Творам и се борам

Дизајнирај и придонеси во борбата против ракот на дојка

“Творам и се борам – Дизајнирај и придонеси во борбата против ракот на дојка” е темата на конкурсот за идејни решенија за облека, предмети, накит, графики и слики што го распишува здружението Борка.

На конкурсот може да се пријават сите креативци во државата, а посебно ќе бидат мотивирани студентите по арт и дизајн на Универзитетот ФОН, Европскиот универзитет и Факултетот за ликовни уметности. Конкурсот ќе трае крајот на јануари 2010 година, по што најдобрите идејни решенија ќе бидат продуцирани и изложени на донаторска аукција. Жири комисијата која ќе ги избере најдобрите решенија се состои од моден дизајнер, графички уметник и претставник на здружението Борка.

Средствата обезбедени од продажбата на дизајнираните предмети, облека и накит ќе бидат насочени во директна поддршка на пациентите заболени од рак на дојка.

Целта на конкурсот е да се вклучат што е можно повеќе граѓани во борбата против ракот на дојка, да се подигне свеста за потребата од навремена дијагноза и да се генерираат средства за директна помош на заболените од рак на дојка.

Со оваа активност Борка порачува дека посветеноста на ракот на дојка не смее да биде приоритет само во месец октомври, туку дека се потребни континуирани напори и широка вклученост на сите општествени групи во оваа борба.

Ракот на дојка е болест која е во значителен пораст во Република Македонија. Секоја година се дијагностицираат најмалку 750 нови случаи и тој број континуирано во изминатите години се зголемува. Почетната фаза на ракот на дојка може да се излекува кај повеќе од 95% од заболените.

Борбата против ракот на дојка ќе биде успешна само доколку жените успеат да го откријат во рана фаза, доколку заболените се третираат континуирано на навремен и адекватен начин и доколку добиваат силна поддршка од околината. Поради тоа, неопходно е вклучување на поголем број индивидуи и институции во овој комплексен процес.

Идејните решенија испратете ги на borka.mk@gmail.com