L2_MKD_C2

Ракот на грлото на матката е предизвикан од вирусот наречен хуман папилома вирус (ХПВ). ХПВ најчесто се пренесува со сексуален  контакт. Тој е толку многу распространет, што најголем дел од возрасните лица го имале во одреден период од животот. Поголемиот дел од инфекциите со ХПВ не даваат никакви симптоми и исчезнуваат спонтано. Сепак, некои жени не можат сами да се изборат со ХПВ и токму овие жени имаат зголемен ризик од рак на грлото на матката. Сега е достапна вакцина која го намалува ризикот од рак на грлото на матката, но тоа не значи дека треба да се престане со редовни гинеколошки прегледи. Заедно, прегледот и вакцинирањето ќе овозможат најефективна заштита против ракот на грлото на матката.

 

Што го предизвикува ракот на грлото на матката?

Ракот на грлото на матката е предизвикан од некои типови хуман папилома вирус (ХПВ). Постојат повеке од 100 типови на ХПВ, од кои околу 15 може да предизвикаат променети клетки на грлото на матката, кои би можеле да се развијат во рак. Кај поголемиот дел од заразените жени вирусот исчезнува во рок од 6 до 24 месеци, без тие воопшто и да знаат дека биле инфицирани. Меѓутоа, организмот на некои жени нема сам да се избори со вирусот и токму овие жени имаат зголемен ризик од развивање на рак на грлото на матката.

 

На кој начин се пренесува гениталниот ХПВ?

Гениталниот ХПВ најчесто се пренесува со сексуален контакт. Тој може да се пренесе од една личност на друга и преку контакт на кожа со кожа, а не само преку сексуален однос. ХПВ е многу распространет и најголем дел од возрасните лица го имале во одреден период од животот.

 

Како да се заштитите?

Иако кондомите се многу ефективна заштита од другите сексуално преносливи болести, тие не се толку ефективни во заштита од ХПВ, најверојатно поради фактот дека вирусот може да се најде и на делот од кожата кој не е покриен со кондомот. Денес е достапна вакцина, со која се овозможува заштита на жените од двата најчести типа на ХПВ, тип 16 и 18, кои предизвикуваат околу 2/3 од сите случаи на рак на грлото на матката и многу абнормални наоди на ПАП тестот. Овие вакцини ќе бидат најефективни доколку се применат пред настанување на инфекцијата од ХПВ тип 16 или 18, но не може ефективно да штитат против сите типови на ХПВ. Затоа, иако вакцинирани Вие сепак би требало да одите на преглед. Заедно, прегледот и вакцинирањето ќе овозможат најефективна заштита против ракот на грлото на матката.

 

Дали гениталниот Хпв може да се лекува?

Постојат начини за лекување на типовите на ХПВ кои предизвикуваат генитални брадавици, меѓутоа не е покажано дека тие се делотворни за оние типови на ХПВ кои предизвикуваат рак на грлото на матката. За среќа  поголемиот дел од инфекциите исчезнуваат спонтано во рок од 6 до 24 месеци без да предизвикаат било каков проблем.

Дали Хпв вирусот ќе влијае на мојата бременост?

Типовите на ХПВ кои предизвикуваат рак на грлото на матката се многу распространети и не се забележани никакви влијанија на вирусот врз бременоста. Доколку имате ХПВ, нема потреба да го менувате нормалниот тек на Вашите прегледи во текот на бременоста

 

Што претставува ХПВ тестот?

ХПВ тестот се прави за да се открие дали имате ХПВ. Иако не постои начин за третирање на ХПВ типовите кои предизвикуваат рак на грлото на матката, со откривањето дали имате ХПВ или не ќе се помогне да го дефинирате ризикот. Доколку немате ХПВ, ризикот е мал и во тој случај можете безбедно да продолжите со рутинските гинеколошки прегледи. Доколку имате ХПВ и инфекцијата не поминува спонтано, во тој случај може да биде неопходен понатамошен преглед за да се утврди дали имате променети клетки на грлото на матката, за да тие може да се отстранат и да се спречи развитокот на рак.

 

Што значи резултатот од ХПВ тестот?

Во Македонија во моментот тестирањето за ХПВ се прави за следење на состојбата на жените кај кои ПАП тестот покажал лесни промени (ASC-US).

• Доколку ХПВ тестот е негативен ризикот од рак на грлото на матката е многу мал. Во тој случај се советува да направите нов ПАП тест после една

година.

• ако ХПВ тестот е позитивен, ризикот за заболување од рак на грлото на матката е поголем и во тој случај се советува да направите колпоскопски преглед, со цел подетално да се испита грлото на матката.Доколку се најдат одредени абнормалности, Вашиот гинеколог ќе ве советува како да ги продолжите прегледите.

stopmatkaf