Скринирањето за рак на дојка пред да се појават симптоми може да биде доста важно. Скринирањето може да им помогне на докторите да го откријат и третираат ракот во рана фаза на развој. Поверојатно е и дека самото лекување ќе има подобри резултати доколку ракот биде откриен во порана фаза . Вашиот доктор може да Ви ги предложи следниве скрининг процедури за откривање на рак на дојка :

Мамограм    

Мамограмот претставува рентген снимка на дојките која се добива со мамографија. Постојат два вида на мамограми :

  • Скрининг мамограм. Оваа метода е за жени кои немаат проблеми со своите гради и се состои од по две рентген снимки од секоја дојка .
  • Дијагностички мамограм . Се користи за евалуација на нови абнормалности или за пациенти со претходно детектирани абнормалности на кои им е потребен контролен преглед . Во овој случај се прават повеќе рентген снимки, од различни агли, од одредени делови на дојките .

Каде може да се направат ?

Мамограмите ги има во болници, амбуланти и приватни ординации .

Кога треба да се направи преглед на дојките ?

Многу е важно докторите да го детектираат ракот на дојката порано, затоа се препорачува:

  • Жените постари од 20 год би требало да прават мамограм на секои три години
  • Жените кои се постари од 40 год би требало да прават мамограми на секои 1-2 години

Многу често лекарите препорачуваат самите жени да си прават проверка на нивните гради барем еднаш месечно. Оваа самопроверување, во комбинација со редовна мамографија е најдобар начин за откривање на ракот на дојка во рана фаза на развој. Треба да се има на ум дека мамограмите многу често можат да дијагностицираат израсток пред тој воопшто да може да се палпира, што значи дека самопроверувањето на вашите гради неможе да биде замена за мамограм.

Резултати од мамограмот

Ако на мамограмот се покаже некоја абнормална облат, потребно е да се направат повеќе рентген снимки т.е да се направи дијагностички мамограм. Можеби ќе биде потребно да се направи и биопсија. Биопсијата е единствениот начин со кој со сигурнот можеме да кажеме дека се работи за рак. Мамограмите се најдобрите алатки кои ги имаат лекарите за откривање на ракот на дојка во рана фаза. Меѓутоа ниту мамограмите не се совршени :

  • Мамограмот може да не дијагностицира одредени ракови (овој резултат се нарекува “лажно негативен”)
  • Мамограмот може да дијагностицира одредени абнормалности за кои може да се потврди дека не се рак (овој резултат се нарекува “лажно позитивен”)
  • Некој брзо-растечки тумори може да достигнат одредена големина или да се прошират во други делови на телото пред да бидат детектирани со мамограм

Мамограмите (како и денталните рентген снимки и други рутински рентгенски снимања) користат  многу мали дози на радијација. Скоро и да не постои можност таа доза на радијација да има штетно влијание, меѓутоа повеќекратно рентген испитување може да предизвика одредени проблеми. Сепак бенефитот секогаш го надминува ризикот. За потребата од некое рентген испитување треба да се консултирате со Вашиот лекар. Исто така при секое рентген снимање би требало да побарате штитници кои ги заштитуваат оние делови од Вашето тело кои не се сликаат со рентген апаратот.

Клинички преглед на дојка

Прегледот на дојка од страна на лекар специјалист е многу важен дел од рутинските лекарски прегледи. Би требало да се прави клинички преглед на секои три години почнувајќи од 20-та година и на секоја година после 40 години. Клинички преглед на градите може да биде препорачано да се прави и почесто доколку има фамилијарна историја на рак на дојка.

Најдобар период за преглед на Вашите дојки е непосредно по завршувањето на менструалниот циклус, бидејќи Вашите гради нема да бидат осетливи или отечени, како што се за време на менструалниот циклус. На тој начин е поедноставно да се детектираат некои необични промени. Ако сте на возраст во која повеќе немате менструален циклус најдобро е да го закажете Вашиот годишен преглед на дата која е полесна за паметење, како на пример Вашиот роденден .

Што се случува за време на лекарскиот прглед на вашите гради ?

Вашиот лекар ќе ви постави прашања за вашата медицинска историја, вклучувајќи и податоци за Вашиот менструален циклус и за бременостите. Прашањата може да се состојат од тоа кога сте почнале да менструирате, дали имате деца, на која возраст го имате родено Вашето прво дете.

