IMG_1132

Многумина од нас порано или подоцна од матичниот лекар или специјалистот добиваат дијагноза дека се болни од некоја болест и треба да се лекуваат. Сепак, колку и да е сериозна дијагнозата, луѓето ништо не доживуваат толку драматично како дијагнозата – рак. Од оној момент кога оваа дијагноза ќе биде соопштена, за повеќето болни и нивните семејства настанува вистинска животна драма во која поради шокот, стравот, неинформираноста и предрасудите честопати состојбата се влошува или пак се пропуштаат значајни можности за соодветно лекување. Најжалната работа е кога луѓето и покрај тоа што ќе им биде соопштено од лекарот дека имаат рак, и треба да се лекуваат, тие тоа го кријат од луѓето, дури и од најблиските и не преземаат ништо, се додека состојбата не стане критична, а можностите за лекување многу ограничени.

Поради ова, во речиси сите онколошки клиники во развиениот свет, луѓето на  кои им е дијагностициран рак, задолжително се упатуваат на психолошко советување, психотерапија или вклучување во групи за поддршка. На многу клиники во Норвешка неодамна е организирана обука на лекарите онколози како да им ја соопштуваат дијагнозата на пациетнтите на начин кој ќе биде најмалку стресен и ќе им даде најмногу доверба во процесот на лекување.

Поддршката од професионалец, како и и делењето на проблемите со луѓе кои исто така минале или минуваат низ процесот на лекување од рак , може да биде од клучно значење во справувањето со болеста  како за болниот, така  за членовите на неговото семејство кои директно се засегнати од болеста на својот близок.

И покрај тоа што стапката на болни од рак во Македонија и соседните држави во регионот расне, информираноста на луѓето за природата на оваа болест и можностите за нејзиното лекување се уште е мала.  Повеќето луѓе во Македонија ракот го сметаат за болест која неминовно води кон тешка и мачна смрт, нешто многу страшно, некои веруваат дека заразно, а во некои позаостанати средини и како болест која е последица на „грешен живот„, „божја казна„ и сл.

Во долгите редици пред портите на локалните бајачи, тревари или други „исцелители„ може да се најдат многу луѓе кои тука го бараат спасот. Но и редиците пред клиниката за онкологија и пред аптеките во кои се барана најновиот и најефикасен лек против ракот укажуваат на тоа дека ракот станува се посериозна закана за здравјето на луѓето.IMG_1143

Забрзаниот раст на заболени од рак, се должи на повеќе фактори како на пример, изложеност на радијација по фрлањето на бомбите со осиромашен ураниум за време на војната во Србија  и Косово, лошиот стил на живот  како на пример: нездравата исхрана, премалку движење, недоволно одмор и сл. Но, луѓето многу малку знаат за причинителите на оваа болест и можностите за превенција. Лекарите на нашите клиники каде се лекуваат болните од рак се толку зафатени што едвај дека имаат време да ги прегледаат и да им препишат терапија, па разговорите со лекарот кои би имале функција на едукација и психолошка поддршка или ги нема или се недоволни. Така, пациетните и нивните семејства или остануваат неинформирани или тоа го прават самоницијативно со читање книги, информации од интернет и сл. Понекогаш  ова е добро, но понекогаш луѓето несакајќи стануваат погрешно информирани или добиваат сосема погрешна претстава за болеста и она што им се случува. Ова ги води кон голем страв, анксиозност, депресија  кои го забавуваат лекувањетои и опоравувањето и водат кон рецидиви.

Од психолошка гледна точка, за најчест фактор за појава на рак кај луѓето кој се споменува е стресот. Стресот предизвикува организмички дисбаланс кој настанува при ненадјни стресни настани или пак при долготрајно акумулирање на замор, незадоволство, бес и сл. Идејата дека стресот е поврзан со појавата на рак има долга историја. Уште Гален во стариот Рим верувал дека луѓето кои се тажни и депресивни или меланхолични имаат поголема склоност да се разболат од рак или канцер од оние кои се среќни, со самодоверба и полни со енергија.  Слични размислувања и заклучоци може да се најдат и подоцна во историјата на медицината меѓу тогашните  лекари.

