Околу 200 илјади луѓе во светот секоја година умираат од крвен рак – лимфом, болест која доколку не се третира навреме со соодветна терапија може во рок од шест месеци да доведе до смрт.

Во Македонија вкупниот број на новодијагностицирани пациенти од Не-Хочкинов лимфом во изминатата година изнесуваше 66, но според бројот на населението се претпоставува дека тој број се движи од 100 до 105.

Освен фактот дека 1.000.000 луѓе низ светот живеат со лимфом и оти кај околу 1.000 луѓе секојдневно се дијагностицира ова заболување, истражувањата покажуваат дека помалку од 50 отсто од луѓето знаат за оваа болест која е потенцијална опасност по животот на пацинетот, а речиси три четвртини или 74 отсто од населението не знае дека лимфомот е вид на рак. Од овие причини од 2004 година 15 септември е прогласен за Светски ден за борба против крвниот рак – лимфом со цел да се подигне свеста кај населението за ова заболување, неговите знаци и симтоми.

По повод Светскиот ден за борба против лимфом, Здружението за борба против ракот „Борка“ апелира до македонското население за сериозноста на лимфомот како заболување и потребата за неговото препознавање и лекување.

Според претседателката на Здружението Биба Додева, здравствената информираност кај населението во Република Македонија е на многу ниско ниво и токму поради ова, бројот на откриени пациенти заболени од лимфом е многу мал.

„Со подигање на свеста за лимфомот, луѓето ќе ги препознаат знаците и симптомите, кои водат кон рано дијагностицирање и навремен третман на ова малигно заболување“, вели Додева. Таа смета дека „доколку пациентите се дијагностицираат и се третираат навреме, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг и среќен живот“.

Лимфомот е рак на лимфниот систем, кој е дел од имуниот систем. Постојат многу типови на лимфом, но главно тој се дели на Хочкинов лимфом и Не-Хочкинов лимфом.

Не-Хочкиновиот лимфом се развива кога белите крвни зрнца – лимфоцитите ќе станат абнормални. Тие неконтролирано и повторувачки растат и се размножуваат, а кога треба да изумрат тие остануваат живи во циркулацијата. Вака променетите лимфоцити се насобираат во лимфните јазли кои потоа отекуваат (прв симптом на лимфом). Болеста може да се јави кај сите возрасти, но почесто кај возрасните. Од неа може да заболат припадниците на двата пола, но почесто се јавува кај припадниците на машкиот пол. Најчести симптоми на Не-Хочкиновиот лимфом се зголемени лимфни јазли на вратот, пазувите или во слабините, губење на телесната тежина, покачена телесна температура, обилно ноќно потење, кашлица, отежнато дишење и болка во градите, слабост и изнемоштеност, постојано чешање по телото и отеченост или чувство на надуеност во стомакот.

 

slilka limpfom