Лесен начин да ставите крај на пушењето“ Целта на оваа книга е да ви ја претставиме психичката состојба која веднаш настапува со чувство на воодушевување како да сте биле излечени од тешка болест, наместо нормалниот метод на откажување во којшто имате чувство дека се искачувате на Монт Еверест и со кој следните неколку недели ќе ги поминете во копнеж по цигара, завидувајќи им на другите пушачи. Оттогаш па натаму во животот цигарите ќе ги гледате во друго светло и ќе се запрашувате како сте можеле да ги пушите. Пушачите ќе ги гледате со сожалување, а не со завист.”

“ Размислувајте на овој начин: што има да загубите? Ако не се откажете од пушењето до крајот на книгата, нема да бидете во полоша состојба за разлика од сега. НЕМА ШТО ДА ИЗГУБИТЕ, А ЌЕ ДОБИЕТЕ МНОГУ!”
“Пушењето е суптилно, тоа е најзлокобната стапица која човекот и природата заедно ја измислиле. Што всушност нè намамува во неа? Има илјадници возрасни што веќе пушат.
Дури и нè предупредуваат дека е гнасна, одвратна навика, која на крај нè уништува и нè чини богатство, но не можеме да веруваме дека не уживаат. Еден од многуте патетични аспекти на пушењето е колку многу треба да вложиме напор за да се фатиме во стапицата.
Пушењето е единствената стапица што нема мамка, нема парче сиренце. Она што намамува во стапицата, воопшто не е прекрасниот вкус на цигарите,, напротив, тие имаат одвратен вкус. Ако првата цигара имала прекрасен вкус, би се огласил аларм, а како интелигентни човечки суштества можеме да сфатиме зошто половина од возрасното население плански плаќало огромна цена за да се труе. Но, бидејќи таа прва цигара има одвратен вкус, нашите млади мозоци се убедени дека никогаш нема да се навлечат и мислиме дека од причина што не уживаме во нив, ќе се откажеме секогаш кога ќе посакаме.”

“Сепак, пушачите се интелигентни и разумни човечки битија.
Знаат дека здравјето го ставаат на коцка и дека во животот трошат огромно богатство за цигари.
Затоа за нив е важно да имаат рационално објаснување за да се оправдаат.
Вистинската причина зошто пушачите продолжуваат да пушат е суптилна комбинација на факторите што ќе ги разработам во следните две глави. А тоа се:
1. НИКОТИНСКА ЗАВИСНОСТ
2. ПЕРЕЊЕ МОЗОК”

„Само една цигара“ е мит којшто мора да избришете од мозокот.
Само една цигара којашто всушност нè навела да пушиме.
Само една цигара која ни помага да пребродиме некој тежок период или посебна пригода и која ги поразува повеќето обиди за откажување.
Само една цигара којашто пушачите ги враќа назад во стапицата кога успеале да ја прекинат зависноста.
Понекогаш го прават тоа за да потврдат дека повеќе не им се потребни и таа една цигара е главниот виновник. Има одвратен вкус и го убедува пушачот дека никогаш повеќе нема да се навлече, но тој веќе се навлекол.
Помислата на таа посебна цигара често ги спречува пушачите да се откажат. Првата наутро или онаа по некој оброк.
Нека ви стане јасно дека нема нешто такво како само една цигара. Тоа е верижна реакција којашто ќе трае до крајот на вашиот животот, освен ако не ја прекинете.
Станува збор за митот за повремена, посебна цигара која прави пушачите да се чувствуваат лишено кога ќе се откажат. Нека ви стане навика да не се потпирате на повремената цигара или кутија – тоа е фантазија.”

“Пазете се од намалување
Многу пушачи се потпираат на намалувањето како отскочна штица кон откажувањето или како обид да го контролираат малото чудовиште, а и многу доктори и советници го препорачуваат намалувањето како помошно средство.
Веројатно, колку помалку пушите, толку подобро се чувствувате, но како отскочна штица кон откажувањето, намалувањето е опасно. Обидот да ги намалиме цигарите, цел живот нè држи во стапицата.
Обично по намалувањето следат обиди за откажување. По неколку часа или денови на апстиненција, пушачот си вели нешто слично на „Не можам да се соочам со помислата да живеам без цигара, па од сега натаму ќе пушам само во посебни прилики или ќе намалам на десет цигари на ден. Ако се навикнам да пушам десет на ден, тогаш можам на толку да останам или уште повеќе да намалам.“
Сега се случуваат одредени страшни работи.
