Здружението „БОРКА – за секој нов ден„ во партнерство со Think Pink Europe е дел од најголемата хуманитарна трка/прошетка во Европа RACE FOR THE CURE. Овој спортски и хуманитарен настан ги обединува луѓето погодени од рак на дојка и нивните семејства и пријатели. За време на трката излечените го слават животот, додека учесниците ја даваат поддршката на своите најблиски. Заедно тие се сеќаваат на оние што веќе не се со нас заради најчестиот вид рак кај жените.

Овој настан, во согласност со епидемиолошката состојба во светот и во нашата земја, ќе се одвива преку глобална дигитална платформа преведена на 24 светски јазици на која луѓето ширум Европа се поврзуваат преку онлајн регистрација за прошетка или трка во нивниот град, населба, локална заедница. Со учество во дигиталната „Race for the cure“ што ќе се одржи 25-26-27 септември, граѓаните им помагаат на луѓето кои страдаат од рак на дојка со собирање на потребните средства и подигање на јавната свест за оваа болест.

Преку донации или плаќање на симболична сума за регистација од 300 денари на платформата www.raceforthecure.eu, станувате дел од дигиталната заедница, ја подигнувате свеста за ракот на дојка и придонесувате за различни форми на помош за болните од рак на дојка. Собраните средства се исклучително важни, бидејќи годишно во Европа се дијагностицираат 500.000 нови случаи на рак на дојка, а за жал 130.000 луѓе го губат животот.

 

Глобалната цел е да се вклучат повеќе од 500.000 учесници на најголемиот европски спортски настан што ќе се одржи во 31 земја и се надеваме дека Македонија ќе биде земја со голем број на регистрации. Поради епидемиолошката состојба годинава, нема да можеме да направиме класична трка, но извесно е дека ќе ја продолжиме традицијата и нашата добро позната Розова прошетка која БОРКА годинава ќе ја реализира по 12ти пат. Оваа година, под името “Race for the cure” Розовата прошетка ќе се одвива во 14 града во Македонија истовремено а ќе може да се следи и онлајн на социјалните мрежи.

Во сите градови каде што имаме наши координатори ќе направиме прошетки и ќе го одбележиме овој настан. Среќни сме што наидовме на огромна поддршка од градоначалниците и сите со кои имавме средби безрезервно ќе ни се приклучат. Веќе имавме среби со Градоначалниците на Ресен, Охрид, Битола и Прилеп а во деновите што следат листата на градови значително ќе се зголеми – вели Биба Додева, претседател на БОРКА.


Се што треба граѓаните да направат е да се регистрираат на пратформата, да направат тим и да се подготват за 3 км прошетка или 5 км трка. Може да бидат каде што сакаат, запазувајќи ги здравствените препораки од Министерството за здравство. Може да пешачат или трчаат во нивното соседство, град или село, дури и да трчааат во затворено на трака за трчање, орбитрек, статичен велосипед или во теретана и да се поврзат со илјадници луѓе низ цела. При регистрацијата, може да се избере личност или мотив за учеството, да се посвети персонализирана порака, да се прикачи фотографија или видео за поддршка на одредена личност или организација. Под мотото – „Да останеме безбедни, да останеме поврзани„, а со споделувањето на социјалните мрежи сите придонесуваме за подигнување на јавната свест за оваа болест.

Ковид пандемијата ги стави на чекање пациентите кои се борат со ракот. Затоа, повеќе од кога било им е потребна нашата поддршка. Статистиките велат дека на глобално ниво во 2018 година бројот на новодијагностицирани од карцином на дојка биле 2 088 849 нови случаи, додека бројот на смртност бил 626 679. Во Македонија се дијагностицираат 3 до 4 случаи секој ден – вели Додева

Kампањата RACE FOR THE CURE, ја поддржуваат голем број на компании, долгогодишни поддржувачи на БОРКА меѓу кои и Македонски Телеком, Авон, Рош, Новартис, Медикус Хелп, Европската Унија во Македонија и секако амбасадата на САД во Скопје. Преку својата поддршка, тие како како општествено одговорни компанија и институции активно се вклучуваат во уште една кампања на Борка за подигнување на свеста за борба против ракот на дојка, што вообичаено се одбележува во месец октомври.

Ги повикуваме сите граѓани, активисти, волонтери, поддржувачи, медицински лица, пациенти и излекувани од оваа болест да ни се придружат и да пешачат или трчаат во чест на оние кои се борат, како и во чест на оние кои ја изгубиле битката со карциномот на дојка и прерано не напуштиле – повикуваат од Здружението Борка.

Инаку БОРКА е полноправен член на Think Pink Europe, европска Алијанса за борба против рак на дојка а веќе 11 години успешно, секој октомври, ја организира националната камоања за борба против ракот на дојка и манифестацијата “Напред Розово”, која од годинава прераснува во RACE FOR THE CURE.