Марија Тасев

Колоректалниот карцином е малигнитет на дебелото црево или ректумот.
Со исклучок на кожните карциноми, карциномот на дебелото црево е третиот најчест дијагностициран рак кај мажите и кај жените во САД. Американското Здружение за Рак објави дека околу 112.000 нови случаи на рак на колонот (55.000 мажи и 57.000 жени) и 41.500 нови случаи на рак на ректумот (24.000 мажи и 17.500 жени). Колоректалниот карцином е втора водечка причина за смрт поврзана со рак во САД со околу 52.000 смртни случаи (26.000 мажи и 26.000 жени) од 2008 година.

Опис
Колоректалниот карцином се јавува во последните 1,8 метри од цревата, познати како дебело црево, и / или во ректумот, каде што завршува дебелото црево и изметот го напушта телото. Поголемиот дел од малигните заболувања кои се јавуваат кај колоректалниот рак се нарекуваат аденокарциноми. Кога некоја индивидуа развива колоректален аденокарцином, малигните клетки на ракот растат во внатрешноста на дебелото црево и / или ректумот. Големи кластери на овие клетки формираат структури познати како тумори.
Причини и ризик фактори
Точната причина за колоректален карцином не е позната. Сепак, постојат голем број на познати фактори на ризик кои ги зголемуваат шансите за развој на болеста. Тие вклучуваат:
• Фамилијарна историја. Индивидуи кои имаат еден или повеќе блиски роднини, кои биле дијагностицирани со колоректален карцином може да се изложени на зголемен ризик за оваа болест. Во 2003 година, истражувањата покажале дека околу 5% од пациентите со колоректален карцином ги наследиле синдромите.
• Историја на болест на цревата и/или полипи на дебелото црево. Одредени видови на полипи на дебелото црево, кои се слични на тумор, бенигни израстоци на ткивото во рамките на дебелото црево, може да претставуваат рано предупредување или предвесник на колоректален карцином. Тие може да се развијат во малигноми подоцна во животот. Болестите на дебелото црево кои предизвикуваат воспаление и иритација на цревата, како што е Кроновата болест и воспалителната болест на цревата, исто така може да го зголемат ризикот на поединецот за развивање на колоректален малигнитет.
• Дебелина. Дебелите поединци, особено оние со тип на тело во облик на јаболко (каде што е концентрирано масното ткиво околу половината), спротивно на крушовидно тело (каде се складираат маснотиите на колковите и бутовите), се со зголемен ризик за колоректален карцином. Масната исхрана исто така ја зголемува шансата на поединецот за развој на колоректален карцином.
• Возраст. Поединци над 50-годишна возраст се со зголемен ризик за колоректален карцином.
• Седентарен начин на живот. Умерено вежбање се мисли дека има превентивен ефект против ракот.
• Ноќна работа. Студија од 2003 година покажа дека работата во ноќна смена, всушност може да го зголеми ризикот од колоректален рак кај жените. Изложеноста на светлина навечер го потиснува природното производство на мелатонин во телото, хормон кој помага да се спречи размножувањето на некои видови рак на цревата.
Симптоми
Симптоми на колоректалниот карцином се:
– крв на ректумот или во столицата
– чувство на фекална итност (чувство како да се има постојано движење на дебелото црево)
– болки во стомакот и / или желудникот
– промени во навиките на дебелото црево, вклучувајќи запек, дијареа и / или столици тенки како молив
– екстремен умор
– намален апетит

