Денес се случи тој момент кога една случка ме поттикна да напишам и јавно да се огласам во врска со она што ми се случи пред повеќе од една година. И каква коинциденција, кога го отворив лаптопот за да почнам да пишувам, на отворената страница на мојот Фејсбук профил се појави и фотографија што сум ја објавила токму на овој ден, пред една година, ден откако ја скратив косата на минимални два милиметрa за да ја намалам траумата од страшното опаѓање на косата што ми претстоеше како резултат на терапиите после операцијата од карциномот на дојка.

Но, да се навратам на претходната мисла. Имено, денес, кога влегов на час, спремајќи се да почнам да зборувам за уметноста на Месопотамија и Персија на часот по историја на уметност, ученичките ме пречекаа со кошничка од розови панделки од кои една ми прикачија на мојата кошула. Сакале да направат некој вид одбележување на месецот октомври посветен на борбата со карциномот на дојка. Признавам, не ми беше сеедно, напротив, почувствував како таа панделка да е наменета токму за мене, зашто јас сум паталецот, а не гаталецот. Малку се помислив, тоа траеше неколку секунди, а потоа одлучив да им кажам дека пред нив имаат примерок од лице кое поминува низ таа ситуација, па така, сега тие беа тие што беа затекнати, а не јас. Но, се разбира, целта не ми беше да ги изненадам или уплашам, напротив, да им кажам дека карцином на дојка не значи сигурна смрт, бидејќи еве, јас сум пред нив, исправена и силна и жива!

Да,кога ја слушнав дијагнозата пред повеќе од една година, првата помисла ми беше дека мојот живот завршил, но,животот не попушта така лесно, како што и лесно не се добива, па, така, после една недела страшни душевни маки, конечно прифатив дека токму тој убав живот што не се добива така лесно, мене ми донел една таква можност – да се справувам со толку тешка ситуација. Првиот чекор, без кој не може ништо понатаму да се случи во позитивна насока е прифаќањето. Најдов сила да се прифатам себеси во новонастанатата ситуација. Штом тоа се случи,  потенцијалната можност  за смрт почнав да ја доживувам многу полесно – ако дотогаш сознанието за смрт беше некаде далеку, сега беше до мене, мислам дека ја прифаќав како пријател или како блиска личност со која  споделувам иста постела. Се разбира, после тој момент имаше и редица други работи за прифаќање, како на пример, мачнините предизвикани од хемотерапиите, соочувањето со сопствениот нов лик без коса во огледалото, преживувањето на изменетиот тон и однос на поблиски и подалечни пријатели кои почнуваат да ве гледааат како да сте некој друг, а вие немате ниту сила ниту начин да им покажете дека сте вие истата и дека и понатаму можете да се смеете и радувате на животот, па дури и повеќе од претходно зашто токму соочувањето со оваа ситуација ве направило да бидете свесна за вредноста на секој преживеан момент, така што повеќе не ви се потребни ниту зен приказни ниту егзистенцијалистичка филозофија за да го разберете тоа, бидејќи едноставно го живеете. А во мојот случај, со оглед на тоа што моја сфера на интерес е современата уметност, особено концептуалната уметност, сето ова го доживеав како да сум дел од некој од моите перформанси. Веројатно конечно го почувствував моментот што го барав цел живот со многуте уметнички проекти – art is life, life is art.

И на крај, ова што ми се случи ми даде нова можност за поинаков живот. Всушност, ист, но гледан од друга перспектива. Сега тоа веќе не е ни перспектива туку е повеќе кубистички агол на гледање во кој се вклопија сите мои најважни точки без кои немаше да успеам во оваа битка која трае цел живот. Тие точки низ кои се удираше мојот нов светоглед беа: мојата ќерка, мојот син, мојот сопруг, мојата сестра (со нејзиното семејство), некои од најблиските роднини (не повеќе од две) и некои од блиските пријатели (не повеќе од три). Тој нов светоглед ги  има нив како патоказ, како водич низ животот во кој не вреди ништо доколку во себе не ја чувствувате двојната свест за тоа дека крајот на животот е составен дел на самиот живот и дека токму тоа е главниот порив за реално достигнување на чинот на живеењето- сега и овде. Бидејќи еднаш се умира, но секој ден се живее, нели?

Билјана Исијанин

октомври 2019