Ќе биде извршен детален преглед на Вашите гради. За прегледот треба да се соблечете од половината нагоре, а лекарот ќе врши преглед со цел да види дали постојат промени во големината и формата. Лекарот од Вас може да побара да ги кренете рацете над главата, да ги ставите Вашите раце на колковите или да се наведнете нанапред. Тој или таа ќе изврши преглед на Вашата кожа во случај да постојат промени од типот на осипи,улцери или црвенило. Ова е добро време да научите како се прави самостоен преглед на Вашите гради доколку не знаете.

Додека лежите на грб со рацете позади глава, лекарот ќе ги прегледа вашите гради со врвовите на неговите/нејзините прсти за да детектира грутки или други промени. Просторот под обете раце исто така ќе биде прегледан.

Лекарот нежно ќе притисне околу брадавиците за да провери дали има некаков исцедок. Ако се појави исцедок, лекарот може да земе примерок за да биде испитан под микроскоп. Детален преглед на градите може да трае околу 10 минути.

Самостоен преглед на дојките

Самостојното прегледување на Вашите дојки е важен дел од раното откривање на ракот на дојка . Не секој рак може да биде откриен на овој начин, меѓутоа е важен чекор кој можете и би требало да го превземете самите. Никоја жена несака да прави самопрегледување на своите гради и за многу од нив тоа искуство е фрустрирачко. Меѓутоа колку почесто ги прегледувата Вашите гради, толку подобро ќе се запознаете со нив и ќе Ви биде полесно да детектирате доколку се појават одредени абнормалности .

Стекнувањето на навика барем еднаш месечно самите да вршите преглед на Вашите гради ќе Ви помогне во тоа да дознаете како нормално изгледаат Вашите гради. Најдобар период за изведување на овој преглед е неколку дена по завршувањето на Вашиот  менструален циклус, кога постои најмала можност Вашите гради да бидат отечени.

Многу е важно да не паничите доколку мислите дека сте нашле некоја абнормалност . Повеќето жени имаат грутки или грукткасти делови во нивните гради. Осум од десет грутки кои се отстрануваат од дојките се бенигни, неканцерогени. Исто така многу е важно да имаме на ум дека промени можат да настанат и со стареење, за време на менструалниот циклус, бременост, менопауза или со користење на лекови за контрацепција.

Градите имаат повеќе делови . Горно-надворешниот дел, околу пазувите –таму најчесто се наоѓаат најголем дел од грутките и испакнатините. Долната половина од Вашите гради на осет е како песочна зрнеста плажа. Делот околу брадавиците на допир е како збир од поголеми зрна. Друг дел може да се чувствува како груткаст дел од овесна каша.

Важно е да се запознаете со деловите на Вашите гради. Колку подобро ги познавате Вашите гради толку подобро ќе можете да забележите доколку се појават одредени проблеми .  Треба да го информирате Вашиот лекар доколку промените на вашите гради :

  • Траат подолго од еден месец
  • Се влошуваат или се поевидентни со тек на време 

Како да извршите самостоен преглед на Вашите гради

Чекор 1 – погледнете ги вашите гради во огледало, со исправени рамења и раце на колковите . Треба да гледате :

  • Дали градите се во нивната вообичаена големина, форма и боја
  • Дали градите се симетрични без видливи дисторзии или отекување

Ако приметите дека постојат некои од следниве промени треба да го известите Вашиот лекар :

  • Вдлабнување , набрчкување или испакнување
  • Доколку брадавицата ја има променето својата позиција или пак се инвертирала       (втиснала навнатре)
  • Црвенило, болка, осип или оток на дојките

Чекор 2 и 3 – подигнете ги Вашите раце и барајте ги истите промени кои ги баравте и во чекор 1 . Додека сте пред огледалото нежно стиснете ја секоја од брадавиците и видете дали се појавува исцедок (може да се појави млечна или жолта течност па дури и крв)

Чекор 4 – Прегледајте ги Вашите гради додека сте во легната позиција, користејќи ја десната рака за да ја прегледате левата дојка а левата рака за да ја прегледате десната дојка. Користете  цврст, мазен допир со користење на трите средни прсти од раката, држејќи ги прстите исправени и еден до друг, со вршење на кружни движења.

Проверете ја целата дојка одозгора до доле, од едната до другата страна – од клучната коска до почетокот на абдоменот и од пазувите до деколтето.

Чекор 5 – На крај прегледајте ги Вашите гради додека стоите или седите. Многу жени сметаат дека најдобро е да ги напипаат своите гради кога кожата е мазна, лизгава па затоа овие чекори ги изведуваат под туш. Следете ги истите процедури како и во чекор 4 .

Треба да го прашате Вашиот лекар кога и колку често да ги проверувате Вашите гради.