Денеска, како и секоја година традиционално, претседателката на БОРКА Биба Додева како и дел од членовите – волонтери на здружението, заедно со дедо Пимен, ги посетија дечињата кои се лекуваат во детската клиника и им подарија новогодишни пакетчиња. Претставниците од БОРКА се сретнаа со новата директорка на детската клиника, во дневниот центар “Собата на Жозеф”, кој минатата година беше отворен, токму на иницијативата на здружението БОРКА.

Директорката д-р Наташа Алуловска, кажа дека е среќна што децата кои подолго време престојуваат на клиниката заедно со нивните родители, имаат место каде што заедно со сите волонтери кои доаѓаат да поминуваат време со овие дечиња имаат свое топло катче кое е опремено со разни детски реквизити и им овозможува на дечињата барем за момент да забораваат на својата болест. “Соработката со БОРКА е значајна за нас и со задоволство ја продолжуваме и следната година, особено што благодарение на БОРКА целата клиника е обезбедена со телевизија и интернет веќе втора година по ред” – изјави д-р Алуловска.

“Да не заборавиме дека секој кој што сака да помогне, има можност тоа да го направи во текот на целата година, а не само на празници. Ние сме во постојан контакт со луѓето од клиниката и секогаш се трудиме како здружение да помогнеме со одредени активности и донации. Кога доаѓаме во клиниката сакам лично да се видам со дечињата и нивните родители, на секое дете да му ги исполниме неговите лични желби, и да им дадеме поддршка, љубов и надеж за подобро утре“ , изјави Биба Додева.

Воедно, сакаме да упатиме огромна благодарост до свештенството од Европската Епархија и владиката Пимен, Горан С., Мирче, Боге, претставниците на АВОН и компанијата Арс Ламина за донациите со кои оваа година обезбедивме убави новогодишни подароци и пакетчиња за сите деца кои се лекуваат на хематолошкото и онколошкото одделение на клиниката за детски болести.
Тимот на Борка им посакува на сите многу здравје и среќа во новата 2020 година!