Залез на лето, лето незаборавно. Нема темни облаци да навестат громови на душа. Беше мирно и тивко. Сон како од бајките. Но, ете бурата непоканета надојде и однесе со себе се што доживеав дотогаш. Се сеќавам како вчера да беше, а толку многу сакам да заборавам. Болничка соба, како низ магла ги гледам лицата со мене. Срцето ми се скаменува, крвта ми заледува додека ми се соопштува мојата дијагноза. Господ ми е сведок колку солзи пролеав. Жив оган ми ја гореше душата. Се чувствував како срна оставена од мајка си. Со поглед ги барав погледите на саканите. Сакав да се сокријам во нивната прегратка. Мислев полесно ќе е така…

Живот… Казна ли е ова? Или избрана сум да одам по трнлив пат и тој пат морам да го изодам сама. Душата ми беше скршена, а телото непослушно. Сивилото се вгнезди во моето срце. Кога и да погледнев околу мене, се беше темно. Погледнав одново и одново. Всушност, тогаш не сватив дека јас сум светлината.

Во тие мигови, избрав само едно: да верувам во животот, во секој нов ден, да се радувам на дождот, да танцувам со саканиот, да ја галам косичката на мојата малечка, да им простувам на ближните. Ги избрав месечината и ѕвездите. Ја избрав подадената рака на мајка ми, сестра ми, на мојата пријателка…Од денот кога го избрав животот се чувствувам како да градам храм на светлината одново и одново. Цветам во сите годишни времиња. Душата ми е вечна пролет. Одново и одново цветаат цветовите на мојата младост. И сега е се полесно. Нема безброј прашања, нема лутање низ темнината. Сега се е поинаку. Се прашувате како? Бидејќи ја избрав светлината на секој нов ден и почнав да жиеам токму оној ден кога згасна летото, а за мене всушност тоа беше почеток на вечната младост. Сега трчам боса низ градината со лалиња, ставам венче од жолти цветови на мојата коса. Избрав мирис на малини, мирис на нарциси и орхидеи. Избрав дождот да ми ја наводени косата, а ветрот да ми ги зарумени образите. Го избрав мирното езеро на мојата душа и сјајното сонце високо на хоризонтот. Избрав љубов, среќа и радост. Мечти, соништа и безброј патувања. Наспроти смртта, јас го одбрав животот.

Еднаш еден мудрец ми рече: Само еднаш во животот се плаче од среќа. Тогаш не ги разбрав неговите зборови…Но, сега тие зборови се химна на мојата младост. Мојата среќа беше во оној миг кога избрав да живеам, иако бев како срна ранета. Сега разбрав дека тие солзи ми ја однесоа сета тага и страв. Однесоа со себе се што ме убиваше полека и ми донесоа мирна река низ која пловам и пловам неуморно и ќе пловам до судниот ден.

Понекогаш, доцна во ноќта кога сите спијат и кога се е тивко, погледнувам наназад. Само се насмевнувам. Среќна сум што се пронајдов себе си, бидејќи толку многу се имав изгубено во сопствените мисли и битки. Сакам да надоместам за сите казни и измачувања што мислев дека ги заслужувам и ги преживував. Тоа е мојата победа. Она што ме повреди, всушност беше мојот благослов. Темнината ми беше мојата свеќа во ноќта. Сега како никогаш порано, се издигнувам високо на пиедесталот на животот и таму ќе останам уште долго, долго… Веќе не тагувам, бидејќи се што изгубив ми се врати како мелем за раните. А, низ раната всушност продре светлината која толку многу ми беше потребна. Таа светлина ми го покажа патот до мојот дом. Сега го живеам животот како се’ да е во моја полза.

Веќе надоаѓа зората, а стиховите на мојот Руми како ехо ми одекнуваат низ мислите: “лекот за болката се наоѓа токму во болката”. О, Руми? Дали некогаш низ вселената ни се вкрстиле патиштата и ми ги услиши сите молитви??? Ја оставам мојата омилена книга со сини корици и нурнувам во мојата постела и мирно заспивам бидејќи сега сум знам дека животот е толку многу убав.

Сите ние одиме по тенка жица и крајот е ист за сите. Разбрав дека сите ќе ја почувствуваат смртта, но само неколку ќе го почувствуваат животот. А, за сите нив ќе цвета вечна пролет.

Текстот е посветен на сите кои несебично ми ја дадоа својата поддршка за време на моето лекување, а чија поддршка трае до денес. 

Им благодарам и неизмерно ги сакам. 

Даниела Христовска