Луѓето кои се изложени на силен стрес и не развиле методи за справување со него најчесто манифестираат симптоми на психосоматски болести, меѓу кои спаѓа и ракот. Јакиот и ненадеен стрес кај луѓето може да предизвика  видливи промени на расположението и однесувањето кои не се се секогаш минливи и може да доведат до сериозно нарушување на здравјето. Високиот крвен притисок, проблемите со срцето, грчевите во стомакот, честите алергии и сл честопати се симптоми на силна напнатост на организмот кој не успева да се ослободи и да воспостави баланс.

Кон појава на рак честопати води и нездравиот стил на живот – пушењето, пиењето алкохол, често консумирање на брза храна, нехигиенски услови за живот и сл. Многу заболени од рак и покрај успешното лекување, потоа продолжуваат со стариот стил на живот и тоа предизвикува повторна појава на болеста.

Многу истражувања укажуваат на тоа дека покрај генетскиот фактор, стилот на живот е многу значаен фактор за тоа дали кај некои луѓе ќе дојде до појава на рак или не. Животот под висок стрес, брзањето, лутината, постојаната компетитивност на работното место, расправиите дома од една страна, како и недостатоткот на чувство на самоефикасност, вредност, исполнетост и радост, песимистичкиот поглед на животот, чувството на постојано незадоволсто од друга страна, значително придонесуваат кон тоа луѓето да се разболат од рак.

Но кога болеста ќе биде дијагностицирана, ако пациентот паралелно со терапијата на онколозите не побара поддршка во насока на промена на животните навики, ставови и чувство за себе си, потешко ќе се справува со предизвикот на болеста.

Секоја друга помош и поддршка во оваа насока се многу значајни за болниот од рак, па затоа одењето на психолог или во социотераписки групи за поддршка се многу важни и за болниот и за неговото семејство, за кое ваквата болест исто така е голем стрес. Многу е важно штом човекот ќе добие дијагноза дека има рак , за тоа да ги извести најблиските членови на семејството, а потоа самиот или заедно со нив да се вклучи во некоја форма на психосоцијална поддршка.

IMG_1138 

Психосоцијалната  поддршка се дефинира како: своевидна удобност, грижа, поддршка или помош, која болниот човек ја прима од други луѓе, професионалци или групи за поддршка. Оваа поддршка има повеќе извори.

Тоа може да биде поддршката на партнерот, семејството, пријателите, колегите, лекарот или психологот… Луѓето кои имаат психосоцијална поддршка за време на лекувањето, веруваат дека и покрај се се сакани и потребни, дека луѓето се грижат за нив, дека се вредни, ценети и се дел од социјалната мрежа.

Психосоцијална поддршка може да биде дадена како  емоционална поддршка, која вклучува израз на емпатија, грижа и внимание кон болниот. Ова му помага на да се чувствува удобно, заштитено, дека ја добива потребната терапија и медицинска нега, дека припаѓа некаде и дека е сакан, потребен итн. Емоционалната поддршка особено е важна и за членовите на семејството кои честопати може многу бурно да реагираат на болеста на својот близок. Ова особено е важно за родителите на децата болни од рак, како и нивните браќа или сестри, баби и дедовци и други. Понекогаш дијагнозата дека детето е болно од рак предизвикува влошување на здравствената состојба на постарите членови од семејството или чести се примери каде и родителите се разболуваат „од секирации и грижа„. Кај членовите на семејството на болниот од рак, честопати се јавува и чувство на вина. Ова чувство за сите други е ирационално, но за оној кој го има може да биде страшно. Луѓето кои имаат дете или партнер болен од рак, честопати се обвинуваат себе си за болеста, се прашуваат: „Боже, зошто детето (или сопругот) а не јас?,Зошто токму моето дете, зошто сум вака казнет/а?, „Подобро да умрам отколку да го гледам како се мачи и сл„. Ваквите и слични чувства и мисли не само што не му помагаат на болниот, туку дополнително ги трошат ионака мали ресурси на енергија на семејството за справување со болеста. Затоа, особено е важно да им се даде и психосоцијална поддршка и на членовите на семејството на болниот.