Дијагноза
Раната дијагноза е критична во успешното лекување на колоректалниот карцином. Наједноставните скрининг тестови за колоректалниот рак се дигитален ректален преглед и тест на окултно крварење во фецесот (FOBT). При дигиталниот ректален преглед, лекарот го внесува прстот со ракавица во ректумот и ги чувствува евентуалните неправилности. Во FOBT, примероци од столицата се тестираат за траги од крв. Тестот може да се направи дома и да се испрати во лабораторија за анализа. FOBT може да ја намали стапката на смртност за околу 33%. За жал, во САД, помалку од 35% од населението прави FOBT.
Флексибилна сигмоидоскопија и / или колоноскопија се прави за да се види внатрешноста на дебелото црево. Првата го испитува ректумот и дебелото црево за присуство на рак, а втората ја испитува целосната должина на дебелото црево. Во текот на овие постапки, лекарот внесува флексибилна цевка со мала, фибер-оптичка камера (ендоскоп) низ ректумот во дебелото црево. Лекарот внимателно ја испитува обвивката на цревото за присутни знаци на рак. Исто така, ако е најден полип при преглед, истиот е отстранет, обично со отсекување со остра жица во форма на јамка прикачена на апаратот. Со отстранувањето на сите полипи, се спречува оние кои се немалигни да се развијат во рак. Ткивен примерок (биопсија) на дебелото црево најчесто се зема со помош на ендоскоп за да се испита под микроскоп како доказ за малигнитет. Двата теста може да предизвикаат непријатност и може да се изведат под локална анестезија. 
Серија на ниски гастроинтестинални X-зраци може да биде корисна во одредувањето на тоа колку од цревото е вклучено во текот на болеста. Кашест раствор наречен бариум, кој делува како контрастен агенс за да го осветли гастроинтестиналниот тракт на рентген снимки, се аплицира во форма на клизма кај пациентот. Во некои случаи, воздух, исто така, се уфрла во ректумот за да се обезбеди јасна слика на дебелото црево. Ова се нарекува двојно контрастна бариумова клизма. Притисокот во стомакот на пациентот од воздухот и бариумовиот контраст, најверојатно, ќе предизвика некои непријатности.
Почнувајќи од 2007 година, истражувачите развиваа алтернативни скрининг методи кои предизвикуваат помала или никаква непријатност во споредба со ендоскопот. Техника на X-зраци која користи компјутеризирана томографија со скенирање (КТ скен) и се нарекува виртуелна колоноскопија била во ограничена употреба до 2007 година. Други методи кои се развиваат ќе го користат изметот или примероци на крв за скрининг на рак. Неколку причини се наведуваат за нискиот процент на луѓето на возраст над 50 години кои прават скрининг за колоректален 
рак. Една од нив е дека постапката е непријатна и одзема многу време. Уште една дестимулација е 
лаксативната подготовка која обично е потребна пред колоноскопијата. Се надеваме дека новите, помалку инвазивни техники на детекција ќе го зголемат процентот на луѓето кои се тестираат.
За повеќето луѓе, колоноскопија или сигмоидоскопија се препорачува на почетокот на возраст од 50 години, а потоа да се повторува на секои 10 години за колоноскопија и секој пет години за сигмоидоскопија. Колоноскопија била за прв пат користена во 1969 година. Одкако колоректален карцином е дијагностициран, дополнително тестирање е потребно за да се утврди колку има ширење на ракот. Оваа постапка е позната како стејџинг (градирање по стадиуми).
Постојат 
пет различни фази на колоректалниот карцином:
– Стадиум 0 (carcinoma in situ). Најраниот стадиум на колоректален карцином покажува дека канцерогените клетки не се шират надвор од обвивката на дебелото црево.
– Стадиум I. Ракот се проширил на вториот и третиот слој од внатрешноста на ѕидот на дебелото црево, но се уште се содржи во рамките на дебелото црево.
– Стадиум II. Ракот се проширил надвор од дебелото црево, но не се шири во лимфните јазли.
– Стадиум III. Ракот се проширил на околните лимфни јазли, но не се шири низ целото тело.
– Стадиум IV. Ракот се проширил низ целото тело.
Постои шестти подтип на рак, наречен повторлив, кој се користи за класифицирање на колоректален карцином, кој бил третиран, изгледа дека го снемало, но подоцна се повторува или 
во дебелото црево или во друг дел на телото.

