Неизмерно сме среќни што ја добивме награда второ место Сајт на годината во категоријата невладини организации во Македонија. За нас ова значи поттик да продолжиме да ги информираме граѓаните за да прават навремени прегледи, но и да им дадеме поддршка на оние кои ја победиле оваа болест или поминуваат низ неа. Среќни сме бидејќи луѓето знаат да ја препознаат нашата квалитетна работа, посветеност, лојалност и позитивност. Борка оваа година имаше над 20 објави од мажи и жени кои го поминале овој трнлив пат и победиле, а ние имаме посебна категорија на нашиот сајт за нив кој се вика Приказни од херои. Би сакале да ги поттикнеме луѓето да зборуваат ракот бидејќи веруваме дека и после него има живот.

Сакаме да се заблагодариме на сите кои ја споделиле својата приказна бидејќи без нив немаше да ја добиеме оваа награда. Исто така би сакале да напоменеме дека Борка ќе продолжи да работи во интерес на канцер пациентите и на подигнување на свеста кај луѓето за сите видови на рак. Оваа година беше од исклучително значење за нас како Здружение бидејќи имавме безброј активности кои биле насочени кон оние на кои им е најпотребно. Сметаме дека едукацијата за тоа што претставува ракот и како можеме да го победиме е од клучно значење за нашето Здружение.

Би сакале да истакнеме дека едукативните материјали кои ние ги споделуваме на социјалните мрежи знаат да имаат и над 17 илјади прегледи, а тоа е доказ дека ние ја имаме Вашата доверба и доказ дека информациите стигнуваат на правото место. Оваа година добивме второ место за сајт на годината, а за возврат Ви ветуваме дека следната 2020-та година ќе биде уште попродуктивна, со повеќе информации, поинтересни содржини и поголема читаност. Тимот на Здружението Борка за секој нов ден се заблагодарува на сите кои директно или индиректно придонеле за ова признание. Не сте сами, Ве сакаме!