Како мало девојче не се грижев за животот кој ми следи. Имав болно и чудно детство. Детство во кое другите деца ме гледаа поинаку. Следните 30 години, паѓав, станував, се сопнував и имав искушенија кои ми се наоѓаа на мојата патека и со голем труд и верба ги поминував. Имам многу неостварени желби, кои се трудам самата да ги исполнам. Некои се исполнети, некои се уште чекаат. Не барав да ми тропнат на врата, да отворам, па да се израдувам како мало девојче кои ме чекаат на прагот. Самата се трудев да си ги остварам. Но, има нешта кои и не се очекуваат откако ќе ти тропнат на врата, а ние сепак ќе отвориме и ќе влезат во нашите животи. Животов ми стана борба. Борба која неколку пати ја победував и се уште ќе ја победувам. Му се молев на Бога да ме чува, дури и кога ми е најтешко. Но, сепак и му се заблагодарувам што ме чувал и што не ме напуштал во најтешките моменти. Секако, се уште го правам тоа. Исто така посакувам да ги чува оние кои беа покрај мене. Знаат кои се тие, откако ќе го прочитаат ова. Пред се најмногу ни е потребна вербата. Вербата во себе. Без неа, се уништуваме. Многу пати ја имав изгубено вербата во себе, но сепак ја враќав. Како? Кога ќе се навратам назад низ скоро се што сум поминала, тогаш сфаќав колку силна личност бев. Знам дека сум се уште. И ќе бидам! Можеби сум нежна срна однадвор, но верувајте имам силно змејско срце одвнатре.

Животот е како огледало во кое се што правиме се рефлектира назад кон нас. Можеби ние не можеме да ја препознаеме таа рефлексија и на моменти да се сокрие. Можеби ни требаат години и години за  да го забележиме тоа додека животот ни тече. Сите имаме искушенија во животот, а ние самите одлучуваме како ќе ги поминуваме. Така учиме за наредните кои ќе доаѓаат на нашата животна патека. Бидејќи така некогаш победуваме, а некогаш учиме.

Научив дека храброста не е отсуство на страв, туку триумф над стравот. Храбар човек не е оној кој не чувствува страв, туку оној кој го победува стравот!

Животот ме научи да бидам борец и да им покажувам заби на оние кои тоа го заслужиле. Научив дека на луѓето никогаш не можеш да им ги задоволиш барањата. Секогаш ќе се најде нешто што нема да им биде по волја. Туѓите мислења се само мислења, а не правила по кои што морам да живеам!

Пред се, дознав дека во животот треба борба. Затоа овие години животот ми беше борба. Сакам живот за оние кои што се борат,  сакам снага за оние кои што патат и пред се сакам здравје за сите. Напред розово.

Верче Милановска – Скопје