images 

Навиките и начинот на исхрана се фактори кои покрај останатите фактори на ризик, доведуваат до појава на тромбозата и артериосклерозата. Појавата на згрутчувањето на крвта во крвните садови е во директна врска со промените на ѕидовите на крвните садови (таложење на холестеролот), начинот на исхрана, навиките, и присуството на факторите на ризик.

Позната е констатацијата на др. Дејвид Кричевски, од Институтот во Филаделфија дека

“Холестеролот не убива, туку тромбот кој се формира врз наслагите од холестеролот во крвните садови”.

Покрај горенаведените фактори во процесот на формирањето на тромбот, учествуваат и тромбоцитите со нивната особина на агрегација, присуството на фибриногенот во крвта (зголемувањето на концентрацијата на фибриногенот) и присуството на фибринолитички ензими (спречување на формирањето на тромбот).

Скоро сите нутриционисти, препорачуваат употреба на храна богата со: лук, кромид, лути пиперки, печурки, ѓумбир, зеленчук, маслиново масло, риба и морски плодови, чај (зелен), црно вино. Со цел да се контролира тромбозата, треба да се избегнува мрсна храна и употреба на големи количини на алкохол, бидејќи мрсната храна ги прави тромбоцитите лепливи и склони кон згрудување на крвта.

Кромид и лук

За кромидот и лукот, и нивното лековито својство, знаеле уште старите Египјани, а првите американски лекари, кромидот и лукот ги препорачувале за прочистување на крвта. Руските лекари вотката во комбинација со лукот и кромидот, ја користеле за подобрување на циркулацијата на крвта. Со откривањето на аспиринот и неговото антикоагулантно дејство, современата медицина аспиринот го користи како средство против тромбозата, а овие два прехрамбени продукти ги препорачува како додатна терапија.

Антитромбичката активност на кромидот и лукот, испитувана е со повеќе студии ширум светот, и кај повеќето е докажано дека кромидот и лукот со своите состојки имаат позитивно дејство во спречувањето на тромбозата.

Англиските лекари препорачуваат секојдневна употреба на две до три чешниња од лукот во свежа состојба или во секое јадење, бидејќи топлината не го уништува, туку го стимулира излачувањето на корисните состојки на лукот.

Доктор Џиоин, професор и доктор на наука на Универзитетот во Далавер, потврдува дека антикоагулантните дејства на лукот се должат на присуството на алицинот и ајоенот.

Поради истите или слични дејства, во исхраната се препорачува и кромидот (содржи лековитата супстанца кверцетин-биофлавин), кој претставува одличен антиоксиданс со широк спектар на делување.

Студија работена во Финска во која испитаниците користеле храна богата со кромид, докажала дека заболувањата од артериосклероза на крвните садови на срцето и мозокот, биле за 15 % помалку во однос на останатите.

Кварцетинот покрај тоа што се наоѓа во кромидот, го има и во црното вино, брокулата, зелениот чај. Нутриционистите препорачуваат при консумирање на мрсна храна, обавезно да се конзумира кромид и црно вино.

Риба и нејзини продукти

Нутриционистите велат дека нема подобра храна од рибата, која поволно делува во спречувањето на формирањето на тромбот, поради присуството на Омега- 3 масните киселини. Редовната употреба на рибата во исхраната (1 до 2 пати неделно), го смалува ризикот од мозочен удар и срцеви заболувања,  во однос на оние  кои помалку или воопшто не ја користат во исхраната.

Јадењето на мрсните риби како што се лососот, скуша, харинга, туна, (Омага- 3), поволно делуваат врз крвните садови, го смалуваат таложењето на тромбоцитите, го намалуваат нивото на фибриногенот, и ја поттикнуваат работата на фибринолитичките ензими.

Препорака е во текот на неделата, во исхраната да се зема најмалку 100 грама мрсна риба, или 150 до 170 грама конзервирана туна, поради познатите дејства на Омега- 3 масните киселини кои ги има повеќе во мрсната риба.

Чудесното дејство на црното вино

Француските научници Мартин Сењер и Жак Боне, доктори на медицина од кардиолошкиот центар од градот Песаку, направиле студија испитувајќи го антитромбичното дејство на црното вино врз испитаниците. Резултатите од ова испитување, го потврдиле антитромбичното дејство на црното вино (смалиле формирање на тромб), и го зголемиле нивото на HDL холестеролот, кај 60 % од испитаниците.

Ваквото дејство на црното вино се потврдува поради присуството на полифеноли или флавоноиди, материи кои се наоѓаат во лушпите на грозјето, а со ферментацијата преминуваат во виното, и претставуваат добри оксиданти.

Нутриционистите препорачуваат секојдневно по една  чаша вино на жените а две чаши црно вино на мажите со оброкот, и го препорачуваат виното како превенција во кардиоваскуларните заболувања и ракот на дојката.

