терапии. Во целиот период  додека ги примав терапиите имав страшни болки по цело тело, чести гушења, омалаксаност, главоболки, повраќање и губење на  апетит. Но и покрај сите примени терапии и користење на разни сумплименти и алтернативна медицина мелаономот не исчезнуваше. Напротив се појави во зголемен облик и во внатрешна форма и по други делови на телото. Бидејки брзо се ширеше по лимфните јазли препораката на онколозите беше да се направи нова операција и да се отстранат сите новопојавени меланоми. Така на 27.06.2017 година бев оперирана повторно на Одделот на пластика. Операцијата беше со спинална анастезија и траеше повеке од седум часа и пост оперативно останав хоспитализирана десет дена од кои четири дена бев целосно неподвижна. Повторно материјалот кој беше изваден по препорака на втората екипа на хирурзи кои ме оперираа го дадовме на анализа на патологија. Резултатот што го добив по едномесечната анализа беше многу постаршен од првичниот. Болеста заземала толкав замав што и покрај сите примени терапии и лекарства јас дојдов до четвртиот стадиум на малиген меланом на кожа вклучувајќи го и колкот. Повторно бев пратена на одделот за онкологија каде што овој пат по извршените радиолошки снимања на Клинички центар и дополнителните испитувања на Медицинскиот факултет беше одлучено да почнам со примање на таргет германска онколошка терапија која воедно е и десет пати појака од хемотерапиите .Со новата терапија почнав на 09.08 2017 година и на само помалку од 14 дена на консумирање на дозата во комбинација со инфузии завршив со хоспитализација од 5 дена  на одделот за онкологија поради тешка алерија и гушење. Од тогаш, па наваму вклучувајки ги и викендите поради чести алергиски реакции и гушења секој ден го поминувам со неколку часовен престој на онкологија. Меланомите се уште си ги носам и тоа не само како рецидивот на оперираните подрачја, туку и на други нови делови на телото.

Драги мои пријатели, Ви посакувам од се срце да бидете здрави, среќни, весели, безгрижни и исполнети со пријатни чуства и позитивни мисли. Сакајте се себеси, почитувајте ги луѓето околу Вас, радувајте се и на најмалите ситници, и бидете благодарни на се она што Бог ви го подарува. Кога ке се разбудите наутро заблагодарете се на светлината што ја гледате, на воздухот што го дишете, на водата што ја пиете, на храната што ја јадете. Уживајте во секој миг и час од денот. Секој од нас е градител на својот живот,па затоа обидете се да сами си направите секој ден да Ви биде волшебен и посебен.

Тамара Станкоска