1. Пушачот се наоѓа во најлоша состојба. Сè уште е зависен од никотин и го одржува чудовиштето во живот, не само во телото, туку и во мозокот.
2. Сега не може да издржи чекајќи ја следната цигара.
3. Пред намалувањето, секогаш кога ќе посакаше цигара, ќе запалеше една и барем делумно ги намалуваше мачнините од откажување. Сега, освен нормалниот стрес и притисок во животот, тој, всушност, сам си предизвикува да страда од мачнините од откажување од никотин во поголемиот дел од животот. Па самиот си предизвикува да биде мизерен и лошо расположен.
4. Додека се предава на задоволството, не ужива во цигарите и не сфаќа дека ги пуши.
Автоматски е. Единствените цигари во коишто си замислуваме дека уживаме се по период на апстиненција (на пр., првата цигара наутро, онаа по оброк, итн.) Сега, бидејќи чека уште еден час за секоја цигара, „ужива“ во секоја наредна.
Колку подолго чека, толку повеќе ќе ужива во секоја цигара бидејќи „уживањето“ во цигара не е самата цигара туку ставањето крај на немирот предизвикан од копнежот, без оглед на тоа дали ќе биде мал физички копнеж за никотин или психичка потиштеност. Колку подолго патите, толку повеќе „уживате“ во секоја цигара.
Главната тешкотија во откажувањето од пушење не е хемиската зависност. Тоа е лесно. Пушачите цела вечер ќе поминат без цигара; се чини дека копнежот не ги буди од сон. Многу пушачи, всушност, ќе ја напуштат спалната соба пред да запалат.
Многу од нив прво ќе појадуваат.  Некои ќе чекаат дури не стигнат на работа.
Ќе издржат десет часа без цигара и не им пречи. Ако десет часа во денот поминат без ниту една, ќе почнат да си ја кубат косата.
Многу пушачи кога ќе купат кола, се воздржуваат од пушење во неа. Пушачите ќе одат во супермаркети, театри, кај доктори, болници, стоматолози и така натаму без голема тешкотија.
Многу пушачи ќе се воздржат во друштво на непушачи.
Откако се забрани пушењето на јавни места, немаше никакви бунтови.  На пушачите речиси и  им е задоволство да кажат дека не смеат да пушат. Всушност, пушачите добиваат тајно задоволство од издржувањето долги периоди без цигара.
Им дава надеж дека можеби еден ден никогаш повеќе нема да сакаат да запалат друга.
Вистинскиот проблем при откажувањето од пушење е перењето мозок, илузијата дека цигарата е нешто слично како потпора или награда и дека животот никогаш нема да биде ист без неа.
Намалувањето на цигарите не ве одвикнува од пушење туку ви влева чувство на несигурност и мизерност и ве убедува дека најдрагоценото нешто на светот е следната цигара, дека нема шанси некогаш да бидете среќни без неа.
Нема ништо попатетично од пушач кој се обидува да намали. Тој пати од илузијата дека колку помалку пуши, толку помалку ќе сака да пуши. Всушност, вистината е обратното. Колку помалку пуши, толку подолго пати од мачнините од откажување; колку повеќе мисли дека ужива во цигарата, толку поодвратни му стануваат. Но тоа нема да го натера да се откаже. Никогаш не станувало збор за вкусот. Ако пушачот пушеше бидејќи ужива во вкусот, никој не би испушил повеќе од една цигара. Тешко ви е да поверувате.
Добро, да зборуваме за тоа. Која цигара е со најлош вкус?
Така е, првата наутро, онаа што на зима не тера да кашламе и тешко да дишеме. Која е една од најомилените цигари за повеќето пушачи? Така е, првата наутро! Сега, дали навистина верувате дека пушите бидејќи уживате во вкусот и миризбата или порационално објаснување е тоа дека ги намалувате деветчасовните мачнини од откажување?
Важно е да ги отстраниме сите илузии за пушењето пред да ја изгаснете последната цигара. Ако не ја отстраните илузијата дека уживате во вкусот на одредени цигари пред да ја изгаснете последната, нема шанси потоа да докажете без повторно да се навлечете.
Па, ако не пушите моментално, запалете.