Другата улога на психосоцијалната поддршка се одвива во насока на зголемување на самодовербата и самоефикасноста на болниот преку давање позитивни пораки (не грижи се, ние сме со тебе, се ке биде добро…), охрабрувачки зборови (знаеме дека ти можеш да се справиш со ова…) или согласување со идеите (да, и ние мислиме дека е добро да почнеш да се храниш со органска храна, се разбира дека лекарот што се лекува е многу стручен …), прифаќање на чувствата на личноста (разбираме дека ти е тешко), позитивно споредување на личноста со другите како на пример со луѓе кои се во полоша состојба од него (на пример: ете, тој има три операции, а ти помина со една).  Овој вид поддршка и дава на личноста чувство дека не е сама, дека  е вредна, може да успее и дека има потенцијал да се справи со проблемот. Ова е особено важно кога ќе му биде соопштена дијагнозата која сама по себе е силен стрес, кога ударот на стресот е најсилен и човекот е столчен или шокиран од  новата состојба во која се нашол. Ваквата поддршка му дава време и сила да се соземе и да ги активира сопствените ресурси за справување сопроблемот.

Плачењето, сожалувањето, паничењето и сл се контрапродуктивни и не водат кон позитивен исход на болеста.

 Друг вид на психосоцијална поддршка е таканаречена допирна или инструментална поддшка. Ова  подразбира директна асистенција како на пример позајмување на пари, помош во домот околу завршување на домашните работи, причувување на децата или домашните миленици за време на лекувањето и задоволување на новите потреби на болниот, како  возење и придружување до болница, за време на примање хемотерапија и сл, придружување кога оди на психотерапија и сл.

Трет вид на психосоцијална поддршка е таканаречена информациска поддршка, која вклучува давање на совети, инструкции, сугестии или споделување на лични искуства на луѓе кои веќе минале низ слична ситуација. Овој вид поддршка најдобро се дава во групи за психосоцијална поддршка во кои членуваат повеќе луѓе кои се лекуваат или се излекувале од рак.

Колку од овие видови поддршка ќе прими болниот, зависи од потецијалот на личноста да прима помош. Една од најчестите причини заради кои луѓето во вакви тешки ситуации остануваат без потребната поддршка, е тоа што тие не кажуваат дека им е потребна, односно другите кои можат да им ја дадат не знаат дека е им е потребна. Во нашата култура се уште  болеста ја сметаат за срам, па кријат од луѓето, дури и од најблиските дека се болни и дека им треба помош, барањето помош го доживуваат како понижувачко или не сакаат „да се задолжуваат„, се плашат дека ако кажат за болеста ќе бидат отфрлени или третирани како помалку вредни или неспособни, дека ќе бидат отпуштени од работа и сл.

Но и средината може да не одговори на апелот за помош на болниот така што луѓето престануваат да се јавуваат и да доаѓаат „за да не го вознемируваат„, да не изгледа дека „му се ситат„, да „не го заморуваат„ и сл. Некои не доаѓаат зошто едноставно и самите се премногу исплашени и збунети и не знаат како да се однесуваат, па наместо да помогнат со своето присуство, тие кога се со болниот плачат, тажно го гледаат или зборуваат како да веќе е готово со него, некои се дистанцираат за да не се случи болниот од нив да побара пари за лекување или некоја услуга и сл. „се потресуваат„ ако му е падната косата или е многу пропаднат и сл. Ова е многу контрапродуктивно, затоа што на болниот му се потребни луѓе на кои може да се потпре во тој кризен период од животот, а не луѓе кои ќе ги гледа како страдаат.

