Светскиот ден за подигање на свеста за лимфомот се одбележува на 15-ти септември секоја година и како што и самото име кажува – претставува ден посветен за подигнување на свеста кај луѓето во врска со болеста лимфом – форма на рак која зачестено се јавува во последно време. Овој настан претставува глобална иницијатива поттикната од страна на Коалицијата за Лимфом, непрофитабилна организација, поточно мрежа од 49 групи на пациенти со лимфом од 36 земји ширум светот. За прв пат овој ден бил одбележан во 2004 година, се со цел да се подигне јавната свест како за Хоџкин-овиот така и за не-Хоџкин-овиот облик на лимфомот, во поглед на препознавање на симптомите, рана дијагноза и третман.

Лимфом претставува болест која е потенцијално опасна по живот и бележи константно зголемување на бројот на случаи. Околу еден милион луѓе ширум светот живеат со лимфом и секој ден се дијагностицираат по речиси 1.000 нови случаи, но и покрај сето тоа свеста кај луѓето за симптомите на лимфомот е доста мала.

Резултатите од новите истражувања (анкети) спроведени на меѓународно ниво покажуваат дека:

  • кога биле запрашани дали знаат нешто за лимфните јазли, само половина (49 отсто) од испитаниците изјавиле дека знаат која е нивната функција
  • иако поголемиот дел од испитаниците слушнале за лимфом, 52 отсто од луѓето знаат многу малку или воопшто ништо не знаат во врска со него
  • две третини (67 отсто) од испитаниците не знаеле дека лимфом е вид на рак и дека ја има една од најголемите стапки на пораст во светот
  • 90 проценти од луѓето сметаат дека не се прават доволно напори т.е. дека недоволно се финансираат истражувањата за лимфом

Зголемувањето на свеста за лимфомот ќе им овозможи на луѓето ширум светот подобро да ги препознаваат знаците и симптомите на болеста, што ќе доведе до рано дијагностицирање и навремено лекување. Зголемувањето на свеста исто така ќе ги поттикне пациентите и нивните семејства да бараат специјалистички третман и нега од квалификувани доктори, како и да добијат пристап до најновите информации, поддршка и третман во врска со болеста.

Историја

Уште од самиот почеток, во 2004 година, меѓународниот ден за подигање на свеста за лимфомот има направено свој белег на меѓународно ниво, од инспиративни уметнички изложби во Аргентина, велосипедски турнеи во Франција, до семинари за пациенти во Нов Зеланд. Глобалната кампања продолжува да обезбедува платформа преку која лекарите, медицинските сестри, групите за поддршка на пациентите, пациентите и нивните семејства ќе споделуваат информации т.е. знаења за лимфомот од витално значење, како на пример, знаците и симптомите на болеста, и тоа како таа влијае на животите на илјадници луѓе од целиот свет.

Во 2007 година, Коалицијата за Лимфом ја започна кампањата “Know Your Nodes” ( запознај ги своите лимфни јазли ) на меѓународно ниво, со цел да им помогне на луѓето да научат повеќе за лимфните јазли, лимфниот систем и лимфомот.

“Know Your Nodes” е кампања за подигање на јавната свест создадена со оглед на фактот што луѓето знаат многу малку за својот лимфен систем, а со тоа многу малку и за лимфомот, со цел навремено да ги припреми т.е. научи луѓето на основните работи во врска со лимфните јазли, лимфниот систем и лимфомот, пред Меѓународниот ден за подигање на свеста за лимфомот.

Постојат два вида на лимфоми – Хоџкин-ова лимфома и не-Хоџкин-ова лимфома. Симптомите на лимфом – особено лимфом од не-Хоџкин-ов облик (што е најчест тип на лимфом) може да бидат слични на симптомите на грип и туберкулоза, што често доведува до погрешна дијагноза. Симптомите вклучуваат намалена енергија, необјаснива треска, отечени жлезди, кашлица и гушење, постојано чешање по целото тело и намалување на телесната тежина. Наведените болести имаат слични симптоми, а разликата помеѓу нив може да се распознае микроскопски.

Во развиениот свет, лимфомот можеби не е најчестата форма на рак, но е дефинитивно една од најважните. Тој претставува една од најчестите причини за смртност поврзана со рак во развиените земји. Лимфомот од  не-Хоџкин-ов облик (non-Hodgkin lymphoma – NHL) е една од ретките форми на рак кои покажуваат нагорен тренд во бројот на случаи низ целиот свет. Третманите за лимфом имаат поминато низ огромен број промени во последните неколку децении. Биолошките третмани со моноклонални антитела имале најголемо влијание врз лимфомот отколку врз било која друга болест. Се повеќе и повеќе истражувања кои се вршат во оваа област поттикнуваат развој на се понови и понови опции за третман.

Лимфомот бележи нагорен тренд во бројот на случаи на глобално ниво. Лимфомот има стапка на појава која е повеќе од четири пати повисока од стапката на појава на рак на грлото на матката и убива повеќе луѓе отколку меланомот во Нов Зеланд. Одредени видови на лимфом можат да бидат фатални и во рок од шест месеци.

Лимфомот не  прави дискриминација врз основа на полот, возраста или културата. Тој претставува еден вид рак на крвта што се развива кога ќе се јави грешка во производството на лимфоцитите – бели крвни клетки кои се одговорни за борба против инфекции, што резултира со абнормални клетки кои стануваат канцерски. Сепак, откривањето на болеста не мора да значи дека исходот ќе биде фатален, всушност дури и агресивниот не-Хоџкин-ов облик на лимфом може да се излечи.