На настанот насловен како „ЛИМФОрМации“, новоформираното здружение за борба против ракот – БОРКА, испрати порака дека ракот не треба да се третира како неизлечива болест.

Денеска, во мултимедијалниот центар Мала Станица во Скопје, новоформираното здружение за борба против ракот „Борка“ го промовираше своето основање и го одбележа почетокот на својата работа со едукација за крвниот рак лимфом, како најава на Светскиот ден за борба против лимфомот. Главната цел на овој настан насловен како „ЛИМФОрМации“, беше едукација во врска со болеста, нејзините симптоми, дијагноза и третман, но пред сè да се подигне јавната свест дека раното откривање е клучен фактор во победата над овој вид на рак.

Настанот го отвори Биба Додева, Претседателка на здружението, а предавање во врска со болеста одржа и Проф. д-р Лидија Чевреска, еден од основачите. Д-р Чевреска истакна дека околу два милиони луѓе во светот умираат секоја година како последица на лимфом, и доколку не се лекува лимфомот може да биде фатален за 6 месеци. Во Република Македонија годишно се дијагностицираат 80 нови пациенти со лимфом. – Раното дијагностицирање и адекватниот третман за оваа малигна болест се од витално значење. Ако пациентите се третираат навреме, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг и среќен живот – заклучи Д-р Чевреска на крајот од своето предавање.

Покрај предавањето, за борбата против лимфомот посетителите на настанот се едуцираа и преку видео проекции, изложба, работилници, брошури и други информативни материјали.

Во врска со основањето на здружението Борка, Биба Додева вели: – Увидовме дека во Македонија постои потреба од здружение кое генерално ќе ги третира сите видови на заболувања од рак и кое ќе се бори против ракот генерално, но и поединечно против неговите видови. Борка се формира за да помогне да се пополни оваа празнина во граѓанскиот здравствен сектор и да соработува со сите вклучени релевантни фактори.
На настанот, здружението Борка го најави и Светскиот ден на борба против лимфомот, 15 септември, како и активностите по повод месецот на борба против ракот на дојка.

Погледнете ја презентација на д-р Чевреска

Галерија

Изјави

Видео за крвниот рак лимфом