БИСЕР НА МУДРОСТА

Вклучи се во акцијата тука.

Во нашата земја, секоја година од рак на грло на матка заболуваат над 200 жени, а приближно половина од нив умираат како последица на оваа болест.
Во светски размери годишно се регистрираат околу 500 000 нови случаи, од кои дури 300 000 завршуваат со смрт.

Здружението за борба против рак – Борка и Здружението за ХПВ на Македонија ја најавија Неделата за превенција од рак на грлото на матката (24 – 31 јануари). Во склоп на глобалната акција “Бисер на мудроста”, двете здруженија спроведоа едукација за повеќе од сто и педесет жени – полицајки и жени – самохрани мајки.

Настанот им помогна на овие жени да дознаат дека инфекцијата со високоризични ХПВ типови  е главен фактор во настанувањето на ракот на грлото на матката. ХПВ инфекцијата најчесто се пренесува преку сексуален однос, но и преку неполов пат (од мајка на дете, облека, хируршки ракавици и др).

Долготрајната инфекција со високоризичните типови на ХПВ на грлото на матката, која најчесто се пренесува по сексуален пат во содејство со други кофактори, може да предизвика рак на грлото на матката.

Речиси секој случај на рак на грлото на матката може да се спречи со редовни гинеколошки прегледи, заедно со вакцинација против ХПВ. Гинеколошките прегледи овозможуваат промените да се откријат во рана фаза. Тоа се постигнува со ПАП тест, а доколку докторот препорача и со ХПВ тест.

ХПВ вакцината овозможува заштита од двата најчести високоризични ХПВ типови (16 и 18) кои во најголем број случаи предизвикуваат рак на грлото на матката. Вакцината е наменета за девојчиња и жени на возраст од 9 до 26 години. Од октомври 2009 година, во Р. Македонија вакцината против ХПВ е воведена како задолжителна вакцина во редовниот календар за вакцинација за девојчиња на 12 годишна возраст. Во исто време, овозможено е и бесплатно вакцинирање на сите девојчиња на возраст од 9-26 години.

Вакцинираните девојчиња и жени треба да  продолжат со редовни гинеколошки прегледи и одговорно сексуално однесување.