“Со оваа кампања за подигање на свесноста за гастроинтестинални карциноми ја продолжуваме борбата против ракот се со цел поставување на малигните болести на ниво на приоритет на здравствениот систем во Република Македонија. Потребно е да се превземат конкретни мерки и акции се со цел изработка и имплементација на Национална стратегија за контрола на ракот “.

Ова е денешната изјава на г-ѓа Биба Додева, Претседател на Борка пред почетокот на едукативната трибина за обележување на светскиот месец за ракот на дебелото црево и гастроинтестиналните видови на рак.

Поздравен говор до сите присутни имаше и Проф. Д-р Никола Јанкуловски, абдоминален хирург и Ректор на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“, кој во последната декада заедно со здружението Борка е иницијатор на стратегиски планови и акции за имплементирање на превентивни, скрининг програми и најсовремени тераписки модалитети за ракот на дебелото црево.

Годишно во Република Македонија се дијагностицираат околу 600 луѓе заболени од рак на дебело црево и ректум од кои според истражувањата на дигестивната клиника 70% од овие случаи се доцна- дијагностицирани во трет и четврт стадиум кога прогнозата и терапевтскиот успех е полош. Во последните 10 години се забележува тренд на зголемување на инциденцата и смрттноста од ова заболување.

На трибината едукативни предавања имаа:

  • –  Проф. Д-р Розалинда Попова Јовановска, гастроентерохепатолог и Продекан за наука на Медицинскиот факултет, која ја поздрави заедничката соработка на Медицински факултет и Борка воедно ја истакна важноста за рана детекција, како и достапните дијагностички методи за овој тип на рак.
  • –  Доц. Д-р Светозар Антовиќ, абдоминален хирург од Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје.
  • –  Д-р Билјана Гроздановска, спец.радиотерапевт-онколог од Универзитетката клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.
  • –  Д-р Александар Митов, М-р по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето.Со оваа мартовска кампања „Борка- за секој нов ден“ како член на Европската асоцијација за борба против ракот на дебелото црево Europa Colon, веќе осма година активно учествува во информирање и едукација на граѓаните на Македонија од овој тип на карцином, но оваа година и во едукацијата на студентите по медицина и младите доктори кои се приклучија преку Асоцијацијата ЕМСА-Македонија во подршка на кампањата.