На 30 октоври во просториите на Националната галерија Чифте амам беше одржана дванаесеттата Национална конференција за рак на дојка. Оваа година мотото гласеше „Има живот и после ракот, научи како да го живееш“ и беше посветено на персонализираната медицина и третманот на ракот на дојката во Република Северна Македонија.

Воедно од говорниците беше испратена порака до сите жени дека превенцијата, редовните прегледи и раното откривање е првиот чекор во борбата против рак на дојка.

Свои обраќања на оваа манифестација имаа и претседателката на Здружението Борка – за секој нов ден, Биба Додева, министерот за Здравство Венко Филипче, Тања Спаниќ, претседател на Еуропа Дона од Словенија,  Г-дин Даниел Ден Дончев, директор на Фонд за здравствено осигурување на Македонија, Др. Нино Васев, специјалист онколог, Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Др. Мери Пешевска, специјалист онколог при универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија како и  Д-р.сци Горан Кунгуловски, Био Инженеринг, раководител на лабораторија за генетика и пресонализирана медицина при Жан Митрев Клиника.

Претседателот на Здружението „Борка за секој нов ден“ Биба Додева ја отвори Националната конференција за рак на дојка и порача дека цели дванаесет години „Борка“ се залага за правата на пациентите во здравствениот систем, врши едукација со цел подигнување на свеста за ракот како болест која може да се излекува, дава психосоцијална помош на заболените од рак и нивните семејства и се грижи за нива ресоцијализација во општеството.

„Изминативе 12 години, Здружението за борба против рак на дојка „БОРКА – за секој нов ден“ активно се борат за остварување на правата на пациентите во здравствениот систем. Како полноправен член на најголемата европска асоцијација Еуропа Дона (Еуропа Дона Македонија), тие веќе 12 – та година ја организираат Националната конференција за борба против ракот на дојка во Македонија, а со тоа и Македонија е дел од глобалната светска акција. И после ракот има живот и заедно со релевантните институции во иднина ќе се бориме да го овозможиме тоа за сите пациенти – изјави Биба Додева, претседателката на Здружението за борба против рак на дојка „БОРКА – за секој нов ден“ .

Министерот за Здравство, Венко Филипче истакна дека има новини во здравството како двојно читање на мамографиите како и нова иновативна терапија која е значаен чекор во борбата против рак на дојка.

“Набавивме иновативна, биолошка терапија која претставува значаен чекор и најсилниот удар во борбата против ракот, вклучително и ракот на дојка. Воведовме новина, двојно читање на мамографиите од два независни радиолози кои имаат искуство во читање на мамографии од минимум 800 пациенти;

Правиме сѐ, онколошките пациентите што подобро и побрзо да го надминат тешкиот период. Чест ми е што синоќа бев дел од дванаесеттата Национална конференција за рак на дојка во организација на Здружението „Борка“, со фокус на биолошката терапија, за пациентите кои се лекуваат од рак на дојка” – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев истакна дека според податоците за 2018 година во јавното здравство се реализирани 986 болнички третмани на пациенти со дијагноза карцином на дојка, од кои 756 биле хируршки третирани, а останатите 230 конзервативно, при што се фактурирани услуги во висина од 36,6 милиони денари – 29,8 милиони за хируршки третман, а останатите за конзервативно лекување.

– Годинава на Клиниката за торако-васкуларна хирургија и на Клиниката за пластична хирургија се планирани преку 4 милиони денари за вградување импланти и реконструкција на дојка по мастектомија или вродени аномалии на дојка за 52 пациенти. Секако во најдобар интерес на нашите најблиски и на целокупното општество останува подигнувањето на свеста за рано откривање на болеста преку самопреглед, редовни превентивни контроли и рана дијагностика во здравствените установи заради обезбедување навремена и соодветна терапија, изјави Дончев.

Борка продолжува неуморно да се заложува за сите оние кои се директно или индиректно се засегнати од оваа болест.

Оваа година беше исклучително успешна за нашето Здружение бидејќи во август оваа година за прв пат Борка беше домаќин и го организираше првиот Балкански состанок за борба против рак на дојка на кој учествуваа преставници на невладини организации од целиот регион каде се бараа решенија, се даваа идеи и се одржуваа работилници и едукации за борба против ракот на дојка.

Борка овој период ќе продожи со своите едукации низ средните училишта за превенција од ракот на дојка низ целата држава, како и со своите работилници и психолошки терапии. Нашите волонтери и понатаму работат во нашиот центар во интерес на пациентите каде постојано се дава поддршка, како преку СОС линијата која е достапна 24 часа, така и преку давање на бесплатни перики на пациентите заболени од рак.

Исто така преку нашата веб страна на социјалните мрежи секојдневно се објавуваат едукативни материјали со цел подигнување на свеста за борба против ракот на дојка.