Здружението „Борка“  во ТЦ Сити мол постави макета на дебело црево што се случува првпат во Македонија. Оваа макета ќе биде поставена од 15 до 18 март, чија  цел  е на експлицитен начин да ја запознае јавноста со ракот на дебелото црево и кои се начините за негова превенција, рано дијагностицирање, како и современ третман. Граѓаните од денеска до 18 март ќе можат да земат едукативни брошури кои содржат корисни информации за превенција, рана дијагностика и современ третман, а истите ќе бидат дистрибуирани преку волонтерите на Здружението кои во текот на овие денови ќе бидат присутни во ТЦ  Сити мол, покрај макетата на дебело црево.

webDSC03783

На 15 март во Плеј Кафе во Скопје Сити мол, Здружението Борка- за секој нов ден одржа прес конфернција за објавување на текот на кампањата за превенција од рак на дебелото црево ” Не смислувајте изговори“.

Претседателот на Здружението за борба против рак „Борка-за секој нов ден“, Биба Додева рече дека е зголемен интересот за ФОБ тестот, кој бесплатно се добива кај матичен лекар. Таа посочи дека во текот на оваа година треба да се посвети внимание и на ажурирање на новата позитивна листа на лекови.

webDSC03764

Раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство, д-р Јованка Костовска, која истакна дека  активностите за рано откривање на карцином на дебелото црево продолжуваат. Во текот на месец март како Светски месец за превенција од рак на дебелото црево ќе има поинтензивна акција во рамки на која секој ќе има право да си побара бесплатен ФОБ тест кај матичниот лекар или во Центарот за јавно здравје.

– Интересот за ФОБ тестот е голем. Според податоците од минатата година, 8.000 луѓе кои се јавија да направат ФОБ тест, 1.600 беа позитивни, но со дополнителни испитувања се докажа дека сме откриле 29 карциноми и седум полипи. Очекуваме дека и оваа година со овој поголем интерес на населението ќе откриеме карциноми во почетна фаза или барем полипи, па навреме да интервенираме за да спречиме појава на карцином, рече Костовска и додаде дека оваа година Министерството ќе обезбеди дополнителни ФОБ тестови

Проф. Д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје на Македонија истакна дека организирале дистрибуција на пропаганден материјал, постери и брошури кои, како што рече, биле еден вид повик до граѓаните и упатство како да го направат тестот, упатство до здравствените работници како да се поврзат во мрежата која се воспостави со цел процесот да се одвива беспрекорно и резултатите од тестовите да бидат внесувани во регистарот за колоректален карцином.

Планираме на крајот на овој Светски месец за превенција од рак на дебелото црево да прикажеме дел од резултатите, односно да ги анализираме и презентираме. Тоа ќе биде мотив повеќе да се продолжи и натаму со оваа акција со цел на сите граѓани да им се даде можност да направат ФОБ тест и да се откријат евентуални промени и со третманот и правилната рехабилитација да се успее да се спречи појавата на потешките симптоми на болеста, да се продолжи животот и да се подобри квалитетот на животот на граѓаните, рече Ќосевска.

webDSC03774

Др. Никола Јанкуловски, декан на Медицинскиот факултет-Скопје, истакна дека, околу 500 луѓе во Македонија годишно заболуваат од рак на дебелото црево, а околу 380 умираат. Многу пациенти доаѓаат со напреднат стадиум на болеста. Скрининг програмите имаат големо значење со цел заболувањето да се открие  во најрана фаза кога излекувањето се проценува на над 90 процен”Целта на сите кампањи од овој вид е да се подигне свеста кај луѓето да сфатат дека постои ова заболување. Се уште не сме задоволни со резултатите и со оваа програма бидејќи таа треба да напредува и од аспект на зголемување на бројот на колоноскопии. Значи тестот на скриено крварење е само еден почетен дел од скрининг програмата. Треба да се продолжи со овие програми кои треба да се збогатат и на тој начин ќе добиеме поголем број новооткриени пациенти со оваа болест во почетна фаза”, потенцира Јанкуловски.

Др. Владимир Аврамовски, специјалист по интерна медицина на Клиниката за гастроентерохепатологија рече дека инвестицијата во превенцијата е најголемиот бенефит за државата и за целата популација. Не постои, укажа тој, поефикасно здравство доколку не се имплементираат тие превентивни програми.

Со воведување на ФОБ тестот очекуваме реалната бројка набрзо да се покаже, но она што е битно е дека таа скрининг програма не се изведува кај пациенти кои имаат каков било симптом кој асоција на дебелоцревна патологија. Скрининг програмата пред се треба да ја опфати онаа популација која нема никакви симптоми и во неа треба да влезат пациенти на возраст од 50 години и кај кои ФОБ тестот треба да се изведе во три последователни празнења и ако сите се позитивни тогаш се индицира колоноскопија како дефинитивна метода за дијагностика”, истакна Аврамовски.

Додаде дека сите кои имаат тегоби во смисла нарушено цревно празнење, појава на крв во столицата, дијареа која трае повеќе од две три недели и други симптоми асоцирани од евентуалната местоположба на самиот тумор низ дебелото црево, не треба да чекаат ФОБ тест, туку треба веднаш да се јават на лекар и да се упатат на Клиника за дијагностика.

webDSC03771

Исто така на оваа прес конференција гостуваше и Милан Ѓорѓевиќ, Потпретседател на Здружението на пациенти заболени од рак на дебело црево и црн дроб, Србија, претставник на Еуропа Колон, Европска асоцијација за борба против рак на дебело црево, споделувајќи го своето искуство со присутните. Исто така беше промовиран едукативниот филм, снимен од страна на Еуропа Колон, во кој учествува Милан, како пациент кој го преживеал ракот на дебелото црево на само 24 години.

Сите заинтересирани граѓани ќе можат да ја посетат макетата на дебело црево во ТЦ Сити мол, и да подигнат од едукативниот материјал во текот на овие денови од 15 до 18 март