Чајот и неговото дејство врз крвните садови

На Интернационалниот Конгрес на нутриционистите, одржан 1991 година во Њујорк, за прв пат се презентирани резултати од благотворното дејство на црниот и зелениот чај врз човечкиот организам.

Ова благородно дејство се должи на присуството на танинот наречен катехин (во зелен и црн чај), и неговото својство да ја смалува агрегацијата на тромбоцитите во крвните садови, а со тоа допринесува за формирање на тромбот.

Некои научници ваквото дејство на чајот го споредуваат со дејството на аспиринот, кој го инхибира процесот на создавање на тромбот.

Чајот го поттикнува растворањето на формираниот тромб и го смалува таложењето на холестеролот на крвните садови.

 healther-foods

Зеленчукот во функција во растварање на тромбот 

За да се ослободите од формирањето на тромбот и да се ослободите од неговите несакани дејства во организмот, се препорачува во исхраната секојдневна употреба на овошје и зеленчук богата со витамин Ц (грејпфрут и јаболка).

Докажано е дека вегетаријанците имаат помала вискозност на крвта во однос на луѓето кои употребуваат месо, а со тоа бројот на заболени од зголемен крвен притисок е помал.

Позитивното дејство на зеленчукот се потврдува со тоа што витаминот Ц и влакната (пектини), имаат својство да го раствараат тромбот и го спречуваат таложењето на холестеролот на ѕидовите на крвните садови.

Позитивниот ефект на лутите пиперки

Познато е дека, во својата исхрана Тајландците користат пикантни јадења, при што како зачини користат поголеми количини на лути пиперки. Научниците пак кои се занимавале со оваа проблематика потврдиле дека ваквиот начин на исхрана е една од причините што кај Тајландците бројот на заболени од тромбоемболија е многу низок или е ретка појава. Хематолозите од Медицинскиот Институт од Банког вршеле испитувања на оваа тема и докажале дека кај студентите кои во храната консумирале лути пиперки, е забележано побрзо растворање на тромбот за околу 30 минути, во однос на оние студенти кои во храната не користеле лути пиперки. Лутите пиперки поволно делуваат врз механизмот во растворањето на тромбот.

Сличен ефект врз растворањето на тромбот имаат ѓумбирот, каранфилчето и куминот. Ваквото дејство на овие додатоци во исхраната, се должи на присуството на материјата еугенол, која ја смалува агрегацијата на тромбоцитите, односно има слично дејство како што имаат аспиринот, кромидот и лукот.

Некои од печурките (црни) кои се користат во исхраната, во својот состав содржат материјата аденозин, која има антикоагулантен ефект и својство да го раствора тромбот.

Маслиново  масло

Покрај познатото својство на маслиновото масло да го смалува ефектот на тромбоцитите т.е. нивното таложење во крвните садови потврдено е дека кај луѓето кои во исхраната редовно користат маслиново масло, ослободувањето на материјата тромбоксан А-2 (одговорна за агрегација на тромбоцитите) од тромбоцитите е смалена, а со тоа намалено е формирањето на тромбот. Потврда на оваа теза е познатата вистина, дека луѓето кои живеат на Медитеранот и кои во исхраната користат секојдневно маслиново масло, имаат помала инциденца од срцеви  заболувања, во однос на другите.

Употребата на мрсни јадења доведува до зголемување на холестеролот во крвта, а со тоа и зголемувањето на ризикот од појава на тромбоза за 10 до 15 % во однос на оние кои не користат мрсни јадења. Диетите кои се препорачуваат во оваа насока, се базираат на користење на повеќе овошје и зеленчук и зголемена физичка активност.

Диеталната исхрана е најдобра препорака, како да се победи формирањето на тромбот, а со тоа да се спречи заболувањето на крвните садови на срцето и мозокот. Диеталната исхрана во однос на заболувањата е поважна од редовното контролирање на холестеролот во крвта.

Практични совети во оваа насока се:

–          во исхраната да се користи што повеќе мрсна риба, кромид, лук, црно вино, ѓумбир, зеленчук и овошје богато со витамин Ц и пектини (јаболко и грејпфрут)

–          да се смали или ограничи внесувањето на маснотии од животинско потекло (што помалку заситени масни киселини)

–          кога се користат прехрамбени продукти кои се фактор на ризик за тромбоза, треба со нив да се користат и прехрамбени продукти кои го елиминираат овој фактор, како на пример јајца со кромид или лук, јајца со лосос, сирење со црно вино, лута пиперка

–          при употреба на антикоагулантни лекови да се избегнуваат или да се смали употребата на горенаведените артикли (оние кои ја разредуваат крвта).

 deep_vein_thrombosis