Вчера во Градскиот парк на Школка по единаесетти пат се оддржа маршот посветен за подигнување на свеста за борба против рак на дојка, Напред розово.

Граѓани, активисти, волонтери, поддржувачи и преживеани од оваа болест чекореа во чест на оние кои се борат, но и во чест на оние кои ја изгубиле оваа битка и прерано не напуштиле.

Свои обраќања на оваа манифестација имаа и претседателката на Здружението Борка – за секој нов ден, Биба Додева, министерот за Здравство Венко Филипче, амбасадорката на Соединетите Американски Држави Г-ѓа Кејт Мари Бирнс како и сопругата на Претседателот на нашата држава, Доктор Елизабета Ѓеоргиевска.

Претседателката на Борка, Биба Додева,  во своето обраќање изјави дека се направени нови промени и дека лицата кои се заболени од малигни заболувања ќе бидат ослободени од партиципација, како и дека ракавицата за лимфедема ќе биде на товар на ФЗОМ.

  • Горда сум што можам да ве известам дека успеавме да направиме промени и во најскоро време пациентите со сите малигни заболувања нема повеќе да плаќаат партиципација и ракавицата за лимфедема ќе биде на товар на ФЗОМ. Среќна сум што министерство за здравство и министерот Венко Филипче го слушаат нашиот глас и заедно правиме промени! Оваа борба е заедничка! – изјави Биба Додева.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека е набавена скапа цитостатичка терапија за жените заболени од рак, како и дека во тек е и набавка на нови осум мамографи за жените да имаат полесен пристап до мамографија.

  • На иницијатива на здружението „Борка“ обезбедени се градници за оперираните жени, а од следната година на товар на Фондот ќе биде и ракавицата за лимфедема, како и ослободување од партиципација за сите пациенти со малигни болести.
  • За првпат сите жени со рак на дојка имаат терапија. Спроведовме набавка на скапа цитостатичка терапија и сите жени на кои им е потребна терапија после операција или без операција на карцином на дојка, сега се покриени со целата терапија што им е потребна. Воведена е и иновативна терапија за ХЕР2 карцином на дојка и таа терапија како второлиниска ја примаат 15 пациентки. Во тек е и набавката на 8 нови мамографи, кои ќе бидат соодветно распределени за жените да имаат полесен пристап до мамографија. Тука се и сите тестови за пристапот да биде индивидуализиран, се внимава на најсовремените терапевтски пристапи, како што е тоа во најразвиените европски земји. Чекориме заедно. Не сте сами! – истакна министерот за Здравство, Венко Филипче.

Прошетката Напред розово која веќе стана традиционална и се оддржа по единаесетти пат оваа година е само почеток на многуте активности кои Здружението Борка за секој нов ден ги има испланирано за овој месец. Веќе е започнат Розовиот караван низ нашата држава, а Националната конференција за борба против рак на дојка ќе биде одржана на 30 октомври. Борка продолжува неуморно да се заложува за сите оние кои се директно или индиректно се засегнати од оваа опака болест.

Оваа година беше исклучително успешна за нашето Здружение бидејќи во август оваа година за прв пат Борка беше домаќин и го организираше првиот Балкански состанок за борба против рак на дојка на кој учествуваа преставници на невладини организации од целиот регион каде се бараа решенија, се даваа идеи и се одржуваа работилници и едукации за борба против ракот на дојка.

Борка овој период ќе продожи со своите едукации низ средните училишта за превенција од ракот на дојка низ целата држава, како и со своите работилници и психолошки терапии. Нашите волонтери и понатаму работат во нашиот центар во интерес на пациентите каде постојано се дава поддршка, како преку СОС линијата која е достапна 24 часа, така и преку давање на бесплатни перики на пациентите заболени од рак.

Исто така преку нашата веб страна на социјалните мрежи секојдневно се објавуваат едукативни материјали со цел подигнување на свеста за борба против ракот на дојка.

Во својата работа Здружението се фокусира кон поддршка на пациентите заболени од рак, пошироката јавност, јавните здравствени институции, невладиниот секор во нивните напори да спроведат активности кои ќе се спротвстават на сите видови рак.

Нашата цел е активно да учествуваме во создавањето на здрава популација, свесна за ризиците и предизвиците како и држава со значително намален број на пациенти заболени од рак.