Како и да е, каква е психосоцијалната поддршка зависи од составот и структрурата на  социјална мрежа, те какви  се врските помеѓу болниот, семејството и заедницата во која живее. Овие врски имаат свои квалитативни и квантитативни димензии. На пример колкав е бројот на луѓето со кои болниот контактирал пред болеста и каков бил квалитетот на тие контакти, т.е. дали биле формални, службени или далечни врски со тие луѓе или постоел поголем степен на блискост, доверба и посветеност колку чести биле тие контакти и колку од нив останале, дали се тоа членови на семејство, пријатели или други,  Луѓето кои имаат поголем број врски со повеќе луѓе кои им се блиски и во кои имаат доверба и од кои можат да добијат поддршка, имаат многу поголеми изгледи да ја надминат болеста и да се вклучат во нормален живот по лекувањето дури и ако болеста оставила последици кои се рефлектираат врз понатамошниот живот.

Дали болниот и семејството имаат на располагање доволно средства за непречено лекување и нега, дали општеството располага со доволно добра мрежа на клубови, организации или служби во самите онколошки клиники каде работат тимови од психолози и социјални работници кои се професионално остручени и искусни во прифаќањето на болниот и неговото семејство од денот кога ќе му биде соопштена дијагнозата, и понатаму низ сите фази на лекување кои се потребни и кои во голема мера влијаат врз психолошката состојба на болниот и семејството.

Иворите на психосоцијална поддршка се менуваат со текот на животот.

На пример,  децата кои биле болни од рак, вообичаено ја барале и добивале поддршката за време на болеста од повозрасните, претежно од родителите, па ова придонесува кон тоа врските на овие деца со врсниците да бидат слаби или никакви. Честопати овие деца иако успеваат да ја надминат болеста, имаат сериозни последици во комуникацијата со врсниците, имаат дефицит на социјални вештини, немаат другари на нивна возраст и тешко или воопшто не можат да се вклопат во средината со својата генерација, па и како возрасни остануваат со родителите и немаат многу пријатели. Тие тешко се решаваат на брак уште повеќе што многу од нив се плашат дека ако кажат дека биле болни, партнерот ќе ги остави или ќе ги вреднува како помалку способни вредни или дефектни.  Од друга страна, постарите болни вообичаено очекуваат помош од помладите – децата, снаите, зетовите, внуците…Ова понекогаш води кон развивање на потполна зависност на болниот од младите, кои од друга страна, трпат затоа што не можат нормално да го живеат својот живот поради стариот болен во семејството. Ова честопати создава тензија, па дури и сериозни проблеми во семејството кои дополнително може да се одразат врз состојбата на болниот, но и здравствената состојба на другите членови на семејството. Кај овие, вообичаено се јавува чувство на вина или взаемно обвинување ако не му  се секогаш на располагање на  болниот, или ако еден од членовите на семејството минува премногу време во нега и грижа за болниот или пак ако болниот го сместат во институција каде ќе се грижат за него професионалци..

Поради овие и многу други причини, психосоцијалната поддршка е многу значајна во лекувањето на болните од рак и нивните семејства. Засега, во Македонија има неколку групи за психосоцијална поддршка кои се оспособени да ги прифаќаат болните од рак и нивните семејства, но тоа ни оддалеку не е доволно за задоволување на потребите на овие граѓани. Како и да е, секоја форма на психолошка поддршка може да биде многу важна и значително да придонесе кон, поуспешно лекување и превенција од рецидиви на болеста.

 

 

Simbol za CentarotЦЕНТАР ЗА ПРИМЕНЕТА ПСИХОЛОГИЈА

ЗОРБА КОНСАЛТИНГ – СКОПЈЕ

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ул. Никола Русински 3б 1/15

тел:(02) 2047313, 070508618

КУРСЕВИ