Тимот на Борка со децата од Клиниката за детски болести во Скопје

Марија Тасев

фото: Маја Златевска

Никој на земјата не можеше да се чувствува така, како фрлен и преплавен во приказна без крај. Чекаш и чекаш, и трае, трае, без крај.
Мора да има ангел, што се игра со нашите срца. Влегoвме полека на Клиниката за детски болести во Скопје и одеднаш нашите срца направија бум.
Децата од оддeлението за хемато- онколошки болести се смејат, насмевки како оркестар од ангели што играат со нашите срца.
Никој на земјава не може да се чувствува вака.
Тимот од Здружението за борба против рак „Борка- за секој нов ден“ и годинава ги сакаше насмевките на овие деца.
Затоа во свое друштво го зеде Дедо Мраз и принцезата Ана, еден куп пакетчиња и уште поголем куп поздрави и желби побргу и полесно да оздрават.
Принцезата Ана им вели : Имате ли новогодишна желба, имам магично стапче ?

Само кажете и јас ќе завртам круг над вашата глава и желбата ќе стане вистинска, ќе се исполни!
И тогаш повторно тој оркестар од насмевки на малите ангели, во еден глас викна : Сакаме дома !
И пак нашите срца направија еден силен бум, принцезата заврте круг со магичното стапче над нивните голи главчиња и сега само чекаме желбата да се исполни. Да си одат дома, здрави и живи .

За овој необичен и многу мил оркестар од насмевки се потрудија пријателите на „Борка“
1. Вработените од Авон
2. Фабриката за чоколади Европа
3. Краш
4. Colgate Македонија
5. Витаминка
6. Актери од Театарот за деца и младинци
7. г- ѓа Вера Корошец со семејството
8. Папироти
9. Апелини