Шест пати вовлечете  длабоко во белите дробови од тој прекрасен тутун и запрашајте се што има толку убаво во вкусот. Можеби верувате дека само одредени цигари имаат добар вкус, како онаа по некој оброк. Ако е така, зошто тогаш ги пушите и другите? Бидејќи ви преминало во навика? Зошто пушењето цигари на некој да му премине во навика, а смета дека истите имаат одвратен вкус? И зошто истата цигара од истата кутија има различен вкус по некој оброк отколку наутро? Храната нема различен вкус по цигара, па зошто тогаш цигарата да има различен вкус по јадењето?
Не мора да ми верувате мене, пробајте сами, свесно запалете цигара по некој оброк за да докажете дека нема различен вкус.
Причината зошто пушачите веруваат дека цигарите имаат подобар вкус по оброк или на друштвен собир со алкохол е бидејќи тогаш и непушачите и пушачите се навистина среќни, но зависникот од никотин никогаш не може да биде навистина среќен ако тоа мало никотинско чудовиште остане незадоволено. Не се работи за тоа дека пушачите уживаат во вкусот на тутунот по оброк, на крајот на краиштата, ние не јадеме тутун, тогаш каде е вкусот? Тие само се чувствуваат мизерно ако во тие моменти не им е дозволено да ги намалат симптомите од откажување. Така, разликата помеѓу пушењето и непушењето е разлика помеѓу тоа да бидеш среќен и да бидеш мизерен. Затоа се чини дека цигарата има подобар вкус. Така што пушачите коишто наутро прво што прават палат цигара се мизерни без оглед на тоа дали пушат или не.
Намалувањето не само што не е ефикасно туку е и најлошата форма на измачување. Не е ефикасно бидејќи на почетокот пушачот се надева дека со навикнувањето да пуши сè помалку и помалку ќе ја намали желбата за пушење. Не е навика. Тоа е Зависност е, а кај секоја зависност нормално е желбата да се зголемува, а не да се намалува. Затоа, за пушачот да го намали пушењето мора доживотно да користи јака волја и дисциплина.
Главниот проблем во откажувањето од пушење не е хемиската зависност од никотин. Со тоа лесно секој може да се справи. Станува збор за погрешното верување дека цигарата ви дава задоволство.
Ова погрешно верување е резултат најпрво на перењето мозок што сме го добиле пред да почнеме да пушиме што потоа се засилува со реалната зависност. Намалувањето, всушност, ја засилува заблудата до тој степен што пушењето целосно доминира со животот на пушачот и го убедува дека најдрагоценото нешто на земјата е следната цигара.
Како што веќе кажав, намалувањето никогаш не е ефикасно бидејќи мора да користите јака волја и понатаму во животот да бидете дисциплинирани. Ако немате доволно јака волја да се откажете, тогаш сигурно нема ни да ги намалите цигарите.  Откажувањето е далеку полесно и помалку болно.
Сум слушнал за буквално илјадници случаи кај кои не успеало намалувањето. Грстот успеси за коишто знам се постигнати по релативно краток период  на намалување по кој следи период на криза. Пушачите навистина се откажале наспроти намалувањето, а не поради тоа. Намалувањето само го продолжува страдањето. Неуспешниот обид, пак,  предизвикува нервоза кај пушачот, а дури станува сè поубеден дека засекогаш е навлечен. Ова обично е доволно за да продолжи да пали по некоја и во следните пет години пред секој нареден обид.
Сепак, намалувањето помага да се прикаже залудноста од пушењето бидејќи јасно прикажува дека во цигарата се ужива само по одреден период на апстиненција. Треба да си ја удрите главата од ѕид (т.е. да патите од мачнини од откажување) за да ви биде подобро кога ќе се откажете.
Па изборот е:
1. Намалете ги засекогаш. Ова ќе биде самонаметнато измачување и нема да можете да издржите.
2. Задушувајте се до крај на животот. Која е целта?
3. Бидете добри кон себеси. Престанете да го правите тоа.
Друга важна работа што се јавува како резултат на намалувањето е дека нема нешто слично на нередовна или повремена цигара.
Пушењето е верижна реакција која ќе трае до крајот на вашиот живот, освен ако не вложите напор да ја прекинете.
ЗАПОМНЕТЕ: НАМАЛУВАЊЕТО ЌЕ ВЕ ДОВЕДЕ ДО ПРОПАСТ.”