Поминаа пет години одкако ја започнав мојата најважна борба, борба за мојот живот. Случајно забележав едно мало топче на мојата десна дојка, но бидејќи беше во период кога прекинав со доење се убедив самата себеси дека тоа е последица на доењето и дека со тек на време топчето ќе исчезне. Но времето поминуваше а топчето си остана на исто место, па конечно после една година се решив да и кажам на мојата докторка и таа веднаш ме прати на ехо, иако сметаше дека се рабти за масно ткиво.

Кога направив ехо докторката ми кажа дека морам да направам биопсија и мамографија што за мене во тој момент беше неприфатливо, биопсија, игли, боцкање, сето тоа изгледаше премногу страшно за мене зато што до тогаш скоро и да не сум имала потреба да одам на доктор. Со малку убедување ги направив потребните испитувања и за жал резултатот беше канцер, нешто што не можев да замислам дека може мене да ми се случи. Така во 2015 година на мои 33 години започна мојата борба, борба за мојот живот. Се до тогаш не знаев ништо за ракот, немав никој близок што се соочил со таа болест со кој што можам да разговарам или да си дадам некоја утеха. Почнав да истражувам и добив премногу информации од кои се гледаше дека воопшто нема да биде лесно. Си ветив дека ќе се борам и на ракот ќе гледам како обична настинка која што мора да помине, си зацртав дека јас ќе ја поминам операцијата и се што следува после тоа колку и да е тешко, јас морам да издржам, мора да бидам силна затоа што дома имав некој на кој што му требав, мојата ќеркичка која што тогаш немаше ни полни две години. Ги направив сите испитувања што беа потребни, потоа следуваше операцијата, по препорака на мојот доктор во кој што имав целосна доверба направив истовремено и реконструкција на дојката и за среќа се помина во најдобар ред. Се надевав дека резултатите ќе бидат добри и ќе поминам без хемотерапија, но за жал вистината беше малку поинаква. Болеста беше во понапреден стадиум, имаше зафатено и лимфни јазли, па ми следуваа 8 хемотерапии, 24 зрачења, две години примав инексии золадекс, и пет години пијам тамоксифен. Воопшто не беше лесно, но со позитивна мисла и верба во Господ се поминува полесно. Никогаш не се запрашав зошто јас или зошто ова ми се случи мене, едноставно го прифатив како тест, тест на мојата сила и верба во Господ. Можам да кажам дека со поддршка на мојата фамилија и пријателите кои ги запознав на тој пат успеав да го положам тој тест затоа што одговорот е едноставен „Најтешките битки Господ им ги дава на неговите најдобри војници“.