Коронавирусите се голема група на вируси кои циркулираат помеѓу животните. За прв пат се идентификуваат во средината на 1960-тите години. Коронавирусите кои инфицираат животни можат да се развиваат и да станат нов, човечки вирус. До денес има седум вида коронавируси кои можат да ги заразат луѓето. На 30.12.2019 година СЗО (Светската здравствена организација) беше информирана за појава на случаи со пневмонија од непозната етиологија во градот Вухан, Кина. Во јануари 2020 година кинеските екперти објавија дека станува збор за нов коронавирус. На 11.02.2020 година СЗО го именуваше вирусот како SARS–CoV–2, предизвикувач на болеста Covid-19. Овој тежок и акутен респираторен синдром коронавирус 2, денес се појавува како глобална пандемија. Првичните извештаи сугерираат дека пациентите со историја или активен малигнитет може да бидат под зголемен ризик од заразување  и развој на компликации поврзани со Covid-19. Сепак, првичните извештаи се ограничени со големината на примерокот, географскиот регион и недостатокот на генерализација на наодите кај целокупната популација на пациенти со малигном . Пациентите со карцином можат да бидат имунокомпромитирани од ефектите на антинеопластична терапија, придружни лекови како што се стероиди и имуносупресивните својства на самиот карцином. Тие исто така може да имаат зголемена имунолошка реакција на секундарната инфекција при употреба на имуномодулаторни лекови. 

 

Дали  сите кои боледувале  од  рак се  имунокомпомитирани?

Пациентите кои се излечени од  рак и во моментов  не  се  на  терапија,  во  случај  на  зараза  со  коронавирусот  веројатно  немаат  поголем  ризик  за  развој  на тешки компликации на  респираторниот систем во однос на другите луѓе во нивната  старосна  група.  Хормонската  терапија  за  ракот  на  дојка  исто  така  нема  да  го  зголеми  ризикот  за  појава  на тешки  симптоми на болеста.

Во најризична група спаѓаат луѓето  кои во моментов примаат имунотерапија  или  нивната  болест не е во ремисија.  Хемотерапијата  носи  поголем  ризик  од  зрачењето  или  операцијата,  но се  што  предизвикува  стрес  на  организмот  има  потенцијал  за  зголемување на  ризикот  од  инфекции.

 

Кои видови малигни болести се во најризичната група?

Во најризичната група влегуваат малигните болести на крвта:  леукемија, лимфом и  мијелодиспластичен синдром. Во високо ризична група спаѓаат и пациентите со активен рак на белите дробови кои имаат висок ризик за развој на респираторни компликации.  Во поголем  ризик се и пациентите кај кои е трансплантирана коскената срж бидејќи нивниот имунолошки  систем останува ослабен подолг период после трансплантацијата.

 

Колку  долго  пациентите  се  имунокомпромитирани  после  хемотерапијата?

Ризикот е поголем веднаш после примањето на хемотерапијата, но после извесно време ризикот се намалува. Кај пациентите кои се лечени од нехематолошки тумор, имунолошкиот систем побрзо се враќа во нормала (во рок од неколку месеци).

 

Како пациентите  можат  да  знаат  дали  се  имунокомпромитирани?

Важни информации можат да се откријат преку наодот од крвната слика. Самиот наод може да им помогне на лекарите да ги препознаат пациентите кои имаа висок ризик бидејќи имаат намален број на леукоцити.

 

Кои  заштитни  мерки  треба  да  ги  преземат  пациентите  заболени  од  рак?

Избегнувањето  социјални контакти е особено важно за пациентите кои се во процес на лекување со хемотерапија и оние кои примаат имунотерапија. Особено треба да се избегнуваат големи  собири, да не се излегува од  дома,  ако тоа  не е нужно и да не се користи ниту еден вид јавен превоз.

Мерките важат за сите, но се исклучително важни заболените од рак: 

  • често  миење на  рацете со сапун или средства за дезинфекција засновани на база на алкохол;
  • да се избегнува допирање на лицето, носот и очите;
  • да се одржува социјално дистанцирање и;
  •   често да се дезинфицираат површините.

Подигнете  го  својот  имунитет   со  доволно  спиење,  квалитетна  исхрана  и  вежбање.

 

Што кога  личноста  заболена  од  рак  ќе  се  посомнева  на  зараза  со  коронавирусот?

Пациентот  кој  во  моментов  се  лекува  од  рак и се здобие со покачување на телесната температура, должен е веднаш да побара лекарска помош. Ако се посомнева на зараза од  коронавирусот, пациентот е должен да го исконтактира својот лекар ли дежурниот епидемиолог.

Не одете директно кај својот лекар или во болница и следете ги упатствата што ќе ви бидат дадени.

Симптомите од заразата со корона вирусот се слични со симптомите на настинка и грип.  

Симптоми Корона вирус Настинка Грип
Грозница Вообичаено Ретко Вообичаено
Замор Понекогаш Понекогаш Вообичаено
Кашлица Вообичаено Умерено Вообичаено
Кивање Не Вообичаено Не
Болки Понекогаш Вообичаено Понекогаш
Течење од  носот  и  затнат нос Ретко Вообичаено Понекогаш
Воспаление  на  грлото Понекогаш Вообичаено Понекогаш
Дијареа Ретко Не Понекогаш кај  деца
Главоболка Понекогаш Ретко Вообичаено
Отежнато дишење Понекогаш Не Не

ОСТАНЕТЕ  ДОМА!

Оваа состојба треба да се сфати како општествен проблем. Треба да се подигне колективната свест и што е исклучително важно, да се почитуваат мерките и препораките од Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Светската здравствена органзација. Да се погрижиме за нашето здравје, здравјето на сите околу нас а најмногу да посветиме грижа и внимание на оние кои се најкритични. 

Оваа платформа е поддржана од Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство.