напред розово '10

Почитувани пријатели,

Здужението Борка – За секој нов ден, во соработка со Здружението Интегритет Алфа и Омега и Амбасадата на САД во Република Македонија и оваа година ќе организираат Розева прошетка, со цел подигнување на свесноста за ракот на дојка како потенцијално излечива болест.

Во Македонија, ракот на дојка е болест во сериозен подем. Секоја година се дијагностицираат околу 700 нови случаи. Не е важно дали сте млад или стар, не е важно на која политичка партија припаѓате или која е вашата верска припадност. Дури не е ниту важно дали сте жена или маж. Природата е понекокаш сурова и знае да си поигра со сите. Во Македонија, во просек на сто заболени жени има еден заболен маж од оваа болест.

Дијагнозата секогаш предизвикува страв и негативен став кај луѓето и означува почеток на интензивно емоционално и стресно патување.

Поттикнати од животните приказни на нашите членови и следејќи го светскиот пример, уште минатата година организиравме голема розева прошетка, со цел да ги поддржиме луѓето кои се борат со оваа болест и сите заедно да го прославиме животот. Минатата година на оваа прошетка учествуваа околу 2000 луѓе.

Затоа, решивме и оваа година да го направиме истото. Сметаме дека е време сите да почнеме јавно да говориме, да слушаме и симболично да чекориме против ракот на дојка.

Ве повикуваме да го направиме ова за нашите мајки, ќерки, нашите пријателки, нашите сопружници, да го направиме ова за нашите баби, тетки, за нашите татковци, браќа и сестри… Да го направиме ова за нас и за нашата иднина.

Прошетката ќе ја започнеме од Школка, во Градскиот Парк во Скопје.

На неа свои кратки обраќања пред присутните ќе имаат:

* г-ѓа Биба Додева, Претседател на БОРКА – За секој нов ден;
* г-дин Бујар Османи, Министер за здравство на РМ;
* г-дин Коце Трајанов, Градоначалник на Град Скопје;
* Н.Е. г-дин Филип Рикер, Амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија и г-ѓа Солве Рикер.

По прошетката ќе следува хуманитарен концерт на кој ќе настапат наши бројни естрадни ѕвезди.

Оваа прошетка ќе биде сведоштво дека тешките времиња ќе ги надминеме заедно, бидејки во неизвесната борба против ракот секогаш се потребни пријатели.

Оваа прошетка ќе биде сведоштво на радост и славење на животот, не само за нас туку и за генерациите кои доаѓаат.

Придружете се на сите оние кои се осмелија да се спротивстават на ракот на дојка, здружени во една неверојатна целина, целина на херои.

Донирајте 200 денари, добијте розева маичка и учествувајте во големата розева прошетка!

Недела, 16. Мај 2010, 11:00 часот, во Градскиот Парк пред Школка.

ВЕ ОЧЕКУВАМЕ!!!

ПОКРОВИТЕЛИ и ПОМАГАТЕЛИ