д-р Горан Димитров

Клиника за гинекологија и акушерство 

Според Светската здравствена организација , во светот, на секои 2 минути умира една жена од рак на грлото на матката.

Што треба да се знае за ХПВ вакцината која го намалува ризикот од настанување на рак на грлото на матката ?
ХПВ вакцината претставува изум на 21-от век. Тоа е првата вакцина во историјата на медицината која индиректно, спречувајќи го заразувањето со Хуман папилома вирус, го спречува натанувањето на малогни болести.
Зошто е опасен Хуманиот папилома вирус (Human Papiloma virus HPV) ?
Одредени типови на ХПВ се онкогенични (високо ризични) т.е. доведуваат до настанување на малигни болести на одредени места од човечкото тело.

Кои фактори влијаат на појава на ХПВ инфекцијата?
ХПВ инфекцијата во аногениталната регија во најголем процент од случаите се пренесува по сексуален пат и кондомите не претставуваат 100% заштита за спречување на ширењето на инфекцијата. Жените кои што имаат повеќе бремености, повеќе партнери, кои што пушат цигари и имаат намален имунитет се под ризик за добивање на оваа инфекција и последователно развивање на оваа болест.
Што предизвикува ХПВ инфекцијата?
ХПВ инфекцијата предизвикува бенигни и малигни промени на повеќе места на човечкото тело, од обични брадавички во гениталната регија, на стопалата и рацете, до малигни заболувања (рак) на грлото на матката, вагината, вулвата, анусот, пенисот, како и малигни тумори на главата и вратот.
Дали ХПВ вакцината е безбедна ?
Употребата на ХПВ вакцините во студиите, почнувајќи уште од 1999 година, пред одобрувањето од Бирото за храна и лекови на САД, на 8.6.2006 година, во следствените студии подоцна, како и извештаите од системот за контрола на несакани ефекти VAERS (Vaccine Adverse Event Reporting System) покажуваат дека оваа вакцина е високо безбедна и дека не се регистрирани тешки несакани ефекти по нивна администрација.
Дали има можност од појава на несакани ефекти?
VAERS, која е специјална институција во САД за следење на негативните ефекти од вакцините, во своите извештаи нема никакви пријавени тешки несакани ефекти.
Кои лица може да бидат вакцинирани?
Препорачано е да се вакцинираат девојчиња на 12 годишна возраст, како и момчиња на 14 годишна возраст од речиси сите национални здравствени организации, СЗО и комитети за борба против ракот (со тоа што во некоиземји возраста може да варира).
По најновите препораки кај жените е можна вакцинација до 45 годишна возраст.
И покрај тоа што пациентката може да е заразена со некој од ХПВ типовите кои ги содржи вакцината, се препорачува вакцинација со цел создавање на имунитет против другите ХПВ типови содржани во вакцината.
Во јавноста има голем отпор за вакцинирање на девојчињата против ХПВ, кој е вашиот став ? Зошто е неопходно вакцинирањето против ХПВ?
Од секогаш, од првата вакцина имало одредени групи на луѓе или поединци кои од различни причини биле против вакцините. Вакцината против ХПВ, како што викаат поголем број од научниците, допира до неколку чувствителни сфери: рак, сексуалност, религија и политика. Меѓутоа, таа е осведочена како средство за спречување т.е. намалување не само на инциденцата на ракот на грлото на матката, туку и на други видови рак.
ХПВ вакцината е влезена во сите учебници во светот како пример за примарна превенција на рак на грло на матката, а секундарни се Папаниколау тестот и ХПВ типизацијата.

Имате ли информации какви се искуствата во Европа или во светот за ХПВ вакцинирањето ?

Покриеноста со ХПВ вакцинирање во развиените земји на Европа и светот се движи близу 100% (Швајцарија, Норвешка, Шведска и др.). За разлика од тоа, во Македонија највисоката покриеност (само кај девојчиња) од 65% беше достигната во една од изминативе години. Потребно е да се работи на подигнување на свеста и бјаснување на бенефитите од вакцините.
Марија Тасев