Третман
Најдобрата шанса за успешно лекување е рано откривање на колоректалниот карцином. Колоректалниот карцином е болест опасна по живот и точно дијагностицирање и соодветен третман со хирургија, хемотерапија, и / или зрачење е од клучно значење за контрола на болеста.
Голем број на хербални лекови исто така се на располагање за да се намалат болните симптоми и да се промовира релаксација и исцелување. Сепак, пациентите со рак треба да се консултираат 
со лекар пред да ги земаат. Во зависност од подготовките и видот на билките, овие лекови можат да имаат взаемно дејство со другите препишани лекови. Билки, кои промовираат исцелување на дигестивниот тракт содржат лизгава кора од брест (Ulmus rubra), корен од барски слез (Althaea officinalis) и “златен печат“ (Hydrastis canadensis).
Анализа на пет претходни студии на речиси 1.500 учесници покажала дека внесувањето на препорачаната дневна доза на витамин Д може значително да го намали ризикот за добивање на колоректален карцином. Студијата покажа намалување на ризикот за две третини за добивање на колоректален карцином кај луѓето кои земале 2.000 ИЕ (интернационални единици) витамин Д дневно. Почнувајќи од 2007 година, Американската Агенција за храна и лекови (FDA) препорачува дека возрасните на возраст од 50-70 години треба да внесуваат дневна доза од 400 ИЕ на витамин Д. Максималната безбедна дневна доза препорачана од страна на FDA на витамин Д е 2.000 ИЕ.
Конвенционален третман
Опциите за третман вклучуваат хирургија, хемотерапија и зрачење. Колоректалниот карцином се третира нс два начина, на локално ниво, за да се елиминираат туморските клетки од дебелото црево со хируршка интервенција и радијација, и системски, за да се уништат клетките на ракот кои пристигнале во другите делови на телото. Системската терапија вклучува употреба на лекови за хемотерапија.

Хирургија
Обемот на операцијата зависи од видот на колоректалниот карцином, без разлика дали болеста се шири или не, од возраста и здравјето на пациентот. Хируршка процедура позната како ресекција или сечење на цревото, се врши на ракот на колонот, каде должината на дебелото црево која содржи канцерогени клетки се отстранува, заедно со околните ткива и лимфни јазли. Двата краја на преостанатите две црева се спојуваат повторно заедно.
За ракот на ректумот, повеќе други хируршки методи може да бидат употребени, вклучувајќи ги локалната ексцизија на ракот (каде канцерогените клетки и околните ткива се отсечени од ректумот) и трансаналната ресекција, каде инвазивното канцерогено ткиво се отстранува заедно со нормалното анално ткиво.
Во зависност од степенот на зафатеност и потребниот степен на операција, некои пациенти може да имаат потреба од колостома. Колостомата вклучува хируршки прикачување на дебелото црево на отвор на абдоминалниот ѕид, каде што изметот е елиминиран во спроводна кеса.
Присуството на клетките на ракот во лимфните јазли може да бара многу поширока операција. Ако ракот е раширен на јазлите, на пациентот ќе му треба зрачење, хемотерапија, хормонска терапија или комбинација на сите три по операцијата. Ова се нарекува ”адјувантна терапија.”

Зрачење
Откако ракот ќе се отстрани, лекарот може да препорача терапија со зрачење за да ги уништи евентуално останатите клетки на ракот. Во случаи кога ракот се наоѓа во тешко достапни места, зрачењето може да се користи за да се намали големината на ракот или туморскиот раст.
Зрачењето го запира делењето на клетките на ракот и особено добро делува кај брзо-растечките тумори. За жал, тоа исто така ќе ја спречи делабта на некои видови на здрави клетки. Здравите клетки кои се делат брзо, како оние на кожата и косата, се погодени најмногу. Поради оваа причина, зрачење може да предизвика замор, проблеми со кожата и опаѓање на косата. 
Радиотерапија може да биде внатрешна, каде честичките на радиоактивните материи се имплантираат во туморот, или надворешна, каде што енергетските зраци (зрачењето) се насочени кон ракот од надворешноста од телото. Надворешното зрачење, најчестиот вид на третман за колоректален карцином, обично се спроведува пет дена во неделата неколку недели.
Некои студии укажуваат на тоа дека радиотерапијата ја намалува веројатноста за локална повторна појава на колоректален рак на значајната маргина. Некои клиничари сметаат дека терапијата е најефикасна кога се дава пред операцијата отколку потоа.

