Здружението за борба против рак „Борка за секој нов ден“, со големо разочарување и гнев реагира на информацијата дека одделението за хематологија на Детска Клиника е затворено.
„Борка“ како пациентско здружение, не може да остане индифернтно кога на ваков груб начин се кршат правата на пациентите, а се загарантирани со Уставот на Република Македонија. Особено сме разочарани дека ваква груба пресметка се случува на грбот на една од најранливите категории на лица, деца болни од рак.
Децата се наша иднина, а политичарите не смеат да бидат изненадени од идејата дека треба да инвестираме во нив, сега и веднаш, со цел да обезбедиме среќна и успешна иднина за нив како идни соработници на нашата заедница. Тие се нашата единствена и најдобра инвестицијата.
Па, што правиме сега за нив?
Денес, ве молам да размислите за свет без деца и млади луѓе. Како да не постојат. Замислете ги вашите денови без деца или млади луѓе на планетата.
Ние во „Борка“ не можеме да замислиме таков свет. Затоа апелираме до Владата, до претседателот Ѓорѓе Иванов, до премиерот Зоран Заев, до Министерот за здравство- Венко Филипче, да преземат најсериозна одговорност за ова злодело врз децата кои се борат за живот, а се болни од рак. За овие деца за жал нема ниту соодветни лекови, ниту основни санитетски услови за лекување, се разбира нема ни „тетки“ кои треба да им помогнат да останат живи.
Затворањето на хематолошкото оддление на Детската Клиника не е начин на кој треба „политички“ се однесуваме кон децата. Тие не се возрасни, а ние во „Борка“ веруваме дека треба да се грижиме за соништата на нашите деца, за иднината.
Благодарни сме што децата го прават нашиот и вашиот живот подобар во сегашноста!
Ние како Здружение, кое се залага да се почитуваат правата на пациентите бараме итно да се обезбедат достоинствени услови за лекување, особено за оваа категорија на деца, да им се обезбдеи соодветна и навремена терапија и достоинствен третман за да го победат ракот.
Според Светска здравствена организација, преживувањето на децата заболени од малигни болести, особено во хематологијата, во развиените европски држави изнесува 80 проценти, во средно или ниско развиените 20 проценти. Според наши сознанија во Македонија овој процент не е ни 2 отсто.
Ги замолуваме политичарите, во кои силно верувавме дека ќе донесат ново, поубаво, посигурно утре за сите граѓани во земјава, денес да се стават во улога на родители чии деца се болни од рак, да замислат какво е чувството кога некој ќе ви каже да се откажете од своето чедо, само затоа што на Клиниката нема персонал или лекови.
Во спротивно бараме сите деца кои се лекуваат на ова одделение да се упатат на лекување во странство, каде шансите за преживување се оргомни, а Фондот за здравство во целот да ги покрие трошоците.

Здружение за борба против рак „Борка“ – за секој нов ден“