Eфектите на радиоактивноста врз здравјето на луѓето

Нуклеарни централи
Биолошки ефекти на радиоактивноста
Третман
Идниот развој на настаните

Одредени атоми се радиоактивни, што значи дека тие емитуваат радиоактивност во текот на спонтаната трансформација од нестабилен изотоп во друг постабилен. Радиоактивното загадување резултира од контаминацијата на животната средина со вакви супстанци, кои можат да претставуваат значителен ризик по здравјето на луѓето и другите организми. Радиоактивното загадувањето се разликува од конвенционалното загадувањето по тоа што не може да се детоксифицира. Наместо тоа, радиоактивните материи мора да се изолираат од околината, се додека нивното ниво на радијација не се намали на безбедно ниво, процес кој бара илјадници години за некои материјали. Радијацијата се класифицира како јонизирачка или нејонизирачка. Двата типа може да бидат штетни за луѓето и другите организми.

Нуклеарни централи
Многу екологисти се критични во врска со нуклеарната енергија. Тие тврдат дека е неприфатлив ризикот од катастрофални несреќи и дека нуклеарните централи генерираат големи количини на нуклеарен отпад со кој неможе да се справиме. Иако една нуклеарна централа не може да експлодира како атомска бомба, несреќите може да резултираат со сериозно радиоактивно загадување.

До сега, најлошата несреќа на нуклеарен реактор се случила во 1986 година во Чернобил, Украина. Во катастрофата загинале 31 работник, а резултирала со хоспитализација на повеќе од 500 други луѓе од радијациона болест. Според украинските власти, во текот на една деценија по катастрофата во Чернобил, околу 10.000 луѓе во Белорусија, Русија и Украина умреле од рак и други болести поврзани со радијацијата предизвикани од незгодата. Во прилог на овие, релативно локални ефекти, атмосферата го транспортирала зрачењето од Чернобил во Европа и низ Северната Хемисфера. Повеќе од 500.000 луѓе во близина на Чернобил биле изложени на опасно високи дози на зрачење, а повеќе од 300.000 луѓе биле евакуирани трајно од околината. Со оглед на тоа дека здравствените проблеми поврзани со зрачењето може да се појават децении по експозицијата, научниците очекуваат дека многу илјадници дополнителни луѓе ќе страдаат од повисоки стапки на рак на тироидната жлезда, рак на коските, леукемија и други болести поврзани со радијација.
За жал, прикривањето на експлозијата од страна на одговорните органи, вклучувајќи ги и оние во власта, ставило во опасност дури и повеќе луѓе. Голем број локални жители не знаеле дека треба да ја напуштат областа што е можно побрзо или не им била укажана потребната медицинска помош.

Голема количина на радиоактивен отпад од нуклеарните централи е уште еден важен проблем. Овој отпад ќе остане радиоактивен за многу илјадници години, според тоа технолозите мора да дизајнираат системи за екстремно долгорочно чување.

Биолошки ефекти на радиоактивноста
Зрачењето може да го оштети секое ткиво во телото. Специфичните ефекти на радијацијата на живите суштества зависат од видот на зрачењето, дозата, должината на експозицијата и типот на ткивото изложено на радијација. Оштетувањето од изложувањето на високи нивоа на радијација е поделено во две категории: соматско и генетско. Соматското, се однесува на ефектите врз физиолошкото функционирање на телото; генетското, се однесува на штетата предизвикана врз репродуктивните клетки, вклучувајќи ги и наследните ефекти кои можат да влијаат врз потомството. Генетските оштетувања може да вклучуваат мутации или скршени хромозоми, структури во клеточното јадро кои ја содржат ДНК и сите генетски информации на организмот.

Соматско оштетување од високите дози на јонизирачко зрачење се манифестира со изгореници и зрачна болест, со симптоми на гадење, повраќање и дијареа. Долгорочните ефекти може да вклучуваат и рак, како што се леукемиите. Клетките се убиени целосно ако висока доза на јонизирачко зрачење се спроведува во краток временски период. Симптомите може да се појават во рок од неколку часови или денови. Истата доза пренесена во текот на долг период нема да произведе исти симптоми, затоа што телото има време за поправка на некои од оштетувањата предизвикани за време на долготрајната изложеност. Сепак, некои клетки може да добијат генетски оштетувања кои предизвикуваат некои видови на рак да се развијат години подоцна (ова се нарекува латентен ефект).

