Брусницата (Vaccinium Macrocarpon) е зимзелена грмушка која дава темноцрвени плодови и расте во шумите и планините на САД, како и во многу други региони насекаде низ светот.

brusnicaМедицинската употреба на ова растение е позната со векови-индијанските народи на Американскиот континент го користеле плодот од свежа брусница за лекување на рани и изгореници, а Англичаните ја користеле зготвената брусница за лекување на различни заболувања, како што се: намален апетит, крвни болести, дигестивни и уринарни заболувања и сл.

Брусницата содржи цитрична киселина, флавоноиди, танин, антоцијанини, растителни влакна, висока концентрација на витамин Ц, витамин А и Б, калциум, фосфор и железо. Поради високата концентрација на витамин Ц таа покажува антибактериски и антиоксидантни својства и првенствено се користи за превенција и третман на инфекции на уринарниот тракт.

Антиоксидантните супстанци во брусницата се познати како проантоцијаниди кои спаѓаат во групата на антоцијанозиди. Проантоцијанидите ги превенираат инфекциите на уринарниот тракт со тоа што го спречуваат развојот на бактериите во мочниот меур. Брусницата има антибактериски, антивирален и антигабичен ефект и истражувањата покажуваат дека таа го спречува задржувањето на бактериите во организмот (посебно на E. coli, Proteus, и Helicobacter pylori- бактерија која предизвикува гастритис и чир на желудникот и дванаесетпалачното црево.)

Покрај уринарните инфекции, брусницата може да помогне и кај уринарна инконтиненција (задржување на урината), камчиња во бубрезите и инфекции кои можат да се јават при катетеризација, може да го намали нивото на LDL холестеролот во крвта како и ризикот од кардиоваскуларните и канцерогените заболувања.

Употреба:

 

– За превенција и третман на инфекции на уринарниот тракт;

– Се препорачува кај акутен и хроничен циститис, уретритис, уринарна инконтиненција, камчиња во бубрезите;

– Го прочистува и го одржува во здрава функција мочниот меур;

– Превентивно се користи за заштита од повторѕвачки уринарни инфекции.