mamograf1

Мамографијата претставува испитување  на дојките со снимање кое користи рентген зраци. Се користи за откривање и оценка на промени во дојките. Најчесто се користи за откривање на рак кај жени кои немаат симптоми и ова се нарекува СКРИНИНГ МАМОГРАФИЈА. Исто така мамографијата се користи и кај жени кои имаат симптоми од дојките, како палпабилна грутка, болка, исцедок од брадавицата или имаат сoмнителна промена која се гледа на скрининг мамографијата и ова се нарекува ДИЈАГНОСТИЧКА МАМОГРАФИЈА.

Многу пациентки се загрижени  поради изложеноста на рентген зраци. Модерните мамографски машини користат ниски дози на зрачење за производство на х-зраци за снимање на дојката и добивање висок квалитет на слика. Денешната мамографска техника не носи зголемен ризик за појава на карцином на дојка кај жени кои правеле редовни, годишни мамографски снимања. Дозата на зрачење што се прима при една мамографија е еднаква на таа што телото ја прима од природата во тек на три месеци.

 

Совети  за пациентите за изведување на мамографскиот преглед

 

–         Користете установа која е специјализирана за мамографија и не изведува премногу мамографии на ден

–         Ако сте задоволни од установата која е со висок квалитет, продолжете таму да одите на редовните контроли, така што вашиот мамограм ке биде сочуван во компјутерската архива и ќе може да се спореди од година во година

–         Ако ви се случи да сте во одредена установа за прв пат,  понесете ги со себе сите претходни мамографии и резултати од биопсии или претходни третмани и наоди на дојките.

–         На денот на прегледот не употребувајте  дезодоранси или антиперспиранти. Некои од овие супстанци може да се појават на снимките како бели точки.

–         Носете соодветна облека,  полесна или поудобна за пресоблекување, сукња или панталони.

–         Ако сеуште имате менструација, обидете се прегледот да не го закажете неделата пред вашиот период. Се препорачува мамографијата да се прави една недела после менструацијата кога дојките не се толку отечени и осетливи, што ке ја намали непријатноста од снимањето и ке се добие подобра слика.

–         Секогаш на докторот или радиолошкиот технолог опишете му ги симптомите или проблемите во врска со дојките. Бидете подготвени да дадете податоци од вашата медицинска историја, како што се операции, хормонска терапија, карцином на дојка кај вас или во вашата фамилија.

–          Пред да правите било какво снимање, кажете му на радиолошкиот технолог ако доите или ако мислите дека би можело да сте бремени

–         Што  ве очекува при самото мамографско снимање

–         Ке треба да се соблечете од половина на горе.

–         Радиолошкиот технолог ке ве упати и намести во позициите за снимање. Повеќето технолози се жени. Вие и технологот сте единствени во собата во текот на мамографијата.

–         Целата процедура трае околу 20 минути. Вистинската компресија (притисок) на дојката трае неколку секунди.

–         Може да почувствувата некоја непријатност или мала болка кога дојките се притиснати. Ако болката е поинтензивна кажете му на технологот кој ке се обиде да ја направи компресијата поудобна за вас, а сепак да добие добра слика.

–          Во просек само 2-4 скрининг мамографии од секои 1000 покажуваат дијагноза на рак на дојка. Околу 10% од жените кои имаат мамографија ке треба да направат и дополнителни испитувања, но кај повеќето ќе треба да се направат дополнителни мамографски слики во други позиции или целни мамографии на дел на дојката. Не треба да се паничи ако ова се случи кај вас. Само 8-10% од тие жени ке треба да одат на биопсија, а повќето (80%) од тие биопсии ке бидат со негативен резултат за канцер.

–         Ако сте на возраст над 40год ќе треба да се прави мамографија на една до две години. Затоа може да го испланирате датумот на следното снимање додека сте таму во објектот и евентуално да си закажете термин.

 

Д-р Наде Петановска,

Спец.радиодијагностичар- Прва приватна општа болница-РЕМЕДИКА-Скопје