Најбрзорастечките ткива се најранливи, бидејќи зрачењето најмалку три пати го зголемува ефектот во текот на фазата на растење на клетката. Најчувствителни региони на човечкото тело се чини дека се оние кои имаат многу активна делба на клетките, како што е кожата, гонадите, цревата и ткивата кои создаваат крвни клетки (слезината, коскената срцевина и лимфните органи). Поотпорни се епителните клетки од телото – кожата и цревата. Најотпорни се мозочните клетки, затоа што тие растат најбавно.

Радиоактивноста е токсична бидејќи создава јони кога реагира со биолошките молекули. Овие јони може да формираат слободни радикали, кои ги оштетуваат протеините, клеточните мембрани и нуклеинските киселини. Радиоактивноста можат да ја оштети ДНК (деоксирибонуклеинската киселина), што доведува до рак, вродени дефекти, па дури и смрт. Сепак, клетките имаат биохемиски систем за поправка кој може да поправи дел од штетните биолошки ефекти при ниско ниво на изложеност на радиоактивност. Ова му овозможува на телото подобро да ја толерира радијацијата во мала доза, како на пример во текот на подолг временски период.

Всушност, сите луѓе се изложени на радијација во екстремно мали дози во текот на нивниот живот. Биолошките ефекти на толку мали дози во текот на долг период е речиси невозможно да се измерат и во суштина се непознати во моментов.

Постои сепак теоретска можност дека мала количина на радиоактивноста ослободена во животната средина, од нуклеарните централи кои нормално работат и од претходните атмосферски тестирања на нуклеарно оружје,  благо ја зголемила инциденцата на одредени видови на рак во човечката популација. Исто така, оштетувањето предизвикано од многу ниски дози на зрачење може да биде кумулативно или да се додаде на оштетувањето предизвикано од други штетни агенси на кои луѓето се изложени.

Третман
Многу е важно да се има некоја претстава за примената дозата на зрачење што е можно порано, така што вниманието да биде насочено кон оние жртви во опсег од 2-10 Св кои можат да преживеат со третман. Трансфузија на крв, заштита од инфекција во оштетените органи, а можеби и употреба на нови стимуланси за формирање крв, може да спаси многу жртви во оваа категорија. Локалната изложеност на зрачење обично ја оштетува кожата и бара внимателна грижа на раната, отстранување на мртвото ткиво и ставање кожни графтови ако е голема областа. Повторно, контролата на инфекцијата е императив.
Постои значителен интерес во последно време за одредени диети кои се полни со “чистачи“ на слободни радикали, инаку познати како антиоксиданси. Препорачаните состојки се бета-каротен, витамини Е и Ц, како и селен, присутни во храната и како комерцијални препарати.

Идниот развој на настаните
Радиоактивното загадување на животната средина е важен проблем. Тоа би можело да стане многу полошо ако исклучителна претпазливост не се користи при ракување и користење на радиоактивни материи, како и при дизајнирање и работење со нуклеарните централи.

Јавноста се повеќе станува свесна за опасностите од изложеноста на радијација. Денес, здравствени експерти работат напорно да ги убедат луѓето дека прекумерната изложеност на сончевата ултравиолетова радијација и истата емитирана од слични светилки во солариумите, го зголемува ризикот од рак на кожата и предвремено стареење на кожата, особено од тривијална причина како естетика и бронзен тен.

Технолошките подобрувања резултираат со многу помала изложеност на зрачење при користење медицински дијагностички процедури.

Повеќето земји кои сеуште не поседуваат нуклеарно оружје го потпишаа пактот да не го развиваат истото, додека народите кои веќе го имаат, се согласија да не го тестираат над земја (што доведува до особено интензивна емисија на радиоактивност во атмосферата).