Животот е убав. Прекрасна е среќата што ни ја носи секој нов ден.И тешкотиите се добри учители-не прават посилни.Се е минливо,и доброто и лошото.Само времето е вечно.Дали ќе го живееме ,или бесцелно ќе го трошиме,зависи само од нас.Судбината сами си ја кроиме и управуваме со неа.

Соочување

Пред една година на рутински преглед на дојките, радиологот рече:

-Имаш тумор, под итно е потребна биопсија!

Добро-си реков, тумору- ќе те сметам како дел од мене.Ќе се договорам со докторите што да ти правиме-гост ли си или натрапник.

Вистината

-Жалам, имам лоша вест,имате инвазивен карцином на десната дојка!-радологот шеташе со погледот од мене до мојот сопруг.Шок.Време за одлука.Ги голтав солзите,но успеав да донесам одлука да се оперирам.Средбата со хирургот ми донесе надеж дека се ќе биде во ред.

Болница

Ги мразам болниците. Периодот што го поминав таму,сакам да го заборавам.Операција,реоперација нареднот ден.Не ми дозволуваат да станам.Неми погледи на моите најблиски,ненавикнати да ме гледаат слаба, немоќна.Токму немоќта најмногу ме иритираше.Море солзи исплакав,ама таа не заминуваше.Немоќта си остана со мене во болницата.Но,не ја однесов дома.Стисокот на раката на мојот хирург ми даде сила да се соочам со животот.Со вистината.Со семејството.Со околината.

Дома

Не бев доволно способна да ги извршувам секојдневните работи.Барав помош- јас за која не постоеше никаква препрека.Сопругот-типичен балкански маж,беше позбунет од мене.А тој требаше да стане моја потпора.Со заеднички напори ги совладувавме фазите на моето лекување.Одевме по цик-цак линија.Плачење,караници,недоверба.обвинување,извинување,загорени ручеци…..имаше се во тие денови кои минуваа во месеци.

 

Онкологија

Клиниката за Онкологија ја доживеав како најстрашното место на светот.Многу лица на кои се читаше болка,страдање.Но и луѓе кои изгледаа сосема здраво.Значи.јас ќе бидам како здравите-си реков.Прифатив хемотерапија.Е,тоа било одење по маките.Останав без коса.Ги губев женските епитети.Си правев шеги на моја сметка:

-Ја паметите ли Милена Дравиќ во „Битката на Неретва“ кога беше без коса?Домашните на шега ме викаа„ глобус“.Не сум била свесна колкави уши имам!-велев на шега.Токму смислата за хумор ми донесе олеснување.Си ја кажуваш болката на прифатлив начин.Си го чував детето во мене.нежно си го лулав додека плачеше.Не му дозволував да биде тажно.

 

Студот

-Нека е со лесно-рече докторката и ме упати на хемотерапија која траеше пет часови. По неколку денови се преселив во Земјата на студот.Морници ми лазеа по телото,нозете ми беа ладни, вкочанети,низ вените ми течеше ледена крв.Потоа,подобрување.Средби со пријателки,со сестра ми.Таа ми беше најсилната потпора.Со пријателките по болка си ги споделувавме маките.Си ги лижевме раните како ранети животни.Секоја средба завршуваше со надеж дека ќе бидеме подобри.

Болката ме направи лоша. Обвинував копајки по минатото.Читав се што ми дојде под рака-мислев така ќе дојдам до вистината.Се заробив во лавиринтот на сопствените чувства.Поривот за живот ме принуди да се преиспитам . Знаев дека грешам.

Простувањето

Си простив себе си.За непоставените граници,за неисполнетите соништа,за огорченоста која се претвори во демон кој владееше со мене.Им простив на сите.И на најблиското семејство,и на оние кои ме изневерија.Им простив за да заборавам.Се чувствував возвишено,леснотија ме мамеше да се претворам во пеперутка.И бев пеперутка.И сега сум.Но нема да живеам само денес.Секој ден,секој миг,му се радувам на животот.Станав благодарна.За се што ми носеше мојот нов живот.Се чувствував како вулкан од кој се лее сила.Сила која ми помагаше да ги совладам физичките и емоционалните препреки.Си поставував задачи и успешно ги завршував.Бев бескрајно среќна и исполнета.

Денеска

Ќе ги поместам стрелките на часовниците-почнува зимското сметање на времето. За мене не доаѓа зимата. Пролетта се раскрилила во сета своја раскош. Ја обоила природата во розово.Розово е небото,облаците,птиците…..Розова е и мојата душа.Моето срце полно со љубов и добрина. Моето херојско срце што ги совладува препреките.

Розово-те сакам,розово……

Јулијана Тричковиќ