Девета традиционална розова прошетка „Напред розово 2017“ за поддршка на болните од рак на дојка.

Симболична розова прошетка во организација на здружението „Борка- за секој нов ден“ се одвива под мотото  „Напред розово“, поддржана од  повеќе од 1.500 граѓани, ќе се одржи во недела на 1 Октомври, на Плоштад Македонија. Целта на оваа прошетка е поддршка за болните од рак на дојка и на нивните семејства. 

„Напред розово “ се одржува по девети пат во организација на здружението „Борка“ – За секој нов ден, со поддршка на амбасадата на САД во Македонија. 

Организаторите на манифестацијата велат дека со кампањата „Напред розово“ сакаат да го свртат вниманието на јавноста и на здравствените институции дека ракот на дојка се лекува, но е потребна навремена дијагноза, современи лекови и соодветен третман на болните. 

Сите кои ќе чекорат на розовата прошетка ќе им дадат поддршка на оние се борат со рак на дојка и воедно ќе придонесат да се подигне свесноста за оваа болест во Македонија.

На плоштадот ќе бидат поставени штандови од каде може да се купат специјално изработени розови маички за овој настан, а со средствата собрани од продажба на маиците ќе бидат купени перики, кои ќе бидат донирани на жените кои ја изгубиле косата како последица од хемотерапијата. 

Годинава како ексклузивен помагател на манифестацијата Напред розово и на кампањата за борбата против рак е компанијата „Витаминка“.  Таа во чест на сите жени кои се борат против ракот на дојка и како поддршка на нивните семејства, ги обоија во розово нивните чоколадни морски школки Атлантис. За секоја купена кутија Атлантис, 10 денари ќе оди на сметка на „Борка“ за набавка на перики за жените кои поради хемотерапијата ја изгубиле косата.     

Претседателката на здружението „Борка“ – За секој нов ден – Биба Додева, во пресрет на оваа традиционална розова прошетка изјави дека :

– Со помош на нашите пријатели и целата Македонска јавност, Октомври ќе го обоиме розов. Тоа е бојата на борбата против рак на дојка, но тоа не е само женска боја, туку боја на надеж и на храброст. Со кампањата всушност сакаме да ја подигнеме свесноста меѓу жените со метастатски, напреден стадиум на рак на дојка. За да се зголеми важноста и да се знае дека ракот на дојката е болест што може да се излекува доколку е откриена навреме. Сакаме да ги  поттикнеме жените што живеат со рак на дојка  да имаат продуктивен и квалитетен живот и да се стремиме да се намалат инциденцата на  напредната болест преку подобрување на услугите за поддршка. Но, во оваа борба да не сме сами, туку треба да имаме поддршка од здравствените институции и тие да ги препознаат потребите на овие пациенти. Со кампањата сакаме да испратиме порака до јавноста дека ракот е општествен проблем и дека ги охрабруваме релевантните институции кои се директно поврзани со оваа тема како – Министерство за здравство, Фондот за здравствено осигурување,  јавните и приватни здравствени институции, дека со соодветна грижа треба да им помогнат на пациентите заболени од овој тип на рак. Ракот треба да биде приоритет во здравствениот систем , и тоа без изговори ! , изјави Додева. 

Лора Браун, одговорна за односи со јавност во амбасадата на САД во Македонија вели дека американската амбасада со гордост ја поддржува оваа кампања и дека на овој начин им изразува поддршка на луѓето болни од рак на дојка. 

– Прошетката „Напред розово“ е значаен настан кој ги сплотува заедно луѓето од целата земја во солидарност против оваа страшна болест. Се радуваме што ќе им се придружиме на оние што се борат со ракот или поддржуваат некој член на семејството којшто се бори со оваа болест. Се надеваме дека ќе ни се придружат уште многу повеќе граѓани – рече Браун.  

По обраќањето на Биба Додева, претседател на Здружението „Борка“,   Џес Бејли, Амбасадор на САД во РМ и Маја Иванова, сопруга на Претседателот на РМ, прошетката  ќе ја најават 70 деца од градинката „13 Ноември“ од Скопје . 

Прошетката  се одвива во центарот на градот каде учесниците ќе  чекорат во чест на „розовите“,  ќе почне од Плоштад македонија , па долж улицата „Македонија“,потоа  по улицата Димитрие Чуповски,  учесниците ќе минат низ Порта Македонија и ќе се вратат на плошдатот.  Рутата е долга три километри и е во вид на панделка. 

Предвидено е на настанот да вклучат во заедничката розова прошетка повеќе од 1 500 учесници, кои пешачејќи три километри ќе испратат порака за важноста на раната дијагноза и поддршката на пациентите, како основен предуслов за победа над ракот на дојка.  Во прошетката се добрдојдени сите граѓани, вклучувајќи ги и поддржувачите на Борка од градовите низ Македонија. По прошетката ќе следува музички хепенинг  каде борците против ракот на дојка да се зближат, ќе се дружат и ќе го слават животот.

Прошетката ќе продолжи во забава со осум зумба тренери од Фит Оне студиото, а   потоа забавата продолжува со диџеи под отворено небо. 

Ракот на дојка е најчестиот тип дијагностициран рак кај жените во светот, а по смртноста овој вид карцином е на прво место во светот и во Македонија. Минатата година во земјава се откриени околу 1.200 нови случаи на рак на дојка или просечно 4 жени дневно. Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за околу 9 отсто во последните 15 години. Според бројот на смртни случаи од рак, Македонија е на трето место во Европа.