Почитувани,

Имаме чест да најавиме дека здружението “БОРКА – За секој нов ден” стана полноправен член на “Think Pink Europe”, една од најзначајните и најголемите европски организации за борба против рак на дојка. (https://www.thinkpinkeurope.org/)

Од оваа година нашата традиционална розова прошетка посветена на борба против ракот на дојка – НАПРЕД РОЗОВО ќе прерасне во RACE FOR THE CURE.

RACE FOR THE CURE е најголем настан (трка) во светот во борбата против ракот на дојка. Првата трка се одржала во 1983 година, во Далас со 800 учесници, што било неочекуван успех. Денес,1 милион луѓе учествуваат во повеќе од 140 градови низ целиот свет. Овој спортски и хуманитарен настан ги обединува луѓето погодени од карциномот на дојка и нивните семејства, пријатели и симпатизери. За време на трката оздравените го слават животот,  додека  учесниците  ја даваат  својата  поддршка  на  најблиските.  Заедно  тие  се сеќаваат на оние кои ја изгубиле битката со најчестиот вид карцином кај жените.

Поради пандемијата со корона вирусот „Think Pink Europe“ развива дигитална платформа со цел трката “Race for the Cure” да се одржи онлајн низ цела Европа, во соработка со сите индивидуални организации и членки. И покрај тоа што сите спортски настани се откажани, RACE FOR THE CURE  ќе  биде успешна дигитална приказна што ќе ни помогне да ја надминеме оваа тешка година и да понудиме решенија за иднината.

Настанот ќе се одржи на 25,26 и 27 септември оваа година. Во исто време, во различни делови на Европа, се очекува учество да земат околу 500.000 учесници. Регистрацијата на европско ниво ќе започне на 15 јули на официјалната страна  www.raceforthecure.eu

Платформата е уникатна, изработена специјално за трката и ќе биде преведена на 17 светски јазици, меѓу кои и македонскиот. При регистрацијата, ќе може да се избере личност или мотив за учество, да се остави персонализирана порака, да се испрати слика или видео за поддршка на одредена организација (локална болница, здравствен работник, пациент).

На пациентите со карцином повеќе од кога било им е потребна нашата поддршка. Според СЗО (Светската здравствена Организација) на глобално ниво во 2018 година бројот на новодијагностицирани  од  карцином  на  дојка  биле  2  088  849  нови  случаи,  додека  бројот  на смртност бил 626 679. Во Македонија се дијагностицираат 3 до 4 случаи секој ден.

Ги покануваме сите граѓани, активисти, волонтери, поддржувачи и излекувани од оваа болест да ни се придружат и да чекорат или трчаат во нивното соседство или град во чест на оние кои се борат, како и во чест на оние кои ја изгубиле битката со карциномот на дојка и прерано не напуштиле.

Наскоро ќе објавиме и дополнителни информации во врска со настанот како и со начините како да бидете дел од истиот.