Светскиот ден на здравјето, се одбележува под мотото „Здравје за сите, здравје насекаде“ Македонските здравствени институции по повод 7 Април порачуваат унапредување на јавното здравје, подобрување и унапредување на здравјето и добросостојбата на сите граѓани преку одржлив и високо квалитетен здравствен систем, секој и секаде да го оствари своето право на највисока можна здравствена заштита и да има можност и пристап до квалитетна здравствена услуга.

Овој ден е посветен на подигање на свеста за здравјето на луѓето ширум светот кој се одбележува на 7 април секоја година, под покровителство на Светската здравствена организација (СЗО).

 

Од Министерството за здравство посочуваат дека годинава фокусот ќе биде, подигнување на квалитетот на здравствените услуги за пациентите со обезбедување на пристап и можности за секој и секаде, на дигнитетот на здравствените работници, на подобрување на инфраструктурата на постојните објекти, инвестиција во капитални објекти, промена на легислативата, реформа во начинот на здравствено осигурување и на целосна електронска интеграција на сите јавни здравствени установи.

 

 

Светската здравствена организација ( WHO) во препораките по повод Светскиот ден на здравјето наведува дека одредени земји во светот постигнале значителен напредок кон универзалениот пристап до здравствените услуги, но половина од светското население сè уште нема пристап до основните здравствени услуги.

–  Милиони луѓе живеат во сиромаштија и немаат да си ги платат основните трошоци за лекување. Повеќе од 800 милиони луѓе,12 отсто од светската популација, даваат 10 отсто од приходите за трошоци за лекување за себе, за болните деца и за другите членови на семејството. За речиси 100 милиони луѓе, овие трошоци се толку високи што ги водат до екстремна сиромаштија, принудувајќи ги да преживеат со само 1,90 долари или помалку дневно, велат од СЗО.

Светската здравствена организација ( СЗО) ги повика лидерите во светот да преземат конкретни чекори кон воспоставување на универзален пристап до здравствените услуги. Тоа подразбира секој и насекаде да има пристап до квалитетни здравствени услуги без да се соочува со финансиски потешкотии.

Во 1948 г. СЗО го одржала своето Здравствено собрание, на кое е решено 7 април секоја година да се одбележува како ден на здравјето, почнувајќи од 1950 г. Овој ден е датумот кога е основана СЗО и таа пригода се смета за прилика да се привлече меѓународно внимание на здравствените проблеми со кои се соочува светот

Светскиот ден на здравјето првпат бил одбележан во 1950 година и оттогаш е насочен кон подигање на јавната свест за здравствените проблеми. Овој ден се слави како потсетник за основањето на Светската здравствена организација, со цел да се привлече вниманието на најважните здравствени проблеми во светот.

подготил: Марија Тасев