Стадиум на НСКБК

Пред да се започне со третман, лекарот ќе го определи стадиумот на вашиот НСКБК. Со стадиумот се определува колку е болеста напредната и раширена во организмот. Од стадиумот на болеста зависи и типот на третманот кој ќе ви се определи, како и вашиот исход (прогноза).

Скриен – ран стадиум. Канцер клетките ја немаат пробиено базалната мембрана. Синоним е окултен стадиум. Туморот е помал и не може да се види на сликите од рентгентските снимки или компјутерската томографија (КТ). Но, сепак, канцер клетките  може да се најдат во искашлок (спутум) од белите дробови.

Стадиум 0. Канцер клетките се наоѓаат само во примарниот тумор, внатре во белиот дроб. Базалната мембрана не е пробиена.

Стадиум 1. Претставува инвазивен стадиум. Канцер клетките се лимитирани во белите дробови. Туморот е мал, а ткивото околу белите дробови е нормално. Главните бронхи не се зафатени, а туморот не се проширил ниту во лимфните јазли. Стадиумот 1 е поделен на 1А и 1Б стадиум, зависно од големината на туморот.

Стадиум 2. Канцерот се шири во лимфните јазли, ѕидот на градната празнина, обвивката на белите дробови или надворешната обвивка која го опкружува срцето. Стадиумот 2 е поделен на 2А и 2Б зависно од големината на туморот.

Стадиум 3. Канцерот се раширил во лимфните јазли во пределот на градите помеѓу срцето и белите дробови (медијастинум). Крвните садови во оваа регија може да бидат исто така зафатени. Или, канцерот е присутен во лимфните јазли на спротивната страна од градите каде туморот прво се развил од медијастинумот. Канцерот може исто така да се рашири во супраклавикуларна регија. Стадиумот 3 е поделен на 3А и 3Б, зависно од големината на туморот.

Стадиум 4. Канцерот се раширил на другото белодробно крило или на други регии во телото. Туморските клетки може да се откинат од примарниот тумор во белиот дроб и да се рашират на други органи. Ова се нарекува метастазирање, а раселените туморски клетки низ организмот метастази. Белодробните карциноми имаат тенденција многу рано да се шират. Најчести органи каде метастазираат неситноклеточните белодробни  карциноми се мозокот, црниот дроб и коските.

Третмански опции

Денес,  постојат  повеќе  третмански  опции,  а  кој третман  е  најдобар  за  вас  зависи  од  повеќе  фактори. Третманот  може  да  се  состои  од  стандардна  терапија,  како  што  се  хируршка  интервенција,  зрачење  и  хемотерапија,  или  од  нова  таргетирана  терапија, имунотерапија  или  анти-ангиогенезна  терапија.  Таргетираната  терапија  е  нова  генерација  на  лекови  кои  делуваат  различно  од  конвенционалните  досегашни  терапии.  Новите  таргетирани  лекови  ги  напаѓаат  само  канцер  клетките,  а  не  делуваат  на  здравите  и  нормални  клетки,  за  разлика  од  конвенционалната  терапија. Затоа, уште  се  нарекуваат  и  паметни  лекови. Имунотерапијата, која исто така припаѓа на новата генерација на лекови, делува така што ја зголемува моќта на Вашиот имунолошки систем да се бори против туморот.

Затоа, Вашиот  третман ќе се  состои  од  една  или  повеќе од  следните  терапии:

