Адекватен и навремен третман, но и прегратка, им се потребни на пациентите кои се борат со ракот на дојка

На пациентите болни од рак им е потребна поддршка. Ова е поводот за акцијата „Во прегратка на пријатели“ на здружението БОРКА за поддршка на пациентите во нивната истрајност против ракот на дојка.

Активностите на акцијата се темелат на директна поддршка и помош на жените кои се соочуваат со ракот на дојка, нивно охрабрување и совети за надминување на проблемите со кои се соочуваат низ процесот на лекување.

Борка преку оваа акција испраќа порака дека жените заболени од рак на дојка, и воопшто другите видови на рак, се свесни, но во исто време недоволно едуцирани за фактот дека терапијата може да биде успешна само ако истата се прима навремено, во точно утврдени термини.

– Особено е важно соодветниот третман да го добијат сите жени на кои тоа им е потребно, без исклучок – вели Биба Додева, претседател на БОРКА. – Здравјето и животот не смеат да бидат ексклузивитет за никого, уште помалку недостапни за некого. На сите жени кај кои е дијагностицирана оваа болест треба да им се обезбедат адекватен третман и препораки за натамошно лекување. Потенцираме дека адекватен третман значи вистинска терапија, примена во вистинско време – продолжува Додева.

– Ракот денес може да биде излечива болест, но на секој мора да му се даде шанса да го победи. Кај нас за жал реалноста е поинаква. Реалноста, а тоа се пациентите, говорат дека терапија снемува веќе кон средината на месецот. Лековите за рак на дојка, но и за другите видови на рак, не им се достапни на пацентите. Наместо поддршка, грижа и помош, на овие жени им се сервираат неизвесност, страв и отфрленост од институциите на здравствениот систем – вели Додева.

Во акцијата „Во прегратка на пријатели“, се вклучени и повеќе јавни личности. Во оваа фаза на акцијата и се придружија Весна Петрушевска Тренкоски – Бејби и Васил Зафирчев.

– Секому е потребна прегратка, а особено на жените со рак на дојка – вели Весна Петрушевска Тренкоски – Бејби. – Овие жени се херои, нивната приказна е и моја приказна, нивната борба е и моја борба. Токму затоа, за нив сме ние денес тука, да ги охрабриме, поддржиме и да им помогнеме на кој било начин.

Во врска со акцијата, Васил Зафирчев вели дека „секое тешко заболување врз човекот делува негативно, гледано од било кој аспект на неговиот живот. Наглиот пад на расположението, збунетост, вознемиреност, депримираност, страв, тага и низа други емоции и чувства се секојдневие на лицето кое штотуку открива дека е заболено од канцер. Воочувајќи ја промената во својот живот, пред овие лица стои предизвикот да се соочат со болеста и да изнајдат начин за ефикасна борба и третман.“

Акцијата е поделена во неколку фази, ќе се засили во октомври, за време на месецот за борба против ракот на дојка.

Погледнете ги фотографиите од настанот