Хемотерапија
Операцијата на колоректалниот карцином може да биде проследена со хемотерапија дури и во најраните фази. Хемотерапијата се администрира или усно или со инјекција во крвен сад. Таа обично се дава во циклуси, по што следи период на обновување, следен со уште еден циклус на лекови. Третманот може да се движи помеѓу четири и девет месеци. Есента 2001 година, Американската Агенција за храна и лекови (FDA) одобри испитувања за нова вакцина за помош во лекувањето на колоректалниот карцином. Истражувачите планираат да ја даваат вакцината задно со хемотерапијата за да се спречи повторување на болеста. Во 2003 година, FDA одобри нов лек за хемотерапија наречем BEVACIZUMAB во борбата против ширењето на метастатскиот колоректален рак.
Некои типови на хемотерапија даваат значителни несакани ефекти, вклучувајќи ги гадењето и повраќањето, привремено губење на косата, рани во устата, кожен осип, замор, ослабен имунолошки систем и неплодност. Сепак, повеќето несакани ефекти се привремени и исчезнуваат кога лекувањето е завршено.
Очекувани резултати
Стапката на смртност кај оваа болест опаѓа во текот на последните неколку децении на 20 век и 
од 1985 година, годишните смртни случаи како последица на колоректалниот карцином се намалија со просечна стапка од 1,6 % на годишно ниво.
Раното откривање е клучно за подобрено преживување; пациентите со колоректален рак откриени рано (стадиум I) се со 96% стапка на преживување. За споредба, кај пациенти кои се дијагностицирани со стадиум IV на колоректалниот карцином имаат 5% стапка на преживување.

Превенција 
Правилната исхрана и вежбање помогнуваат во спречување на многу видови на рак, вклучувајќи го колоректалниот карцином. Истражувањето објавено во 2003 година ги потврди благодетите од физичката активност за намалување на ризикот на канцер на дебелото црево и ректумот. Добро балансирана исхрана составена од најмалку пет порции од овошје и зеленчук и шест порции храна од други растителни извори (на пример, житни култури, житарици, тестенини) се препорачува од страна на Американското Здружение за Рак. Голем број на овошје и зеленчук се покажаа дека имаат антиоксидативни карактеристики и можат да бидат корисни во превенција против ракот. Ова вклучува каротеноиди, кои се наоѓаат во овошните пигменти; флавоноиди, кои можат да се најдат во растителните пигменти и особено ликопен, кој се наоѓа во сокот од домати.
Некои клинички студии, исто така, покажале дека редовната употребата на зелен чај (произведен од Camellia sinensis растенијата) може да го намали ризикот од одредени видови на рак, вклучувајќи ги и колоректалниот карцином. Зелениот чај содржи полифеноли, антиоксидантна супстанција која, исто така, може да го инхибира растот на постоечките клетки на ракот. Во некои 
испитувања врз животни, инјекции на екстракти од чај ја намалиле големина на канцерогените тумори. Антиоксидантните ефектите од зелениот чај треба да се проучат и понатаму за појасно да се дефинира улогата на билката во третманот на ракот и превенцијата.
Бидејќи раното откривање е толку критично за бадминување на колоректалниот карцином, пациентите кои имаат ризик за оваа болест кој се должи на генетски, животен стил или на фактори од животната средина, треба да се подложат на редовни скрининг методи по 50-годишна возраст (веројатно и пред тоа, во зависност од личната и медицинската историјата на поединецот).
Американското Здружение за Рак ги препорачува следните скрининг тестови:
– годишно FOBT (тест на окултно крварење во фецесот) плус флексибилна сигмоидоскопија на секои пет години, или
– колоноскопија на секои 10 години, или
– двојно-контрастна бариумска клизма секои 5 до 10 години.
Дигиталниот ректален преглед исто така, се препорачува во текот на секој скрининг.