Хируршка интервенција
Туморот  може  да  се  отстрани  ако  е  мал  и  не  се  раширил  на  други  делови  од  телото. Се отстранува  туморот  и  околното  ткиво. Може да  се  отстрани  дел  од  белиот  дроб  или  цело  белодробно крило.  При  операцијата,  лимфните  јазли  треба  да  се  извадат  и  да  се  испитаат  дали имаат  туморски  клетки.
Треба  да сте во добра  општа состојба за  да  подлегнете  на  хируршка  операција.  Хируршкиот  третман  може  да  биде  првиот  чекор  во Вашиот  третмански  план.  Најчесто се  прави  кај Стадиум 1-2.
Зрачење
Се користат високоенергетски  рентгенски  зраци  за  да  го  уништат  и  намалат  туморот. Третманот  со  зрачење  може  да  ги  уништи преостанатите  канцер  клетки, неотстранети  при  хируршкиот  третман.  Исто така, ги  уништува  и  нормалните  и здрави  клетки. Зрачењето помага  да  се  намалат  некои  од  симптомите.
Зрачењето  може  да  се  направи  пред  операцијата  за  да  се  олесни  отстранувањето  на  туморот. Зрачењето  може да  се  направи  и  после  операцијата.  Овој  третман  може  да  се  користи  кај  стадиуми 2 – 3. Сепак може да  се  користи  за  да  се  намали  туморот  кај  напреднати  НСКБК (Стадиум 4) за  да  се  олеснат  симптомите (болка,  диспнеа, хемоптизи  и  др.). Можеби вашата  општа  состојба  не  е  доволно  добра  за  да  се  оперирате.  Или  карциномот  се  проширил  на  други  делови од  телото,  тогаш  зрачењето  се  препорачува  наместо  хируршки  третман.
Хемотерапија
Лекови  кои  ги  уништуваат  брзо растечките  канцер  клетки.  Хемотерапијата  делува  и  на  здравите  клетки  кои  имаат  способност  брзо  да  се  делат (коскена срж,  фоликули  на  влакната).
Хемотерапијата може  да  се  користи  сама  или  во  комбинација  со  два  или  повеќе лекови. Хемотерапијата  може  да  се  користи  заедно  со  зрачење  за  да  се  намали  туморот  пред  хируршката  операција.  Може  да  се  даде  и  после  операција  или  зрачење  за  да  се  уништат  евентуално  преостанатите канцер  клетки. Хемотерапијата исто така може да се користи во комбинација со имунотерапија. Може  да  е  дефинитивен  третман  истовремено  со  зрачењето  кај  локално  напредната  болест  (Стадиум 3).
Таргетирана (целна) терапија
Нови лекови  кои  ги  убиваат  канцер  клетките,  напаѓајќи точно  определени  молекули,  важни  за  растот  на  канцер  клетката. Таргетираната  терапија ги  уништува  само  канцер  клетките  и  го  забавува  растот  на  туморот.
Пред почетокот со таргетираната целна терапија, Вашиот лекар ќе направи испитувања за да увиди дали оваа терапија е соодветна за Вас. Доколку таргетираната терапија е соодветна за Вас таа може да Ви се даде како првична терапија или може да Ви се даде кога барем еден  хемотераписки  режим  нема да делува. Може  да  се  дава  со  или  без  антиангиогенезна  терапија  bevacizumab.
Терапија  со  моноклонални  антитела  кои ја спречуваат нео-ангиогенезата
Овој   лек (bevacizumab) ги  уништува  туморските  крвни  садови  и  го спречува  туморот  да  создава  нови,  со  што  туморот не може да се исхранува.
Се  употребува  заедно  со  другите  терапии, и после  завршување на  тераписките  циклуси  се употребува како  терапија  на  одржување.
Имунотерапија
Имунотерапијата делува така што ја зголемува моќта на имунолошкиот систем на Вашето тело, кој потоа самиот го напаѓа туморот.
Имунотерапијата може да се користи во комбинација со хемотерапија или во комбинација со моноклонално антитело кое ја спречува нео-ангиогенезата. Се дава како првична терапија или како терапија која се дава откако сте примале друг тип на терапија која не го постигнала саканиот резултат во лекување на болеста.

Линкот од првиот дел “ДА СЕ ЖИВЕЕ СО БЕЛОДРОБЕН КАРЦИНОМ” тука

Линкот од “ДА СЕ ЖИВЕЕ СО БЕЛОДРОБЕН КАРЦИНОМ – ДЕЛ 2 ” тука