Здружението Борка – За секој нов ден, како членка на eвропската коалиција за борба против ракот на дојка ЕУРОПА ДОНА традиционално по седми пат го одбележува октомври месецот на борба против ракот на дојката.

Во рамките на своите активности Здружението БОРКА со почеток на месец октомври ја активира и ја пушти во употреба новата СОС мобилна линија за поддршка на болните од рак и нивните семејства. Линијата ќе биде достапна од 09 до 21:00 часот секој ден. Покрај новата СОС мобилна линија 075 22 88 99, продолжува да функционира и фиксната СОС линија 0800 55 777.

 

Здружението БОРКА – за секој нов ден на 14 октомври ја организира 7-та Национална Конференција за борба против рак на дојката. Конференцијата ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност и државност, со почеток во 18:00 часот. Конференцијата и оваа година е под покровителство на г-ѓа Маја Иванова, сопруга на Претседателот на Република Македонија. На Конференцијата свои кратки обраќања ќе имаат:

 

  • Биба Додева, Претседател на БОРКА
  • Никола Тодоров, Министер за здравство на РМ
  • Маја Парнаџиева Змејкова, Директор на ФЗОМ
  • Лоренс Оер, Амбасадорка на Република Франција во РМ
  • Мери Џо Волерс, сопруга на Амбасадорот на САД во РМ
  • Маја Иванова, Сопруга на Претседателот на РМ

 

Во работниот дел на конференцијата свое посебно излагање ќе има реномираниот онколог и професор др. Жозеф Глигоров, од Универзитетот Сорбона, Парис, Република Франција. Неговото предавање ќе биде на тема „Најзначајните придонеси на науката и организацијата на лекувањето во третирањето на ракот на дојката“.

Во работниот дел со свои излагања ќе учествуваат и:

 

  • Проф. Др. Смиља Туџарова – Ѓоргова, Директор на ЈЗУ Клиника за пластична и реконструктивна клиника
  • др. Митко Караѓозов, тораковаскуларен хирург, Клиничка болница Аџибадем – Систина
  • др. Милан Ристески, Директор на ЈЗУ Клиника за радиотерапија и онкологија

 

На конференцијата ќе биде претставен и промовиран првиот веб сајт за онлајн донирање кој во иднина ќе биде составен дел од веб страната на БОРКА, www.borka.org.mk За значењето на овој веб сајт ќе зборува Виктор Устијаноски , Директор на УКИОН.

На крајот на конференцијата ќе бидат доделени благодарници на сите соработници на Здружението БОРКА, сите волонтери кои несебично и помагаат на Борка во секоја кампања и на сите фирми кои водејќи се од општествено-корпоративната одговорност се поддржувачи на Борка во борбата против ракот.

 

На 15 октомври ќе биде одбележан светскиот ден на здрави дојки. Здружението сите свои активности ги одбележува и преку објавување на советодавни текстови на својата веб страна кои обработуваат различни аспекти од борбата против ракот на дојката, а се со цел да се информира јавноста и заболените со најновите сознанија во оваа област.

 

Следната предвидена активност на Здружението е серијата предавања која ќе се изведе во преку 15 градови и сите скопски општини, а ќе биде во соработка со Клиничката болница Аџибадем Систина. Предавањата ќе ги одржат реномирани лекари од клиничката болница, а ќе бидат на различни теми посветени на борбата против различни видови рак.

10624956_781431331915732_8108205265827332900_n