Меланомот е рак на кожата кој потекнува од меланоцитите, клетки кои го даваат пигментот (бојата) на кожата. Меланомот на изглед не секогаш може да се препознае на прв поглед и често промените се слични со вродените (од раѓање) или стекнатите бемки на Вашато кожа. Меланомот може да се презентира како точкасти/округли промени темно-пигментирани или како брзо-растечки розеви/црвени промени народно познати како тртки.

Секој може да заболи од рак на кожата, но некои луѓе имаат зголемен ризик за појава на меланом. Вие сте со зголемен ризик дотолку:
– имате кожа која е чувствителна на сонце;
– сте имале изгореници од сонце во текот на детството или често во текот на животот;
– поминувате долго време под сонце (поради работа или рекреација);
– имате повеќе од 50 бемки на вашето тело;
– некој во вашата фамилија имал рак на кожа, меланом;
– имате повеќе од 50 години.

Меланомот може да се појави на било кој дел од вашето тело, но најчесто се појавува на нозете и градниот кош. Може да се појави на местото на претходна изгореница, оштетена кожа или на неоштетена на веќе постоечки бемки (стекнати или вродени).

 

САМО-ПРЕГЛЕД НА КОЖАТА

За да ги забележувате промените потребно е да правите редовни само-прегледи на вашата кожа. Овој преглед е едноставен, трае неколку минути и треба да го правите барем еднаш месечно.
Пред да започнете потребно ви е ѕидно и рачно огледало, камера или лист хартија за да ги документирате промените кои ќе ги забележите.

Како да го препознаете меланомот?
Сите бемки на Вашето тело може да ви изгледаат слично, со иста форма или боја. Дотолку забележите нова бемка која е различна од другите треба да се посомневате дека е абнормална и веднаш да го посетите вашиот доктор и дерматолог.

Меланомот има своја азбука и треба да го следите ABCDE правилото кое ќе ви помогне на лесен начин да го индентификувате промените кои може да се потенцијални меланоми.

Одговорете на секое прашање кога ја опишувате промената:

А (асиметрија) – проверете дали промената е симетрична.

Б (граници) – како е ограничена од околната кожа? Дали е округла или пак со неправилни граници и форма.

Ц (боја) – дали промената ја менува бојата и забележувате две различни нијансии на боја?

 Д (дијаметар)дали промената е поголема од 6 мм во дијаметар?

Е (еволуција) дали формата, големината, бојата на промената се различуваат од првиот пат кога ја забележавте?

Поминете со прстите низ вашата кожа за да ги почувствувате сите промени и бемки кои ги имате, видете дали чувствувате болка, напипувате нешто сомнително или некоја нова лезија која до тогаш не сте ја забележале.

Немојте да ги игнорирате промените надевајќи дека ќе исчезнат, претпоставувате дека не е ништо сериозно, не чекајте да гледате дали ќе пораснат туку веднаш посетете го Вашиот доктор и дерматолог.

Последните години инциденцата на карциномите на кожа се зголемува. Според Светска Здравствена организација, 2-3 милиони луѓе годишно заболуваат од различни типови на  рак на кожа, од кои 130.000 од најмалигниот меѓу нив, меланомот.

Меланомот може да се лекува, раната дијагноза спасува живот!

Од своја кожа не се бега! Прегледај се!