Колон канцер е канцер на дисталниот дел од дигестивниот тракт. Во повеќето случаи започнува како бенигни аденоматозни полипи кои непредизвикуваат симтоми заради што докторите советуваат да се прават редовни скрининг тестови со кои навремено би се открили полипите пред тие да станат колон канцер. Колоректалниот карцином е третиот по честота дијагностициран карцином кај мажите и жените, и втора најчеста причина за смрт од карциноми ширум светот. Кај нас од 2000 до 2008 годишно заболуваат од 23 до 27 лица на 100.000 жители. Најкритична возраст за да се заболи од овој вид на рак е шестата декада од животот, но ако болеста за открие во рана фаза, речиси во 90 отсто од случаите, се лекува успешно.
Овој тип на карцином се јавува поради абнормално размножување на клетките во дебелото црево (колонот) или ректумот. Колоректалниот карцином секогаш започнува како полип кој се развива на површината на слузницата на дебелото црево. Најчести два типа на полипи се аденоматозните и хиперпластичните полипи. Тие се развиваат кога се јавуваат грешки во регенерацијата на клетките кои го обложуваат колонот и ректумот. Повеќето полипи се презентираат како бенигни, но некои од нив имаат потенцијал да постанат малигни. Нивното рано детектирање и отстранување може да го превенира развивањето на карциномот.
Ризик фактори

Денешните сознанија укажуваат дека овој тип на карцином настанува поради интеракција помеѓу факторите на околината и генетската предиспозиција за развој на болеста.Како ризик фактори се вбројуваат :

  • Возраст– повеќето од пациентите се постари од 50 години.
  • Раса-луѓето од Африка и Америка имаат поголем ризик за колонканцер отколку луѓето од другите раси
  • Лична историја за присуство на аденоматозни полипи
  • Инфламаторни болести на цревата-(улцерозниот колит и Кроновата болест) по 10-годишна еволуција го зголемуваат ризикот за повеќе од 2 пати, поради појавата на тешки дисплазии на колонската лигавица.
  • Хередитарни синдроми-генетски синдроми присутни со генерации во твојата фамилија може да го зголемат ризикот од колоректален карцином.Такви синдроми се фамилијарната аденоматозна полипоза (ФАП синдром), хередитарниот неполипозен КРК или Lynch-ов синдром и MYH-асоцираната полипоза. Овие синдроми се манифестираат со рана појава на  аденоматозни полипи во колонот и тоа пред 40 година.
  • Фамилијарна историја на колон канцер и колон полипи-Поголем ризик за добивање на колоректален карцином имаат лица кои во својата фамилија имаат член заболен од оваа болест.
  • Исхрана внесување на поголема количина на црвено месо (свинско, јагнешко, говедско) , мал внес на целулоза или влакнеста храна и внес на поголема количина на животински масти
  • Седетарен начин на живот-без физичка активност
  • Диабет и инсулин резистентна болест
  • Зголемена телесна тежина или здебеленост;
  • Пушење и внесување на алкохол над социјалните количини;

Во рана фаза не постојат рани предупредувачки знаци. Поради оваа причина неопходен е скрининг тест за сите лица постари од 50 години ,а за оние кои имаат барем еден од ризик факторите скрининг тестови треба да се направат и порано пред 50 година.. Како болеста напредува се јавуваат

  • промена во рефлексната активност на цревата (опстипација-запек, или дијареа-пролив)
    • траги на крв во фецесот
    • перзистентен абдоминален дискомфорт како болка
    • губење на телесната тежина
    • замор


 Скрининг
Целта на скринирањето е откривање и навремено отстранување на аденоматозните полипи како и дијагноза на карциномот во рана фаза на болеста кога има најголема можност за излекување. Со цел за адекватна имплементација на скрининг програмите за колоректален карцином популацијата се групира во 3 категории за кои постојат различни соодветни скрининг програми:
1. популација со просечен ризик, во која влегуваат лица над 50-годишна возраст кои немаат фамилијарна историја за полипи или канцер За овие лица се препорачува да почнат со редовен скрининг на 50-годишна возраст.
Достапни се следниве скрининг опции, а најсоодветните се избираат по консултацијата со лекар:
- тест за окултно (невидливо) крвавење во изметот во 3 последователни столици- еднаш годишно;-
- дигитален ректален преглед: секои 3 години;
- флексибилна сигмоидоскопија: секои 3 години;
- виртуелна колоноскопија (CT колонографија): секои 5 години;
- двојно контрастна Ba-клизма: секои 5 години;
- колоноскопија: секои 10 години.
Се започнува со тест на окултно крварење кој треба да го направи семејниот доктор кај сите лица постари од 5о години.
Позитивен тест на окултно крвавење индицира:
- детален клинички и лабораториски преглед;
- дигитален преглед на ректумот и ректороманоскопија;
- доколку е наодот негативен, следува задолжителна сигмоидоскопија комбинирана со двојно-контрастна иригографија;

2. популација со покачен ризик –се лица со фамилијарна историја на болест

3. популација со висок ризик, лица кај кои е суспектен или потврден некој наследен синдром на колоректален карцином

Кај лица со покачен ризик и лица со висок ризик се препорачуваат Почести скринизи, почнати на порана возраст

ColoSure-нов напреден ,неинвазивен скрининг тест

ColoSure“ тестот користи само еден примерок од столицата ,а го открива присуството на активниот колоректален карцином кај лица со просечен ризик. Тестот се работи после еднократно земање на примерок од столоцата при комплетно празнење на цревата и ја испитува ДНА на одлупените клетки на слузницата на цревата кои би укажале на можно присуство на карцином.„ColoSure“ тестот може да се користи како дел од постоечкиот скрининг програм за колоректален карцином и е комплеметарен со колоноскопијата. Има опсег на осетливост од 72-77% и специфичност од  83-94% Овој клинички тест ги детектира промените во виментин генот на ДНА, кој е важен за имунитетот и за другите важни клеточни процеси во организмот.Ако при ова тестирање виментин генот се покаже како хиперметилиран или „исклучен“ т.е. неактивен, тоа би можело да укаже на рак на дебело црево. Истражувањето, објавено во септември 2008 година, во Американскиот часопис за гастроентерологија, покажало дека откривањето на метилиран виметин ДНА во фецесот било истовремено и високо осетливо и многу специфично за откривање на раните фази на рак на дебело црево, во кои фази болеста е излечива.

Дефинитивна дијагноза

Ако досега напоменатите тестирања асоцираат на колоектален карцином, следната метода со која сигурно се потврдува дијагнозата е биопсијата. Биопсијата се изведува во исто време со колоноскопијата, т.е. додека таа трае и тоа од местата кои изгледаат необично. Ова ткиво понатаму се испитува под микроскоп од страна на патолог кој утврдува дали се работи за малигно променети клетки или не.

Промени во животниот стил и во исхраната
Се претпоставува дека промените во животниот стил и во исхраната драстично го намалуваат ризикот од колоректален карцином, дури за 60–80%. За оваа цел потребно е

  •  Внесување на поголема количина овошје, зеленчук во секојдневната исхрана за зголемување на волуминозноста на изметот и негова побрза пасажа низ колонот.
  •  Редукција на внес на животински масти. особено онаа богата со заситени масти
  • Замена на црвеното месо (свинско, јагнешко, говедско) со риба или месо од пердувеста живина. Црвеното месо да се практикува најмногу еднаш неделно. Се претпоставува дека хемоглобинот и миоглобинот во црвеното месо, во реакција со хемиските супстанции во човечкиот организам, создаваат канцерогени соединенија.
  • Некои витамини и минерали имаат благо протективно дејство за заштита од развој на колоректален карцином, иако механизмите со кои дејствуваат сè уште не се точно утврдени. Од витамините, вакво дејство им се препишува на: фолната киселина (витамин B-9), застапена во лиснатиот зеленчук (спанаќ, марула), брокули, банана, легуминози; и на витаминот D, кој може да се внесе преку исхраната (рибино масло, риба, јајца) или да се синтетизира од самиот организам со изложување на сончева светлина. Од минералите, се претпоставува дека протективно дејство поседува калциумот, кој во поголеми количества се наоѓа во млекото и во млечните производи, во сардините, шкампите, а може да се внесува и како сумплемент (додаток во исхраната);
  •  Редукција на телесната тежина под „Body Mass Index“ 26кг на квадратен метар телесна површина.
  • Зголемена физичка активност од најмалку 30 мин
  •  Апстиненција од тутун и од алкохол.Познато е дека алкохолот е потенцијален карциноген и поттикнува настанување на колоректален карцином.

Колон канцер превенција за лица со висок ризик

Некои третмани како што се лекови и хируршки зафати може да го намалат ризикот од  колон канцер .Подолготрајна примена на аспирин во високи дози може да го намали ризикот од карцином,но тоа од друга страна може да предизвика и несакани ефекти како гастроинтестинално крварење и улкус. Сличен ефект имаат и повеќето аналгетици како што се бруфен.Се препорачува и тотална колостомија  отстранување на колонот и ректумот за да се превенира појавата на карцином кај овие лица со висок ризик.

Staging на колоректалниот карцином

Стадиум I – Карциномот не е проширен во внатрешноста на колонот или ректумот ( не пробил под слузницата);
Стадиум II – Карциномот се проширил во мускулната обвивка на колонот и ректумот;
Стадиум III – Карциномот зафатил еден или повеќе лимфни јазли во таа регија;
Стадиум IV – Карциномот се проширил во останатите делови на телото, како црниот дроб, белите дробови, или коските.

Терапија

Терапијата вклучува хируршко отстранување на туморот во општа анестезија  Во случај на поголем тумор, мора да се отстрани целиот колон или ректум. Доколку карциномот се проширил во останатите органи (метастазирал) терапијата е комбинирана – хируршка, радиотерапија и хемотерапија, кои имаат за цел да ги олеснат симптомите и да го продолжат животниот век.

Методата како радиофреквентна аблација користи топлина за да го изгори туморот. Контролирана преку CT-скен, докторот воведува тенка игловидна направа која доведува топлина директно на туморот и околното ткиво. Ова е алтернативна метода за уништување на туморските клетки кои неможат да се отстранат хируршки. Кај пациенти со ограничен број на метастази во црниот дроб кои неможат да се третраат хируршки, хемотерапијата понекогаш комбинирана со RFA се користи за да се уништи туморот.

Во рана фаза колоректалниот карцином може да се излекува. Затоа секое лица треба да одреди во која група на лица со ризик се вбројува и навремено да започне со скрининг тест.